Немаш пасош - нема назад!
Македонските иселеници од Австралија кои, по престој во нашата земја, сакале да се вратат дома се соочиле со проблеми со патните исправи
Немаш пасош, нема назад - е заканата со која се соочувале македонските иселеници од Австралија кои деновиве, по престој во нашата земја, сакале да се вратат дома. Ова искуство од блискиот контакт со татковината деновиве е топ тема во иселеничките медиуми во Мелбурн, Сиднеј и Перт, а протестно писмо било упатено и до МНР под наслов „малтретирање на скопскиот аеродром“. Повод е новиот закон во Македонија со кој од иселениците се бара, и кога ќе дојдат во земјава со странски пасош (бидејќи по правило имаат две државјанства), да не можат да излезат од земјата ако на враќање не покажат дека имаат и македонски, иако Австралија и Македонија меѓусебно ги признаваат двојните државјанства.
„Вие во Австралија се правите многу паметни. Мора да извадите македонски пасош, инаку ќе платите казна од 300 евра“, според еден од иселениците била заканата што му била упатена од полицијата на аеродромот „Александар Велики“, кога со сопругата сакал да си замине од Македонија. Тој бил принуден да се врати назад и да извади пасош по брза постапка (нешто што чини 80 долари), да извади друга карта за Мелбурн, а кога се вратил го изгубил и работното место бидејќи не стигнал на време да се јави во фирмата. Овој случај сепак е драстичен, зашто повеќето наши иселеници поминале со предупредувања дека следен пат нема да можат да излезат од Македонија, а некои потпишувале формулари со кои се одјавувале од жителствата во земјава.
Од МНР велат дека законот не е новина и дека три години им го објаснуваат на иселениците, но дури годинава се сетиле да отпечатат илјадници флаери со кои на влегување во Македонија ќе добијат известување дека или треба да се одјават од живеалиште тука (ако се пријавуваат како австралиски државјани со таков пасош), или да си извадат наш патен документ за да излезат од земјата. „Ние мораме да пуштиме наш државјанин да влезе во Македонија, но не и да излезе ако има тука адреса, а нема македонски пасош. Тој проблем прво го имавме со носителите на македонски и бугарски пасош, а сега со него се соочуваат иселениците од Австралија“, велат од МНР. Според нив, Македонија е обврзана да спроведе ваква постапка што ја наметнува шенгенската регулатива, односно тоа го бара од нас ЕУ бидејќи е стандард во Европа. Поедноставно, според нашите толкувања, не можеш во исто време да имаш формална адреса и во Австралија и во Македонија, иако е апсурд исто така да тргнеш на одмор во татковината и да го поминеш вадејќи документи.
За македонските иселеници овој закон е нелогичен и неприменлив, а начинот на кој се применува (некои плаќаат казна, некои се враќаат, а некои само се предупредуваат) е дискриминаторски. Според коментарите на тамошните медиуми, наспроти силните зборови за приближување на дијаспората што доаѓаат од нашите власти, на граница им се случуваат скандали и малтретирања. Еден од медиумите предупреди дека со оваа практика ќе се појават „пукнатини во релациите меѓу двете татковини и ќе спласне ентузијазмот за посета на Македонија“. Немаш македонски пасош, не те сака татковината - е коментарот на оваа ситуација во еден од медиумите, со потсетување дека до оваа година за иселениците не постоел ваков проблем. „Доаѓаат стари луѓе од седумдесетина години, некои што со години не биле во Македонија. Доаѓаат и втори и трети генерации од нашите иселеници, а некои никогаш не стапнале во нашата држава. И, вие ги дочекувате на ваков начин, па се разбира нивната реакција е збогум Македонијо, повеќе не доаѓам“, коментира еден наш иселеник. Лани од Австралија директно во Македонија дошле 11.700 наши иселеници со австралиски пасоши, а владата деновиве најави директен лет преку Дубаи со кој ќе им го олесни патувањето кое е едно од најдолгите дестинации на планетава. Тие се прашуваат - што фајде има Македонија од ваквата одлука и зошто им одмага место да им помага, уште повеќе што кога би патувале само со македонски пасош ќе мораат за враќање дома во Австралија да вадат австралиска виза.
Инаку, според првите податоци од пописот во Австралија минатата година на овој континент живеат 93.570 граѓани со македонско потекло или десет илјади повеќе од претходниот попис пет години наназад, а над 68.000 од нив зборуваат дома македонски јазик. Од нив 40.222 се родени во Македонија, а 2.856 во Грција. (С.Ј.)