Добро утро,
I. се будам сабајлево, вчера на спратот над нас имаше урнебесна журка. Излегува еден комшија германец и ми вели, што се случува? Сабајле имам смена. Му велам тогаш оди горе и придружи им се, за сон вечерва тешко дека ќе имаме. Се слушаја шткли како штракаат по ходникот над нас, по цел ебан ходник, буквално се пулиш над тебе и знаеш до која врата/соба се ститигнати. Измешан џагор од смеа и разговори. Па одбројување од 1 до 10, па од 10 до 1. Си влегов дома, ја ставив перницата над глава и се напокрив со јорганот. Пак се слушаја. Како и да е, во некоја временска точка сум успеал да заспијам и покрај целиот неред.
II. И така се будам сабајлево и од нигде никаде ми светна една мисла од пред 3 или 4 години. Бев сиромашен студент во Македонија, факултетот верувале или не, го плајкав сам, од стипендијата што ми ја имаа доделено за извонреден успех. Сите други студенти, кои ја имаа истата стипендија, одеа на Миконос, некои и во Берлин и Париз. А еднаш една колешка од Кавадарци не изненади со тоа што се чекираше и во Малмо во Шведска. Јас огорчено ја чував за испити и семестри. Пред 3 или 4 години бев на крај од моите студии во Македонија и бев невработен. Ова не е пост кој има за цел да звучи патетично, во фазонот на нема работа кај нас, работа имаше, келнер или во зоните на Грујо. На тој што му се работи нека работи.
III. Налетав на слики од Стразбур, Франција. Си реков, ова само некои инфлуенсери можат да си го дозволат. Јас посонував за есен во Стразбур. Жолти шуми, црвени катедрали, реката Рајна и замоците на нејзините ридови. Зрело грозје. На крај памет не мислев дека некогаш стварно би бил тука, па дури и со цврсто работно место соодветно на моите квалификации. Напротив тоа беше место, за кое јас си помислив, ех Византиецу, луѓето во просек живеат по 80 години. Хипотетички да речиме имаш скоро век присутност на планетава. И за цело тоа време, пак нема да можиш да се најдиш на тоа место, директно на влезот, да ги набљудуваш обезглавените светци и мајката и детето над самите порти изрезбани во црвениот камен. Сега сум тука, а не ми значи ни одблиску како што ми значеше тогаш. Не само што не ми значи како тогаш, туку се прашувам и дали воопшто ми значи.