Еве нешто што најдов за Св.Димитрија
Св. Димитрија претставува еден од најраните и најпознати христијански култови почитувани во Македонија. Големиот број зачувани ракописи за св. Димитрија, во кои се опишани мачеништвата, чудата и пофалбите, сведочат за широката популарност што го следела култот низ вековите. Меѓутоа, легендарниот карактер на овие изворни податоци се причина за долгогодишната научна полемика околу потеклото на култот на овој христијански светец.
Наспроти општоприфатеното мислење дека св. Димитрија бил маченички убиен во градот Солун, Сириската и Хиеронимијанската мартирологија, како и археолошките наоди, упатуваат на фактот дека култот прво настанал во Сирмиум (Сремска Митровица), а подоцна во средината на 5 век бил пренесен во Солун. Потврда за тоа е фактот што запишаната традиција, според која маченичката смрт св. Димитрија го затекнала во Солун, содржи одредени неточности. Досега истражувачите воопшто не посветиле внимание на грешката содржана во сите зачувани мачеништва на св. Димитрија, каде што е погрешно наведен императорот Максимијан Херкулиј, како одговорен за неговата смрт, иако изворно е потврдено дека Солун бил политичко и воено седиште на цезарот Максимијан Галериј. Отсуството на името на Галериј при образложувањето на маченичката смрт на Димитрија говори дека тој, всушност, не го наредил убиството во Солун. Со тоа се потврдува дека св. Димитрија загинал во Сирмиум во 304 година, а подоцна култот бил преземен од солунјаните. Поради тоа, авторите на Мачеништвата при присвојувањето на култот од Сирмиум биле принудени да направат модификација на легендата, опишувајќи ги веродостојните историски податоци за присуството на Галериј во Солун, како дело на Максимијан Херкулиј, кој никогаш ниту бил ниту престојувал во Солун.
Во традиционалната историографија воопшто не му е посветено внимание на прашањето за потеклото на Димитрија, иако уште во 19 век Т. Тафел, познавач на историјата на Солун, се изјаснил дека "родот на Деметриј се поврзува со древните Македонци". Тафел ги имал предвид изворните податоци на Симеон Метафраст (10 век), кој во своите Мачеништва на св. Димитрија пишува дека "што се однесува до родителите бил од познат и најславен род, самиот истакнувајќи се меѓу древните Македонци". Метафраст служејќи се со податоците од Теодорит Кирски, истакнува дека "градот Солун е голем и добро населен, им припаѓа на Македонците и е главен град на Тесалија и Ахаја, исто како и на другите народи, кои стојат под префектот на Илирик". Метафраст јасно посведочил дека Димитрија потекнувал од Солун, од македонски род, што е сосема логично ако се земе предвид дека Македонците биле мнозинството жители на Солун во рановизантискиот период. Тоа го потврдува и солунскиот архиепископ Јован, кој во "Чудата на св. Димитрија Солунски" пишува дека тој бил најзаслужен за одбраната на градот од нападот на словенско-аварската војска во 586 година, бидејќи им влеал "храброст на Македонците". Ако се има предвид дека "Чудата" напишани од архиепископот Јован, всушност, им биле наменети на солунјаните, како своевидни хомилии, тогаш признанието што им го дал на Македонците за нивната храброст е уште една потврда за нивната поврзаност со култот на св. Димитрија.
Прашањето околу идентификацијата на претходното божество кое имало удел во креирањето на култот на св. Димитрија во голема мера придонесува за разјаснувањето на неговото потекло. Неспорен е фактот дека пред прифаќањето на култот на св. Димитрија, солунјаните масовно го почитувале паганското божество Кабири. Лактанциј известува дека во 4 век Македонците најголема почит имале спрема Кабирите, како народно божество. Од податокот на Фирмики Матерни (4 век) се дознава дека во тоа време Македонците во Солун со "крвави раце му се молеле" на ова божество. Поаѓајќи од ваквата религиозна определба на солунјаните, станува јасна и популарноста и брзото ширење на култот на св. Димитрија, претставувајќи спој меѓу религиозните традиции во градот.
Фестивалот што го придружувал чествувањето на св. Димитрија во Солун почнувал на 26 октомври и траел 9 дена, слично како и древниот македонски религиозен фестивал Олимпија, посветен на Зевс и на музите, кој се организирал во македонското светилиште Дион во октомври и траел 9 дена. Улогата на македонските традиции во создавањето на култот на св. Димитрија и нивното одржување во текот на вековите најдобро може да се согледаат во византиската сатира "Тимарион" од средината на 12 век. Во неа се вели дека "денот на св. Димитрија е голем празник, исто како Панатинеи во Атина и Панионии во Милет; тој е величествена македонска веселба и на неа се собира народ не само тамошниот, македонскиот, туку секаков и отсекаде".
Според изворните податоци, Димитрија бил веродостојна историска личност, кој потекнувал од Солун од македонски род, но смртта го затекнала во градот Сирмиум во 304 година. Во средината на 5 век, политичко-црковниот судир меѓу Византија и Западната Римска Империја го условил пренесувањето на култот од Сирмиум во Солун. Со префрлањето на култот во Солун, било неопходно да се направи и модификација на легендата за св. Димитрија, за да се прикаже неговата наводна маченичка смрт во Солун. Во средината на 5 век во Солун била подигната и црква посветена на св. Димитрија, што влијаело овој култ нераздвојно да се поврзе за градот Солун, од каде што мошне брзо се распространил во цела Македонија.
За големата почит што му била укажувана на св. Димитрија во Солун, како заштитник на градот, најилустративно говори хартофилаксот Јован Стримбикон (14 век), кој дури ги прекорил солунјаните поради тоа што го почитувале св. Димитрија повеќе одошто самиот Христос.