Астрологијата е глупост, а астролозите се измамници. Луѓето кои веруваат во астрологијата се наивни. Астрологијата е за астрономијата тоа што е суеверието за религијата - луда ќерка од паметна мајка. Ова е мојот став. Зошто?
Каква врска има перпетум мобиле со астрологијата? Голема. И двете се повикуваат на искривено толкување на природните сили и закони кои управуваат со нив. Кога на тоа ќе се додадат ad hoc теоремите кој никој ги нема докажано, еден имагинарен свет на непостоечки сили, магични полиња и мистични елементи, настанува вистински псевдонаучен динамит чиј спектакуларен огномет веќе со векови ја заведува простата маса.
Астрологијата не е маргинална појава. Некои истражувања покажуваат дека на секои 10.000 луѓе има еден, кој посветено ја изучува астрологијата. Бројот на оние кои веруваат "дека има нешто" е неспоредливо поголем. Општествената пенетрација на астрологијата во последно време се зголемува, иако наивно би можело да се верува дека напредокот на науката, техниката и се повеќето образовани луѓе и го поместуваат тлото под нозе на астрологијата. Според истражувањата, околу 60% од луѓето редовно ги читаат рубриките со хороскопи.
Астролозите земаат пари преку хонорари, агенции, книги, весници, билтени. Астролозите имаат амбиција директно или индиректно да управуваат со туѓите животи - склопуваат и раскинуваат врски и бракови, праќаат луѓе на доктор, го оценуваат успехот на работа, предизвикуваат страв, среќа, тага, грижа и надеж. Потсвесната порака на астрологијата е: "вашиот живот е на прав пат, но доколку го послушате нашиот совет ќе ви биде уште подобро".
Своето постоење, астрологијата го темели на генералната претпоставка дека целиот универзум е една интегрална целина и дека секоја промена во него има глобално дејство (што на небо, тоа и на земја). Исто така, според астролозите движењето на небесните тела има влијание на овоземните случувања, а положбата на небесните тела има големо влијание на карактерот и иднината на секој поединец. Но, астролозите не кажуваат како тоа дејство физички се пренесува на живиот свет, ниту се способни тоа дејство да го измерат или квалитативно да го опишат, но и покрај сето ова се во состојба да ги предвидат неговите ефекти?
На нашите простори одомаќинета е западната школа на астрологијата, која најголемо значење му придава на хороскопот. Хороскопот е всушност дводимензионална кружна проекција на положбата на Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите во даден момент од времето. Хороскопот нацртан за времето на раѓање е наречен "натална карта". За анализирање на хороскопите и наталните карти, астролозите користат различни геометриски параметри (најзначајни се "аспектите", односно аглите кои планетитеги зафаќаат, како и положбата на планетите во однос на соѕвездијата, линијата на хоризонтот и системот "куќа", а се помагаат со симболички значења на небесните тела (Месечината е меланхолична, Меркур е љубопитен, Венера е хармонична, Сатурн е тажен). Читањето на хороскопот е всушност "вештина" на интерпретација на небесната геометрија со помош на јазик на симболи. Добро проучен хороскоп може да објасни настани од минатото или да ги предвиди настаните во иднината - така велат астролозите.
Веднаш да го дефинирам мојот став - Астрологијата е глупост, а астролозите се измамници. Луѓето кои веруваат во астрологијата се наивни. Еве и зошто.
За почеток, што е всушност времето на раѓање? Секоја мајка знае дека пораѓањето не е нешто што трае една секунда. Дали е тоа моментот кога започнале првите трудови или е моментот кога пукнал водењакот, или пак моментот кога излегол првиот дел од телото, или можеби главата? Или пак всушност, тоа е оној момент кој административниот работник го пишал во изводот од матичната книга на родените гледајќи во часовникот кој никој не го дотерал со месеци?
За да не цепидлачиме, ајде да ја ставиме на судот на разумот клучната аксиома на сите астролошки школи која вели дека небесните тела влијаат на луѓето. А која е таа сила?
Физиката не учи дека во природата постојат четири типа на сили: сили на слаба и силна интеракција, електромагнетна и гравитациона сила. Првите две сили делуваат исклучиво во доменот на атомското јадро, на растојанија кои се милион пати помали од еден милиметар. Користејќи дури и суперосетливи инструменти, невозможно е да се детектира дејството на овие сили на макроскопски растојанија блиски на човековите сетила. Со самото тоа, крајно неверојатно е дека планетите делуваат на човечките судбини преку огромни растојанија со посредство на слаба или силна нуклеарна сила.
