Откако ќе помине периодот на самопотценување, следи согледувањето на бедата во другите души околу нас. Се поставува прашањето, кој е достојниот безгрешник кој ќе го фрли каменот на Марија Магдалена? Зар се нашол тогаш, па да се најде сега? Сите наоколу донесуваат судови за други, а забораваат дека со колкава мера ќе судат, со толкава и ќе им биде судено.
Гледам личности што само поради тоа што прочитале две-три психолошки книги, се дрзнуваат да прават психолошки профили на така наречени “нивни пациенти” и да донесуваат залучоци врз основа на неколку факти што ги знаат за личноста. И тие заклучоци се секако апсурдни и светлосни години далеку од реалната состојба. Бедно. Гледаат конус само од една страна и велат дека е триаголник, гледаат цилиндар и велат дека е правоаголник...можеби друг некој со поглед одоздола ќе рече дека е круг, за двете фигури...па кој е во право тогаш? Никој...
Велат дека сакаат да се дружат со cool луѓе, а во нивна околина ги собираат најголемите фејкери или fake-ери....не знам како да го напишам, изглеа треба да ги прашам оние кои по неколку пати во реченицата внесуваат англицизми, затоа што така звучат поинтелектуално (без разлика што на тој начин си го уништуваат сопствениот јазик, тие се кул личности). Морам да признаам дека не ја сфаќам таа пуста дефиниција за кул луге. Како може кул да биде некој што пуши цигари само за да не биде инфериорен во едно друштво. Како може да биде кул некој што седел на кафе со тебе, а кога ќе те види некаде на друго место, врти глава? Ама не ги критикувам таквите, едноставно ги сожалувам тие несигурни срца. Тоа е резултат само на несигурност во себе и недоволна самодоверба. Или, пак, луѓе што плутаат апсурдно низ животот без одредена цел и без знаење што всушност сакаат-и тие се кул...како? Како еден изгубен човек може да биде кул?
За мене кул личности се, луѓе што си го сакаат животот, што доживеале тешки моменти, мигови на депресија и осаменост и се извлекле сами од тоа. Луѓе што не чекаат вечно некој да им подаде рака (зашто еве како се покажува на крајот другарската поддршка...). Храбри карактери што знаат што сакаат и за што се способни, што преземаат акции (а не само што вегетираат) и се стремат кон своите цели, со волја поголема од сите пречки. Се случува и таквите да дочекаат пасивен период од разни причини. Тогаш од пријателите ја дочекуваат првата осуда дека се слаби карактери. Такво е тоа непишано правило, ако паднеш трчајќи, сите гледаат да те прегазат и да стигнат први на целта... А први на списокот се најблиските. Го знам тоа и спремна сум на таков тип разочарување (не дека не сум го доживеала до сега, туку тие никад не завршуваат).
Сите судат во однос на сопствениот референтен систем. Читам по форумов, една типка пишала во дел од постот дека слуша рок и метал, и некој одговорил на тоа со- се гледа дека си паметно девојче по музиката што ја слушаш. Зар?! Од кога според правецот на музиката се оценува нечија интелигенција? Ама не, тоа го пишал затоа што и тој самиот е одреден во тој правец на музика. Аххх кога ќе сфатите дека уметноста и припаѓа на душата, науката на разумот, а вербата и љубовта на срцето! Постојат вкусови, а не музика што вреди и не вреди. Музиката не треба да се разбира и толкува на длабоко филозофско ниво, туку да се чувствува.
Велиш дека си се заљубил, но твојата љубов не е возвратена. Ги споделуваш чувствата со нив, а тие ја оценуваат како опсесија. Зар љубовта само кога е реализирана е љубов, а кога е невозвратена е опсесија?
Се повеќе ја согледувам бедата во другите души околу мене. Дволични личности што пример, имаат негативно мислење за одредена личност, а се спремни да отидат на неговата викендица во Маврово, само затоа што-тоа е Маврово....Си ги сметал за блиски, а тие те бришат од списокот и на твое место ставаат фејкери...Нема да оценувам нечии постапки, во оваа демократија секој си има право на избор, и како што тие го искористиле нивното, ќе си го искористам и јас истото.
Коцките ги фрлија тие...јас само ја завршувам играта.