Што вели Библијата за улогата на Марија, мајката на Исус?
Марија мајката на Исус има епизодна, измешана улога во Светото Писмо. Прво што станува јасно на секој читател на Новиот завет е дека таа игра навистина многу кратка и епизодна улога.
Впрочем, Марија не е ниту спомната во писанијата на Апостолот Павле, Петар, Јаков, Јуда, Јован. Исто така, во Евангелието по Марко и во Евангелието по Јован таа не е спомнато нејзиното раѓање на Исус Христос. Зар е можно Марија да има толку значајна улога во животот на црквата и на христијаните, а сите овие Библиски писатели, Апостоли и Евангелисти да не ја увидат таа нејзина важност?
Второто што е интересно е дека Марија, таму каде што е спомната, не е опишана во суперлативи, туку најчесто е критикувана. Во целото Свето Писмо опишани се само 6 случки од животот на Марија, а во три од нив, таа е укорена од Исус. Еве ги тие случки:
(1) Раѓањето на Исус
(2) Принесувањето во храмот (како бебе)
(3) Одењето во храмот (како дете)
(4) Свадбата во Кана
(5) Доаѓањето при проповедта на Исус
(6) Пред Исусовиот крст
Во три од овие случки (под редните броеви 3, 4 и 5) Марија е укорена од Исус заради нејзиното слабо разбирање на духовните вистини. Еве ги тие моменти:
3. (Доаѓањето во Храмот, Лука 2:43-50) „По празникот, тие тргнаа дома, а Исус остана во Ерусалим без знаење на Неговите родители. Мислејќи дека е некаде меѓу патниците, тие патуваа цел ден, барајќи Го меѓу роднините и пријателите. Бидејќи не Го најдоа, се вратија во Ерусалим да Го бараат таму. По три дена Го најдоа во храмот, каде што седеше со еврејските учители, ги слушаше и им поставуваше прашања. Сите што Го слушаа беа одушевени од Неговите умни одговори. Кога Го видоа, Неговите родители се изненадија, а мајка му Му рече: „Зошто ни го направи тоа, чедо мое!? И татко ти и јас се изнамачивме барајќи Те!“ Тој им одговори: „Зошто сте Ме барале? Зар не знаевте дека Јас треба да бидам во служба на Мојот Татко!?“ Но тие не го разбраа Неговиот одговор.“
Уште во првиот дијалог запишан во Библијата меѓу Исус и Марија, станува јасно дека Марија нема разбирање за духовната служба на Исус, и е укорена заради тоа.
4. (Свадбата во Кана, Евангелие по Јован 2:3-4) „Кога виното се потроши, мајка Му на Исус Му рече: „Им снема вино!“ „Зошто ме вовлекуваш во ова, жено?“ - и одговори Исус. „Моето време се уште не е дојдено!“
Впечатлив е остриот тон со кој Исус и се обраќа на Марија, дури нарекувајќи ја „жено“, наместо „мајко“.
5. (Доаѓањето при проповедта на Исус, Матеј 12:46-50; Марко 3:32-35; Лука 8:19-21) „Тогаш пристигнаа мајка Му и браќата на Исус. Стоејќи надвор, тие испратија некого да Го повика. Токму тогаш околу Него се беше насобрал многу народ и некои меѓу нив Му рекоа: „Ене ги надвор мајка ти, браќата и сестрите Твои и Те викаат!“ А Тој им одговори: „Која ми е мајка и кои ми се браќа и сестри?“ Покажувајќи на седнатите околу Него, додаде: „Еве ги мајка Ми и браќата Мои! Секој што ја извршува Божјата волја ми е и брат и сестра и мајка!“
Повторно гледаме една интересна конфронтација меѓу Марија и Исус, каде што Исус и става на знаење дека вистинското Негово семејство се духовните браќа и сестри, а не крвните роднини.
