Сончањето, сепак, е здраво!
И покрај долгогодишните предупредувања дека сончањето е штетно за луѓето, поради продирањето на ултравиолетовите зраци, сега научниците велат дека умереното изложување на сонце на човекот му дава сила и виталност, му го подобрува расположението, ги јакне коските, го намалува ризикот од дијабетес и го спречува ракот
Со децении лекарите нé уверуваа дека треба да го избегнуваме сонцето. Колку помалку, толку подобро - гласеше нивната девиза. Меѓутоа по сé изгледа тоа сепак не е сосема точно, бидејќи сончевата светлина е од животно значење за човекот. Според најновите откритија, умереното изложување на сонце на човекот му дава сила и виталност.
Во САД и во Европа неодамна се спроведени сеопфатни истражувања, чии резултати јасно покажуваат дека на едно лице што умира од рак на кожа има околу 50 од оние што поради недоволно изложување на сонце умираат од други видови рак. Но правилното дозирање на изложеноста на сончевите зраци не го штити човекот само од одредени видови рак. Факт е дека во јужните земји има значително помал број заболени од дијабетес, хипертензија и реума, а научниците сега знаат и зошто. За заштита на организмот неопходен ни е витаминот Д, кој ни го дарува сонцето. За благотворното дејство на овој витамин од ден на ден дознаваме сé повеќе. Деведесет отсто од дневните потреби од него за организмот ги произведува кожата, а овој процес е можен само под дејство на ултравиолетовите зраци.
Но колку всушност е здраво сончањето? Стручњаците сметаат дека без заштитен крема секојдневно би требало да се изложуваме по 10 минути на силно сонце, а 20 минути на сонце зад облаци.
СОНЦЕТО ГО ЗАСИЛУВА ИМУНИТЕТОТ
Американските научници дури неодамна открија дека луѓето што имаат доволно витамин Д се помалку подложени на настинки. Сончевиот витамин ги јакне одбранбените сили на организмот и ги активира клетките што ги уништуваат вирусите. Меѓутоа овој витамин може да направи уште многу повеќе: кога имунолошкиот систем се бори против вируси и бактерии во дишните патишта, така што предизвикува разни воспаленија, тој всушност ја поттикнува способноста на самолекување на организмот. Така се намалува ризикот од хронични воспаленија на синусите или од бронхитис. Научниците неодамна докажаа дека и сонцето го јакне ослабениот имунитет и помага да се спречат бурните реакции на имунолошкиот систем, кои, на пример, предизвикуваат реума.
ШТИТИ ОД ДИЈАБЕТЕС
Колку помалку сме изложени на дејството на сончевата светлина, толку е поголем ризикот од појава на дијабетес. Особено во северните земји бројот на заболените постојано расте, а научниците утврдија зошто е така. Со помош на сончевата светлина, односно на витаминот Д, кој се лачи под нејзиното дејство, панкреасот произведува доволно количество инсулин, задолжен за транспортот на шеќерот од крвта во клетките. Кога ќе дојде до нарушувања во овој процес, нивото на шеќерот во крвта расте, а тоа на подолг рок може да предизвика појава на шеќерна болест, односно дијабетес.
СПРЕЧУВА РАК
Еве една добра вест за жените: доволното количество витамин Д во крвта во менопаузата ги штити од рак на дојката. Ова го покажуваат студиите на Германскиот центар за истражувања на ракот во Хајделберг. Мажите треба да имаат предвид дека витаминот Д го намалува и ризикот од рак на простата, особено кај оние мажи што во детството и младоста многу време минувале на сонце. Факт е дека во земјите со повеќе сончеви денови има помалку случаи заболени од рак на дебелото црево, а ова се однесува на двата пола. Но зошто е така? Витаминот Д ја стимулира отпорноста на клетките на ракот, а освен тоа, го сузбива и нивниот неконтролиран раст. Научниците претпоставуваат дека сончевиот витамин има позитивен ефект и кај сите други видови рак.
ГИ ЗАЦВРСТУВА КОСКИТЕ
Ова не е никаква новина, но сепак е значајно. Сончевата светлина придонесува коските да ни бидат поцврсти. И овојпат севозможниот витамин Д е заслужен за тоа. Оваа супстанција е од витално значење и овозможува апсорпција на големи количества калциум од храната. Така овој материјал преку крвта достигнува во коските и забите, каде што се складира како цемент. Истото се однесува и на фосфорот. Недостигот од витаминот Д значи и недостиг од фосфор во внатрешниот скелет. Сончевата светлина овозможува создавање изедначени резерви калциум и фосфор.
Сонцето нé прави посреќни
Напролет расположението кај луѓето нагло се подобрува. Само неколку минути под сончевото сино небо и ние сме полни со елан и со оптимизам, а грижите со кои се соочуваме ни изгледаат помалку страшни. Оваа појава не е случајна: УВ-зраците ја стимулираат мрежницата, а очите влијаат на мозочните центри, каде што повеќе се лачи серотонин - најважниот хормон на среќата. Само за неколку минути нé преплавува ведро расположение, а стравот што сме го чувствувале претходно се ублажува. Благотворното дејство на сонцето е повеќекратно: како последица на намалениот стрес се регулираат и имунолошкиот, кардиоваскуларниот и системот за варење.