Колку за информација,најверојатно е дека ќе го пречекориме и времето предвидено за жалби од Арбитражниот суд во Париз ако знаеме колку е "брза и агилна" нашата администрација.Со тоа само се потврдува колку е испреплетена мрежата на една деструктивна гарнитура која владее со Македонија порано нарекувана Октопод.:
Нанси - Арбитражниот суд од Париз е една од главните светски институции во решавањето на меѓународните трговски спорови. Формиран во 1923 година, Меѓународниот арбитражен суд со седиште во Париз, кој работи во рамките на Меѓународната трговска комора, денес е признат во целиот свет како најефикасно средство за решавање на конфликтите од меѓународната трговија. До денес, како што стои во брошурата на судот, тој администрирал над 14.000 меѓународни арбитражи во кои се опфатени предмети од околу 180 земји и територии.
Случајот со ОКТА е само еден од тие бројни случаи. Најчесто предметите за кои решава судот се однесуваат на две страни што доаѓаат од две различни земји и кои немаат ниту заеднички јазик ниту заедничка правна култура и традиција.
Арбитражата е една од најкористените правни екстра-мерки за решавање на меѓународните спорови. Причините се едноставни, одлуките на Арбитражниот суд се конечни.
Одлуките на судот можат да бидат оспорувани главно во земјата каде што е донесена таа одлука, во случајот со ОКТА тоа е Франција или, пак, во земјата каде што треба да биде спроведена таа одлука, во случајот Македонија, но мотивите за оспорување (обжалување) на пресудата стриктно се ограничени.
Македонија, како една од 135 земји кои имаат пристапено кон Конвенцијата од Њујорк од 1958 година, се обврза да ги признава странските арбитражни пресуди (во случајот со ОКТА на парискиот Арбитражен суд).
Конвенцијата од Њујорк е главниот меѓународен договор кој се однесува на меѓународните арбитражни постапки. Таа на судовите од земјите што имаат пристапено кон Конвенцијата им наметнува да ги признаваат пишуваните арбитражни конвенции и да ги признаат и спроведат странските арбитражни пресуди.
Македонија со пристапот кон Конвенцијата од Њујорк се има обврзано како држава да ја спроведува оваа конвенција само за разлики што произлегуваат исклучиво од правните обврски кои, според македонските национални закони, се од трговска (комерцијална) природа. Наедно, Македонија се има обврзано да ги спроведува пресудите донесени на териториите на друга држава.
Работата на Арбитражниот суд од Париз е карактеризирана со голема неутралност, во него работат лица од 80 држави, вистински специјалисти во своите области.
Главната карактеристика на неговата работа е доверливоста, да не речеме тајноста. Арбитражните сослушувања секогаш се зад затворени врати, тие никогаш не се прават пред јавноста и само двете страни во конфликтот го добиваат коминикето од пресудата. Се разбира, поранешните пресуди на судот можат да се најдат на неговата Интернет-страница и во неговите билтени, но многу ретко се наоѓаат имињата на страните во спорот, поради доверливоста.
Сите обиди на „Утрински весник“ да дознае нешто повеќе за случајот со ОКТА од судот во Париз останаа безуспешни. Од судот не сакаа ниту да соопштат дали кај нив бил разгледуван предметот со ОКТА, а уште помалку да ја коментираат пресудата.
На прашањето дали една одлука на Арбитражниот суд може да биде обжалена во самиот суд ни беше речено дека тоа не е предвидено со работата на судот и дека тоа е можно само пред националните судови. Притоа, Секретаријатот љубезно не' упати на нивната рекламна брошура во која нема многу повеќе податоци. Оттаму не сакаа да коментираат ниту дали тој суд расправал за предметот ОКТА.
Не успеавме да го дознаеме ниту тоа дали арбитражната постапка ја водеше само еден или тројца судии. Во случај да беше воден од тројца судии, двете страни назначуваат по еден, додека третиот што претседава е назначуван од судот. Претседателот или единствениот судија секогаш доаѓа од една неутрална зема во конфликтот.
Ниту една пресуда не може да биде донесена ако не е одобрена нејзината форма од страна на судот. Во неа можат да бидат нагласени интересните точки што се однесуваат на основата на самиот конфликт, без притоа да се наруши слободата на одлучување на судиите. Овој елемент на контрола е еден од клучните на судот што му дозволува да го гарантира квалитетот на пресудите и да го намали ризикот од нивно анулирање од националните судови.
Значи, за предметот ОКТА пресудата на Арбитражниот суд од Париз е дефинитивна и таа не може да биде предмет на расправа. Во стриктно утврдени случаи пресудата може да биде обжалена во рок од еден месец по донесувањето пред Апелациониот суд во Париз, односно два месеца ако странките живеат во странство. Апелациониот суд може да ја анулира пресудата во отсуство и неважење на арбитрарната конвенција, ирегуларност во составот на арбитрарниот суд или при назначувањето на судиите, непочитување на мисијата што му била дадена на судијата, непочитување на принципот на контрадикција и во случај извршувањето на пресудата да се најде во спротивност со меѓународниот јавен поредок.
Кога станува збор за Франција, француските судови не можат да анулираат пресуда на странски арбитражен суд, но затоа, пак, таа може да се обжали и да се спречи нејзиното извршување.
Правните експерти се тие што можат најдобро да согледаат дали пресудата околу ОКТА може да биде обжалена, односно да се поведе постапка за суспендирање на нејзиното извршување во македонските национални судови, ако постојат услови за тоа.
Според некои статистики, од 90 до 95 отсто од пресудите донесени според Конвенцијата од Њујорк спонтано се извршени без тешкотии од страните, додека преостанатите биле обжалени пред националните судови.