Освен овие три случки, запишан е уште еден дијалог со Исус, во кој се спомнува Неговата мајка (иако не била присутна во тој момент). Всушност, една жена доаѓа кај Исус воодушевена од Него, но заради тоа ја благословува мајката на Исус. Еве го дијалогот во целост:
„Додека Исус го кажуваше ова, од народот се огласи една жена, и рече: „Благословена е жената што Те родила и одгледала!“ Тој и одговори: „Уште поблагословени се оние што ја слушаат Божјата порака и ја спроведуваат во дело!““ (Лука 11:27, 28)
Уште еднаш се гледа дека Исус не и придавал никакво посебно значење на Марија како Негова мајка, туку напротив повторно ја приземјува нејзината улога, велејќи дека поблагословен од неа е секој послушен христијанин.
Се разбира, не е важно само тоа што Библијата и Исус го велат за Марија, туку важно е и тоа што НЕ го вели. Никаде во Светото Писмо Марија не е наречена Владичица, Пресвета, Пречиста, Спасителка, па дури никаде не е наречена ниту Богородица. Овој факт не смее да се занемари. Исто така, никаде не се спомнати молитви кон Марија. Никаде ниту Исус, ниту Апостолите, ниту Евангелистите не напишале дека треба да и се молиме на Марија. Напротив, во Светото Писмо се осудува секоја молитва која не е упатена кон Бог.
Никаде во целото Свето Писмо (Библијата) не е запишано ниту едно чудо кое Марија го направила. Дури, гледаме дека при свадбата во Кана, таа го молеше Исус да направи чудо. Зошто би го молела, ако самата имаше таква моќ? Зошто самата не ја претвори водата во вино?
Никаде дури не е запишано ни дека останала Девица по раѓањето на Исус. Има барем три стихови кои сугерираат дека после Исус, Марија имала и други деца. На пример, во Евангелието по Матеј 12:46 учениците му велат на Исус:
„Еве, мајка Ти
и Твоите браќа стојат надвор и сакаат да зборуваат со Тебе.“ Матеј 12:46
Исто така, при враќањето во Назарет, неговите жители си зборуваат меѓу себе:
„Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка му не се ли вика Марија,
и браќата негови- Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас?“ Матеј 13:55-56
Третиот стих е исто така интересен. Во него се вели:
„И (Јосиф) не се доближи до неа,
додека таа не Го роди својот
првороден Син и Го нарече Исус.“
Матеј 1:25
Од овој стих јасно се гледа дека Јосиф не се "доближил" до Марија т.е. немал однос со неа
додека таа не го родила Исус, што алудира на тоа дека потоа Јосиф се доближил до неа. Инаку стихот би гласел „
никогаш“, а не „
додека“.
Исто така стихот не вели "
единороден", туку "
првороден", што алудира на тоа дека по Исус следеле и втородениот, третородената итн.
Ако Исус бил единствен син на Марија, ќе бил наречен Единороден, како што за Исус често се вели кога е во релација со Бог Таткото, а никаде кога е во релација со Марија. Значи Библијата секаде вели дека Исус бил
првороден на Марија и
единороден од Отецот.
Едноставно, Светото Писмо вели дека Марија „нашла милост пред Бог“ (Лука 1:30) за да биде родилка на Исус. Штом е заради милост, јасно е дека не е заради заслуги. Исус никаде во своите бројни проповеди не рече дека Марија е одличен пример, никаде не спомна ниту дека треба да и се молиме.
Како постапувале раните христијани кон Марија?
Освен Библијата, интересно е да се забележи и дека раните христијани не и придавале никакво посебно место на Марија.
На пример, нема никаква потврда од најраните историски записи, дека со телото на Марија се случило било што мистериозно. Нејзиниот гроб (иако не е научно верифициран) најверојатно се наоѓа во Ерусалим, спротивно на тврдењата дека живеела и умрела во Ефес (денешен Измир, некои 1500 км подалеку). За тоа време, нечуено е мртво тело да се пренесува на толкава огромна оддалеченост пред да биде закопано.
