Кајги,
Нема да биде прв пат на форумов некој да постира за незадоволството во Македонија, па нека стои и оваа брука.
Најлошо е кога неправдата ќе ја почувствуваш на своја кожа. Покрај одличното образование кое го стекнав тука, лошите условите во Македонија не ми дозволуваат да се дообразувам и да останам. Како што повеќето од вас знаат, планирам да аплицирам на Американски универзитети. Од испитот што го полагав за запишување на факултет, SAT, имав одлични, надпросечни резултати како интернационален студент. Од четири години средно, со одличен успех и професори спремни да го пренесат целото свое знаење, матурата стави црна точка на сè. Системот во Македонија стави црна точка на сè. Двојка по англиски јазик. Целата матура е направена за манипулација со нашата иднина, уште една машина за перење пари. Увид 1000 денари. Уплата во трезор. Ниту еден увид неприфатен. Парите остануваат во буџетот, не само моите 1000 денари, туку и од други исфрустрирани средношколци и родители. Имав право на увид во тестот. Комисијата за прегледување на тестовите беше распуштена на одмор, таму беа само службеници. Секое упатено прашање кон нив, резултираше со ,,Незнам, јас не сум комисија, не ти го прегледував тестот." Прашав колку бодови имам, тие ми одговорија ,,Сам изброј ги, ете ти клуч". А за бодовната скала, исто не знаеја. Ми објаснуваа како само комисијата за прегледување ја знаела, се определувала според перцентили и други работи. Целата работа ми мирисаше. Гледам дека во мојата скрипта имав други одговори, а во листот за пополнување сосем трети. Јас не ги пополнував вака. Ова не е мој лист. Ама како да им докажам на лутите и нервозни службеници? Потоа заприметив дека броевите од скриптата и листот со одговори со бар кодот (Candidate's number) не се исти, а јас бев број 15. Им го кажувам ова, тие ми викаат ,,Во Државниот Испитен Центар не може таков пропуст да се случи, не си во право." ГО СМЕНИЛЕ МОЈОТ ТЕСТ. Им требаше неколку минути да го најдат вистинскиот лист кој што беше компатибилен со мојот тест и ми дозволија дополнителни 10 минути за повторен увид, со објаснување дека имало 15.000 тестови. Нели во ДИЦ не смеело вакви пропусти да се случуваат!? Го гледам формалното писмо кое го напишав, подвлечени нецелосни реченици и фрази, обележани како ДЕЛУМЕН ПРЕПИС. Сакам да ги прашам професорите по англиски јазик да ми одговорат дали почетната реченица на формално писмо "I am writing this letter to express my interest for the job..." е плагијат или е универзално користена за формалните писма за работа? Дали фразата "Plant a tree" e плагијат? Писмото и есејот беа оценети како делумно препишани, и немаат никаков контекст без "препишаните фрази и зборови." Како и да е, службеничката која се однесуваше со нас како да сме животни не "окуражи" да ги тужиме, што во превод значеше ,,Џабе ви е, со државна институција не можете на суд". Си заминав од таму со крената глава, со лична сатисфакција дека заслужувам поголема оцена, со фактот дека во Македонија сѐ функционира со пријатели и партии. Не е можно Македонија да спроведе тест поригорозен од Америка, па јас да имам подобри резултати на SAT. И после младите ќе заминувале од Македонија. Нормално, кога вие ни ја кроете иднината на полошо.
***originally posted by
Antonio Nestoroski on Facebook***