Се испративме. Колку солзи има на метар квадратен по сите аеродроми на светот?
Брајан Ино го знае тоа најдобро, мислам...
Во редицата за чекирање, ја гледам мојата најмила професорка, со марамче во рака, плаче. Синот го испраќа за Америика. Си честитавме празници и под око, како засрамени и истовремено фатени во небрано, си се гушнавме зошто срцата ни трепереа. Во 4 наутро, солзите се најбистри.
За арно, за убаво да е само.
Депилирав брк, ми падна огледлото и се скрши. Не верувам во години несреќа, ами во момент на невнимателност.
Важно е дека немам бркчиња.
Тажно е дека си отиде, и пак ќе се чекаме. И целиот тој процес, одново и одново. Како да ги врежам сите мигови додека бевме заедно? Со запишување, чинам е најбезболно. Ручеци по роднини, подарок во хартиено ќесиче со отпечаток од мачиња, љубење до доцна во ноќта, гушкање кога дојде 2014. Доволно е, а некако срцето бара уште.
Вчера кога се вратив дома, постелнината ни мирисаше на Нас. Тоа чувство на празнина, не може да се запише. Може само да се чуваат миговите како во кристална топка, и да се затресуваат по потреба, кога сакаш срцето да ти е раат. Имам 26 и врска на далечина што претрпува тешки битки. Многу думања, многу прашања. Јасно ми е само дека се љубиме повеќе одошто некогаш мислев дека ќе можеме, покрај сите трепнати солзи и силни смеења.
Во меѓувреме, со другаркиве ќе вртиме ракииче вечер. Со сестра ми направивме мал шопинг за дома, нарачавме торта за моиве, на 8ми јануари слават 30 години од брак. Нема посилно чувство од таа сигурност дека нештата иако се со рок на траење, барем имаат смисла додека постојат. Си купив светлуцави хулахопки и се’ од козметика и тинтража. Некако, стануваш пример за емотивно растресена единка кога посегнуваш по материјалните крпчиња и мали радости за да си ја насмееш душата. Не дека ми требаа тие хулахопки. Не дека пафемот или шминката ќе ме направат поубава. Некако, така. Go with the flow во некое признаено лудило дека сум иста како и секоја жена кога и недостига нешто. Не ми е тешко сега, да признаам колку сум на мигови незрела, или пребрза. Кога играм трикови со сопствените мисли. А всушност сум само многу среќна што воопшто ги имам благодетите на овој живот.
Само сакам да кажам дека и покрај се’, сакам да остварувам нови цели оваа година. Минатата се случи мојата прва книга. Годинава нескромно сакам прв музички албум. И ќе гледам да биде остварливо.
Новите денови од годинава се само предизвик да се живее животот со страст како да е утре крај, а со сон како да ќе трае засекогаш. Се надевам и верувам на убава година, во која љубовта повторно ќе ги лепи сите чудни пукнатини што животот, ненамерно и несовршено, ги создава.
Бидете убави и мудри и годинава. Сите болки испејте ги, исплачете ги. Сите стравови, надминете ги со верба во себеси. На некому помогнете, љубете колку срцето ви држи и секогаш стојте до себеси. Не позади себе, не пред себе. До себеси, како најверен другар, оти само вие сте господари на својата судбина.
Ви честитам празници со полни дланки гушкања.
М.