Претресени се сите куќи, штали и околниот терен, но за жал нема резултати. А1 се обиде да направи реконструкција како можела да се изгуби Ангела на пат за дома.
Таа била на гости во една куќа, седела во дворот додека комшиите нижеле тутун. Посакала да си оди и излегла низ портата кога комшиите ја виделе последен пат.
„Овде седеше со столчето детенцето, сакаше да си оди, стана и си замина, не може за 15 минути детето да исчезне од селото“, изјави Менче Иваноска, сосетка која последен пат ја видела Ангела.
Откако ќе излезеш од портата патот веднаш се дели на три дела. Доколку Ангела тргнала по средниот пат, тој излегува на главната улица во селото кај чешмата, пат кој потоа води директно во нејзината куќа.
Доколку таа тргнала по левиот пат низ треви и грмушки, тоа патче од 30 метри покрај куќите повторно се приклучува на главната улица.
А, доколку тргнала во десно, патот оди покрај училиштето и води кон црквата, каде и се губат трагите.
Кучињата ја следат трагата на Ангела до црквата, потоа трагата мистериозно исчезнува, дали ангела дошла тука, зошто не се движела на кај дома, и зошто трагата исчезнува токму на ова место полицијата до сега нема откриено.
Кој пат го одбрала Ангела, каде заминала, дали трагите кај црквата се стари од пред исчезнувањето, дали од тука Ангела е качена во некое возило, полицијата засега нема одговор. Испитани се сите жители на Дуње и околните места.
„Немаше различни одговори од оние кои што се совпаѓаат едни со други, немаме индиција дека некој од жителите крие нешто“, вели Љупчо Тодоровски, директор за јавна безбедност.
Денеска по Ангела е распишана и меѓународна потерница. Над 2.500 нејзини фотографии ќе бидат поделени низ Македонија со податоците дека носела бела блуза со карта на Македонија во црвена боја, сини тренерки и розеви чевли.