Убава тема, мора да се сложам. Каминот претставува еден од централните елементи за уредување, како во европската, така и во македонската традиционална архитектура. Уште неимарите, во нивниот најголем подем на градителство низ Македонија, во секоја куќа вградувале камин, во централната, најголемата, таканаречена „зимска“ просторија. Самата просторија ја нарекувале „куќа“ (како посебна соба), најчесто се наоѓала на првиот кат, а огништето било залепено (најчесто) до северниот ѕид, на вертикална секција од ѕидан камен која продолжувала од приземниот (камен) дел, кон горните, бондручни делови на куќата.
Топлината од природниот оган, се смета како најефикасна и најинтензивна, поради комбинацијата на зрачења кои се испуштаат од огнот при неговото горење... Природниот оган, покрај тоа што најбрзо затоплува просторија, тој продира во структурата на ѕидот и дел од топлинската енергија му предава нему, како на привремен термички акумулатор. Подоцна, во периодот кога нема да има оган, ѕидовите ја враќаат топлината назад во просторијата, не дозволувајќи нагло ладење на истата.
Во однос на прашањето од анкетата, мој личен избор се современи изработки на камини и отворени огништа, централно поставени и комплетно транспарентни - повеќе поради доловување на барана естетика, одколку поради греење како порано. Сепак, покрај позитивните карактеристики, природниот оган добиен од огревно дрво е скап и нееколошки, а во денешно време постојат многу други конвенционални и алтернативни методи за затоплување.