Најраните шпекулации и измислувања на неточни приказни за животот и смртта на Марија се појавуваат тек околу 5 века после нејзиниот живот. Се започнува со дебатата на Третиот Вселенски Собор (431 г.) околу тоа како да се нарече Марија: Христородица или Богородица? Во таа дебата, во која христијаните биле остро поделени, преовладува мислењето дека зборот Христородица може да имплицира дека Христос не е Бог и затоа е подобро да се каже Богородица. Забележително е од документите на овој Вселенски Собор, дека темата не била Марија, туку Исус. Заради почитта кон божественоста на Исус, христијаните од 5-тиот век не сакале да остават никаков сомнеж дека тој навистина е Бог. Кирил Александриски кој го застапувал гледиштето дека треба да се користи терминот „Богородица“, јасно истакнува дека овој збор не имплицира ништо за природата на Марија, туку единствено имплицира нешто за природата на Исус.
Но оваа несмасна терминологија, која за прв пат се користи за Марија, ќе биде вешто искористена од спрегата на политичката-црковната власт, која ќе сака христијанството да го направи единствена религија во Римската империја. Наместо да ги искоренуваат паганските божици од свеста на варварското население, тие смислиле навидум Соломонско решение: наместо паганските божици, сега луѓето ќе можат да ја светкуваат христијанската Богородица.
Зачудува фактот што се до 6-8 век, немаме никакви записи за наводното чудесно раѓање на Марија, за нејзиното наводно вознесение, ниту за нејзините чуда. Зар е можно во првите 6 векови (оние кои биле најблиску до самите случувања) никој од раните христијани да не запишал дека Марија имала безгрешно зачнување, дека имала чудотворна моќ, дека не умрела туку се вознела на небото? Зошто ова не го наоѓаме ниту во списите на Иринеј, ниту Тертулијан, ниту Августин, ниту Ориген, ниту Јован Златоуст, ниту Јероним, ниту во ниту еден од раните црковни мислители?
Зошто дури имаме и спротивни изјави, како онаа на Кипарскиот Митрополит и светец според Православната црква Епифаниј, кој во 377 година запишал дека „никој не знае како завршила Марија“? Ако никој не знаел се до 377 година, како тоа некој „дознал“ во 600 или 700 година? Јасно е дека записите од 6-8 век за животот на Марија се фалсификати, бидејќи тоа би било слично како ние денес да пишуваме за животот на царот Самоил, кои претходно никој не ги запишал!
Дали е оправдано да се продолжи со молење и обожување на Марија?
Штом е јасно дека во Светото Писмо Марија игра епизодна и честопати негативна улога, а исто така е очигледно и дека раното христијанство 600 години не ја обожувало Марија, тогаш оправдано ли е ние денес да и се молиме и да ја обожуваме?
За оние кои сакаат да бидат доследни на учењето на Христос, на Евангелистите и на Апостолите, како и на праксата на раните христијани, одговорот е едноставен: не! Ние можеме да продолжиме со праксата на молење кон Марија, но само со претходната свест дека сме отстапиле од вистинското христијанско учење и сме прифатиле лажни учења од средниот век.
Сепак жално е што некои христијански служители продолжуваат да го промовираат култот на Марија, бидејќи претставува еден од најдоходовните приходи. Но со ова тие прават опасен грев и преседан: бидејќи наместо чистата Божја наука, тие проповедаат исклучиво заради своја материјална добит.
Особено одвратни во Божјите очи се празниците посветени на Марија, кои во нашиот народ се претворени во најобични панаѓури. Луѓето наместо црквите да ги користат како места на кои можат да се поучат за Бога, да му се помолат и да го обожуваат, тие одат за да си купат гаќи, чорапи, влечки, амајлии, за да се нагостат и напијат. Гнасно е Божјиот дом да се претвора во стоковна куќа или во кафана.
Се надеваме дека овој напис ќе даде свој скромен придонес кон освестувањето на македонската јавност од искривената претстава што ја имаме како Македонци за Марија, како и враќање кон искрената и чиста вера проповедана од Христос и од Апостолите.
Извор:
http://www.veronauka.com.mk/osvrt/marija.html