Дали некогаш сте се нашле во ситуација која ви е многу позната, но не знаете од каде? Ако одговоривте потврдно, тогаш си имате работа со "дежа ву".
Џејмс М. Лампинен, асистент професор по психологија на Универзитетот во Арканзас, на следниов начин го објаснува феноменот попознат како "дежа ву" или "веќе видено" :
"Дежа ву е силно чувство на глобална фамилијарност (фамилијарност е кога нешто ни е добро познато), и се јавува во на прв поглед, нова ситуација. Чувството на фамилијарност кое се искусува преку дежа ву-то е глобално на следниов начин: Ни се чини дека целиот настан, секој детал, се се случило порано, и покрај тоа што знаеме дека настанот е единствен и се случува во моментов. Ова искуство е обично вознемирувачко и е често проследено со чувство на нереалност. Повеќето луѓе искусуваат дежа ву некогаш во животот – наодите покажуваат дека повеќемина имале најмалку едно такво искуство.
Се уште не знаеме точно кои механизми го создаваат дежа ву-то но има голем број напредни теоретски пристапи. Сигмунд Фројд, таткото на психоанализата, тврдеше дека дежа ву се случува кога личноста спонтано е потсетена на некоја несвесна фантазија. Поради тоа што фантазијата е несвесна, нејзината содржина не допира до свеста, туку само чувството на фамилијарност и тоа резултира во дежа ву искуство.
Од неодамна дежа ву се објаснува во смисла на обработување информации. На пример, Херман Сно, еден од водечките светски експерти на оваа тема, смета дека сеќавањата се складирани во формат сличен на оној кој се користи кај холографските слики. Повеќето луѓе сметаат дека холографијата е начин на создавање на "кул" тродимензионални слики, и ја гледаат како оправдување за да си поиграат со ласерските зраци. Но аспект на холографијата кој е исклучително битен за тезата на Сно е како холограмите ги складираат информациите. Всушност, Сно укажува дека, за разлика од традиционалната фотографија, секој дел на холограмот ги содржи сите потребни информации за да се создаде целосната слика. Сепак, колку помал дел се користи, толку понепрецизна (и позаматена) станува холограмската слика. Според Сно, човечката меморија функционира на ист начин. Дежа ву искуствата се случуваат кога некоја сегашна ситуација се поклопува со маглива слика на некоја измината случка. Тоа е како да се убедите себеси дека познавате некоја личност на матна слика снимена преку безбедносна камера.
Исто така дежа ву-то може да се објасни и во смисла на глобални модели на поклопување на меморија. Според овие модели, ситуацијата може да ни се чини позната поради една од наредниве две причини. Првата причина е дека ситуацијата е многу слична со некој настан во нашето сеќавање. Но одредена ситуација исто така може да ни се чини позната ако е умерено слична со голем број наши сеќавања. Тоа е вториот случај. На пример, замислете дека учествувате во експеримент при што јас ви покажувам фотографии од разни членови на моето семејство: Моите браќа Џон и Џо, моите сестри Шерон, Линда и Џуди, моите родители Волтер и Патриша, и така натаму. По завршувањето на експериментот налетувате на мене и си помислувате:"Еј, дечково ми е познат." Причината за ова е што иако никој во моето семејство не изгледа исто како јас, сите тие донекаде личат на мене и според глобалните модели на поклопување сличностите тежнеат да се соберат на едно место. Некои дежа ву искуства би можеле да се објаснат на сличен начин.
Напредок во разбирањето на дежа ву е постигнат и во невронауките. Истражувачите од областа на когнитивната психологија и невронауките ги разграничија свесните сеќавања од оние засновани на фамилијарност. На пример, повеќето луѓе можат свесно да се сетат на својот прв бакнеж. Можат ментално да се вратат назад во таа ситуација. Но исто така имаме и искуство при кое се чувствуваме дека некого веќе сме го сретнале, но не сме сигурни точно каде. Личноста ни е позната, но ние не можеме да се сетиме од каде. Истражувачите веруваат дека системот на помнење во кој спаѓаат предчелниот кортекс и хипокампусот управува со свесните сеќавања, додека пак системот на помнење во кој се парахипокампалната вијуга и нејзините кортикални врски владее со чувството на фамилијарност (познатост). Неодамна Џозеф Спет аргументираше дека дежа ву искуствата се јавуваат кога парахипокампалната вијуга и областите поврзани со неа привремено ќе се активираат во услови кога нормално функционираат предчелниот кортекс и хипокампусот. Ова создава силно чувство на фамилијарност но без привидот на свесно сеќавање.
Како што можете да заклучите, постојат голем број различни теории кои се обидуваат да го објаснат дежа ву-то, но се уште немаме конечен одговор на прашањето која од овие теории е точна. Ова е област која е се уште погодна за објаснувања и понатамошни истражувања.
И да имало е такви моменти, посебно на плажа.