Кајги, ми фали периодот 17-22 години.
Не ради некоја убавина, младост и сила, напротив сега многу подобар стил имам и повеќе си се допаѓам сега одошто тогаш и поздрави навики имам. Ми фали чувството, ми фалат мечтите на безбедно.
Тогаш и во школо многу напредував, а тој период всушност и се издвоивме така 5 другарки. Некако, беше време на создавање на некој свој идентитет, ама она на сите полиња, сѐ уште можев да го најдам Фреја парфемот на Орифлејм и некако сѐ беше поподносливо, по замисливо, најмногу поради тоа што немав благе везе што ќе ни се случува.
Ми фали да излегувам во Мамас. Со едното коњаче во рака како заслужена награда, кое штедливо ќе го пиев, оти џепарлакот беше како што беше, а никогаш не бев девојка којашто сакала да ја честат пијачки непознати и не ни излегував за да најдам некого. Поинтересно ми беше да се гледам со некого и да остане совршен, да не мора мааните да му ги откријам. Сакам да набљудувам, да анализирам, да се соживеам со местото,времето, звукот.
Значи ретко излегував, но кога излегував, не сакав да биде друго место. Некоја друга реалност ми беше таа атмосфера. Музиката, енергијата, дури и машките повеќе ми се свиѓаа.
Ја слушнав песнава од еден бар во близина и сѐ ми се врати како времеплов.