Лондончанец стана супертутунар
Примамливата државна помош од едно евро за килограм тутун, од Лондон во Прилеп го врати 32-годишниот Даниел Мирчески. За разлика од многумина млади што го сонуваат белиот свет, Даниел ја напуштил британската магла за да се фати за колчето, иако вели дека не знаел ниту што е леа ниту ја почувствувал утринската роса на листовите или, пак, лепливоста на тутунот кога се бере на пладневно сонце.
Иако пред две-три децении неговото семејство одгледувало тутун, овој бизнис за Даниел бил непознат. Но по три години откако почна да сади тутун, младиот тутунар годинава со десетина хектари стана најголем производител во Прилепско.
Со неколку десетици илјади евра за скелиња, простории за складирање, машини за расадување, за нижење, превозни средства и друга техника, тој успеа да прави профит од тутунот.
- Англија не е ветената земја. Дома си е дома, а туѓина е туѓина. Добро заработував со мојата градежна фирма со десетина работници. Ме измами мирисот на профитот од тутунот. Дојдов во родниот крај, каде што припаѓам, поради привлечниот амбиент за тутунопроизводство со субвенционирањето - објаснува Даниел.
Веќе три години е тутунар. Почнал со седум, лани посадил пет, а годинава ќе засади десет хектари на ниви под кирија. Површините ги зголемува со порастот на откупните цени на тутунот.
- Kопам, прскам, учествувам во полевањето, а сам подготвувам и расад во леи. Ангажирам работнички за плевење, за корнење расад и за засадување - вели Мирчески.
Тој претендира постепено да ги зголемува површините оти располага со механизација. Сака да го осовремени процесот, па преку интернет бара машина за берење за да ја одбегне и таа мануелна фаза.
- Сакам да инсталирам и систем капка по капка за наводнување и да ги зголемам приносите за 30 отсто. Годинава ќе набавам квалитетен и економичен систем за наводнување. Се интересирам за американска машина за берење тутун, за која велат дека ќе ја демонстрирале во Прилеп. Со тоа целиот процес ќе се следи машински и ќе се отстрани тесното грло, берењето на родот, кое е најслабата алка поради недоразбирањата со берачките. Ако дојде машина за берење, веднаш ја купувам и ги зголемувам површините - вели Мирчески.
Освен државната субвенција од евро за килограм тутун, смета дека би било добро државата да помага за нафта. Во меѓувреме го користи субвенционираното осигурување на тутунските насади од невреме, град и од дожд.
Во бизнисот лете му помага сопруга Добрина. Нејзините корени се лозарски, но успеала да ја научи и душата на тутунот.
Љупчо Мургоски
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=3139DED418A2D64A9C5ED9A51F9AD1A6