Денеска после пладне, искочив порано од работа да одам да се сликам за обнова на возачка и ајде рута преку центар до МТВ.
Јаооо што беше сообраќај. Се влечам во дооооолги колони тргни-застани. Особено тампонирано почна од кај зелен пазар, пред да завртам лево накај црвен крст. Е тука веќе немаше тргни-застани, стоење во место по 5 минути па две коли напред и пак во место.
Прво што ми падна на памет, викам нешто овие идиотиве предизборно работат, копаат нешто на улицава. Гледам нема машини, си велам сообраќајка некоја напред и затоа е блокирано.
Ми свири радио во кола и обратив внимание на девојката од студио што збори. Отварање на Skopje East Gate!!!! Јаооооо што збориш девојко велам.
Е во тој момент ми светна зошто е таа гужва, тоа да ти било отварање на фамозниот мол.
Не судам, не критикувам. Јас лично толку имам изнашетано молови по светот, што искрено не ни помислувам да одам за ете да го видам новиот мол.
Во мол одам по потреба, претежно не во МК. И вака и така службено патувам многу често за Германија. Таму одам да пазарам, бар одличен избор, квалитет, услуга и цена добивам. Втора алтернатива ми е Солун, додека се шетам за викенд на пример.
Но океј, тоа беше денешната фешта. Одење во мол. Цело Скопје блокирано, па богами кога загледав по таблиците на колите околу мене и пола Македонија беше собрана. Настан на деценијата, отварање на новиот мол во Скопје.
Се сликав за да ја обновам возачката, па морало и нова возачка книшка, од 2011 била старата. Па што ќе ми е возачка книшка, кога и онака нема казнени поени повеќе. Буџет да се полни само. Не дека е некоја сума, но 100 денари плус од мене, од комшијата и така натаму. Ајде, бидна и таа работа ја завршив.
После палам кола од пред телевизија и преку Макпетрол бензиската се симнувам на булевар за да искочам накај новиот мост кај железничка. ХАОС! Џандари регулираат сообраќај. Сите коли закопани во место, полека, полека но сигурно движат према East Gate. Среќа накај железничка возев па надоле се растерети малце. Во спротивна насока, секако блокирано.
Ехх мојата чудесна земја.