Драга.
Ако ти кажам дека поминав низ 6 авионски лета, еден авион ни кидна, спиев на Циришки аеродром, имав стомачно вирувче, најдов Адидас за ич пари, си купив црвени чевли, играв чарлстон по Шанзелизе и јадев најдобра светска кујна во Париз ќе ми веруваш?
Не.
Ни јас не можам да поверувам што чудо ме снајде за тие 10 дена голготиња. Белгиско пиво, француска супа со кромид - божество, Ладуре макарон, возење по гадни метроа, пиење вино на Монмартр за 6 месечнината на најклише денот, Св Валентин, пишување поезија со чекори.
Свашта.
Еве сега, жива, здрава, пргава, праќам мејлови по куп издавачки куќи за да го родам првото дете, новороденче од зборови и мисли.
Боите што ги имав ме топлеа и на минус сто. Од ветровит, сјаен Париз, дојдов во магливо, темно Скопје. Оксиморон на вечната трагедија.
Но, го љубам овој мој смешен филм. Перипетии, фабула ко табула раза. Чекаше да се испише, да се случат куп нешта. Дезинфекција од малограѓанштина си направив. Ми се отворија чакрите за патување, за Аполинеровиот кафиќ и седење бесцелно по париски кафулиња со лош wi fi и уште полош англиски на келнерите.
Дома, сите арни. Смрдливото сирење и словенечкото вино завршија работа.
Уште еден магнет на фрижидер, уште една фасцинација за да видам каде, всушност живеам.
Амели. Бев. Оргазам. Вим Вендерс, Серџ Гејнзбург, Дали и Сена гадна и гладна за моите глетки.
Друг свет бе.
Тотално циничен, ама полн. Културен.
И што сега? Ништо... Ќе си трошам од спомениве како од најскап парфем. До наредното патување.
М.