Извини како збор можеби не е од големо значење, но вредноста на чинот на извинување е голема. Извини може да сочува пријателство и да создаде момент на добро расположение кај човекот на кој што му се извинуваме, истовремено давајќи му до знаење дека се грижиме и се покајуваме за нашата постапка со која што сме му наштетиле нему. Постои и извини кое што е без искрена намера, понекогаш испратено со иронија, а во тие случаи извини е ништо повеќе од збор. Букет цвеќиња и серенади под прозор можат да бидат форма на извинување упатена кон изневерената девојка, а зад нив да не постои никаква искреност, само добро платени цвеќиња и свирачи. Додека од друга страна, постои и едно друго извини кое доаѓа длабоко од човекот и може да значи многу, не само за личноста на која и се извинуваме, туку и за нас, постапка која ни дава до знаење дека ги согледуваме грешките и се каеме за истите.