Дневник пренесува:
За татковината со стапот напред
Паско Кузман на сите странци што доаѓаат во земјава им раскажува еден ист виц чија поента е „надареноста“ на античките Македонци. Како што тргна кампањата, изборните адути нема да се мерат според тежината, туку според должината... Вицот на Паско ќе стане изборна платформа посмешна и од самиот виц
Ѕвездите од реалното телевизиско шоу „Преживеан“ им фрлија ракавица на партиите. Без проблем собраа неколку илјади млади луѓе пред „Рамстор“ во Скопје кои, како на митинг, ги скандираа нивните имиња и паѓаа во дерилиум. Некој ќе каже дека настанот е врв на ерозијата на вредносниот систем во македонското општество. Еден од учесниците во шоуто, зачуден од спектакуларниот пречек, дури и ни порача оти мислел дека сме биле нормални, ама сме биле луди. Не сме луди, господине Преживеан (се извинувам, не им ги знам имињата), нашиве само малку се соживеаја со главниот предизвик на шоуто - да се преживее на остров! Тоа, пријателе, ние го правиме секој ден, а се' додека не се појави шоуто не бевме ни свесни дека животот ни е телевизиски спектакл.Како изгледа да се преживее на островот Македонија? Тешко. Особено сега, во време на избори. Но, барем е забавно.
Откако кандидатот Иванов се прослави со приказната за античкомакедонското потекло на името на земјата Пакистан (Курдистан се чини го чува за завршниот митинг), му се придружи и колегата Фрчкоски со комичната посета на млекарите и прашањата од типот „како извозот?“ и ставовите - „да бевме во НАТО, и млекото турбо ќе се продаваше“. Но, оваа циркузијада е само за почеток. Кампањата допрва ќе почне, а најважните протагонисти Ѓоле и Фрле допрва ќе не' забавуваат.
Не знам дали сте знаеле, главниот идеолог на новото ВМРО-ДПМНЕ, археологот Паско Кузман, на сите што ќе ги запознае, особено на странците, им раскажува еден виц за античките Македонци. Имено, кога ја строел Аце Велики својата чета, сите морале да бидат во линија, зашто дури и ако само со еден дел од телото војникот отскокнувал од стројот, Аце замавнувал со мечот и му го отсекувал делот што отскокнувал. На пример, ако некое раме не било во линија, Аце ќе го отсечел и ќе го прашал војникот „Те боли ли?“, а војникот ќе извикал „Не ме боли, зашто јас сум војник во четата на Александар Македонски!“. Едно утро, така, на прозивка, Аце забележал дека на војник од првиот ред на фалангата му отскокнувала машкоста. Замавнал со мечот и го отсекол „вишокот“. На прашањето „Те боли ли?“, војникот одговорил „Не ме боли, не е мој, сигурно е на некој од задните редови“.
Ете така раскажува Паско. Колку да знаат странците, а особено странкињите со каква надарена нација си имаат работа. Се прашувам дали Паско ќе се избори и споменикот на Александар Македонски на скопскиот плоштад да биде во антички стил, поточно - Аце да е гол. Ако навистина биде висок триесет метри и ако е вајан според вицот на Паско, замислете си колку ќе отиде споменикот во должина. Така, бога ми, навистина ќе стане туристичка атракција. Ме загрижува само што за новогодишните празници цела една хидроцентрала ќе треба да работи само да му го осветлиме на Аце. Но, ако е за доброто на македонскиот идентитет - има, бре, да му свети до Атина!
Е сега, замислете си колку ќе биде забавно кога Ѓоле и Фрле со своите независнопартиски карвани ќе почнат да крстосуваат низ македонските градови и села. Паско од таборот на Ѓоле ќе го раскажува вицот за да го подигне патриотскиот дух на населението, притоа не знаејќи дека жените можеби ќе се разочараат што нивните мажи им се само обични бедни Словени. Но, затоа по неколку дена ќе помине карванот на Фрле и откако детаљно ќе се распраша за извозот, ќе ја врати и сексуалната живост на луѓето, драматично опадната по вицот на Паско. Ќе им рече дека кога ќе влеземе во НАТО, се' ќе биде поарно. Ако некоја госпоѓа случајно праша дали и онаа работа ќе им порасне на мажите по влезот во НАТО, Фрле во согласност со своето мото „У НАТО не умирају“ на неговиот ѓорчепетровски дијалект ќе и' одговори: „Да, госпоџо, че им порасне“.
И додека патувачките циркуси на Ѓоле и Фрле се спремаат за пат по земјава и се „забављаат меџу граџанството“, државното водство си го тера својот филм. Премиерот Никола Груевски е во Вашингтон на молитвен појадок, каде што (веројатно) се обидува да ја освои Хилари со вицот на Паско и со величините со кои располагаме ние античките Македонци. Далеку од Вашингтон, пак, во својот собраниски кабинет, таткото на нацијата Бранко Црвенковски се спрема пак да стане татко на партијата.
Минатата недела целиот свет ја пренесе веста за откриената бесмртна медуза која самата се регенерира и подмладува. Толку прав за една медуза. А ние имаме цел октопод, кој самиот политички се регенерира и молчиме. Добро, тоа можеби нема да не' прослави како спотот на Милчо со структурално заборавените рефлектори, ама дефинитивно е појако од Гинисовите сарми што пред Божик се виткаа во градот под кулите на Филип Втори. Што? Крали Марко? Извинете, а колкав му бил на Крали Марко?
Сашо Кокаланов