Третиот кандидат е гравитацијата, која одамна е детално проучена. Уште Њутн има утврдено дека силата со која две тела се привлекуваат е пропорционална на нивната маса, а обратно пропорционална на нивното растојание. Да ги земеме за пример Месечината и Јупитер. Јупитер е 25.000 пати помасивен од Месечината, но е и 1.500 пати подалеку. Со малку елементарна математика, лесно ќе пресметате дека гравитационото влијание на Месечината е неспоредливо посилно од влијанието на Јупитер. Всушност, Месечината е "посилна" од сите планети заедно. Со други зборови, доколку гравитацијата би била таа сила која ги пренесува влијанијата на небесните тела врз луѓето, тогаш во толкувањето на секој хороскоп Месечината би требало да има доминантно влијание, додека другите планети би имале сосема мала улога. Ниедна астролошка школа не и дава толкав примат на Месечината.
Значи, стигнавме до заклучок дека астролозите ја игнорираат и гравитационата сила. Ни останува уште електромагнетната сила која делува слично на гравитационата. Многу планети поседуваат магнетно поле, но ннивното дејство с ечувствува само во непосредна близина на матичната планета. Единствениот извор на наелектризираност кој би можел да има влијание на овдешните состојби е Сонцето кое произведува непрекинат тек на наелектризирани честички кои се нарекуваат "сончев ветер" кој е со променлив интензитет и кој во исклучителни околности - најчесто по големи ерупции на Сонцето може да предизвика конкретна штета. Значи, ако се фатиме за последната сламка и утврдиме дека небесните тела влијаат на нас преку електромагнетните сили, хороскопот би требало да има само еден значаен елемент - Сонцето. Меѓутоа, астролозите не мислат така - влијанието на планетите е битно како и влијанието на Сонцето.
Ни снема веќе природни сили. Астролозите тврдат дека Венера која е најблиска до нас планета, има исто влијание како и Плутон кој е сто пати пооддалечен и шест пати помал. А што да правиме со фактот дека астрономите во последните неколку години открија стотици планети кои не кружат околу Сонцето, туку околу други ѕвезди? Ако астролошката сила не зависи од растојанието, зошто тогаш астролозите не ги земат во предвид и екстрасоларните планети?
Астрологијата sucks! Но, сепак астролошките рубрики се меѓу најчитаните во весниците. Астролозите вешто избегнуваат да дадат прецизни предвидувања. Да речеме, астрологот ви предвидува "помала финансиска добивка". Тоа би можело да биде и денар кој се го приметиле на улица, два денари кои касиерката ви ги простила, ситна добивка во кладилница... Шансата да ви се случи таква работа во наредните ден-два (колку што обично трае хороскопот) е прилично голема.
А што да се каже за хороскопот кој во делот за здравје ви вели: "помали болки во грбот"? Па има ли возрасен човек кој чита хороскоп, а да барем еднаш дневно нешто не го пецне во грбот, да не го здоболи глава... Ниеден астролог не би се осмелил да пише "здравјето ви е туберколоза, на работа ве чека отказ, а во љубовта развод" затоа што таквите прогнози се премногу конкретни.
Сите хороскопски сервиси по весниците и сајтовите се всушност мамка за нешто многу посериозно: "сериозни астролошки услуги" кои се купуваат од "дипломирани астролози", "шамани", "шабани", "бели и црни магионичари" по разни шупи, приватни станови, каде за пристојна количина евра детално ќе биде протолкувана вашата судбина и ќе ви бидат пружени "совети" како да ги избегнете "опасностите" кои се тука, веднаш зад ќошот. Колку само врски пропаднале, зошто астрологот утврдил дека "близнак" и "девица" не си одговарале? Колку "стрелци" имале незаслужен успех кај жените, само затоа што владее фама дека "стрелците се големи љубовници"?
Единствената амбиција која астрологот ја има е вашето размислување, здравиот разум и нормалниот поглед на животот да ги замените со неговите шарлатански констатации и претскажувања. Како и секој шарлатан, астрологот заработува пари исклучиво благодарение на фактот дека човековата глупост и празноверието не можат да се искоренат. Човекот дебил, завршува со дупка во глава неспособен самиот да пронајде одговор на било кое важно прашање.