Седум нови факултети, една висока стручна школа и еден универзитет се новите високообразовни институции што ќе почнат да работат од септември годинава, а добиле согласност од Одборот за акредитација.
На листата на нови високообразовни установи се Факултетот за деловна економија на „Неоком”, Американскиот колеџ, петте нови факултети на Европскиот универзитет, Италијанската академија и Факултетот за угостителство. Во просек, студирањето на новите високообразовни установи чини околу 2.000 евра.
На факултетот за деловна економија на „Неоком” има три насоки, за финансиски менаџмент, маркетинг-менаџмент и еколошка економија -одржлив развој. Таму студирањето чини 1.800 евра годишно, а постдипломските студии се поскапи за 200 евра.
Европскиот универзитет годинава доби акредитација за пет нови факултети: за комуникологија, за јавна администрација, за арт и дизајн, за политички науки и за животна средина. Од Одборот велат дека останува Европскиот универзитет до почетокот на академската година да обезбеди просторни услови, кадар и да добие лиценца од Министерството за образование. Студирањето на Европскиот универзитет чини околу 2.000 евра.
Тито Беличанец, претседател на Одборот за акредитација, вели дека голема новина на македонскиот високообразовен пазар ќе биде Италијанската академија. Оваа институција е висока стручна школа, каде што најголемиот број професори се Италијанци што ќе предаваат на англиски јазик. Школата ќе трае три години и ќе се базира на помалку теорија, а повеќе практика. На академијата ќе функционираат три насоки: дизајн за текстил, дизајн за мебел и индустриско производство.
Беличанец вели дека Американскиот колеџ во Солун има акредитација само за факултетот за економски науки.
- Факултетот се рекламира како да има акредитација за универзитет со шест факултети, што не е точно. Им испративме известување дека не смеат да се рекламираат додека не добијат согласност од Одборот. Процесот за петте нови факултети е во тек, но се уште не е завршен - вели Беличанец.
Во постапка за добивање акредитација е и новиот факултет за угостителство во Скопје.
И покрај тоа што од Министерството за образование се обврзаа дека навремено ќе ги известуваат студентите за тоа кои високообразовни установи се акредитирани и имаат лиценца за запишување нови студенти, тоа не се случи. На веб-страницата на Министерството, која не е ажурирана веќе две години, се уште пишува дека единствени акредитирани приватни високообразовни установи се Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и Факултетот за општествени науки, кој одамна прерасна во Европски универзитет. Со тоа студентите се доведуваат во забуна за тоа каде можат да се запишат на факултет.
Професорите што ги консултиравме велат дека конкуренцијата на пазарот на високото образование добро влијае и врз државните универзитети, кои со конкуренцијата имаат поголем мотив да внесуваат новини во студирањето. Голем број професори од скопскиот универзитет, пак, ги напуштија работните места и заминаа да предаваат на приватните факултети за повисоки плати.