Гана беше првата репрезентација од африканскиот континент што обезбеди пласман на Светското првенство, уште на две кола пред крајот на циклусот со победата од 2:0 против Судан на домашен терен. Многу потешко беше во претходната фаза која Гана ја помина само поради најдобрата гол-разлика во однос на Габон и Либија со кои имаше идентичен број бодови - по 12. Како што одминуваше циклусот се редеа работите во репрезентацијата, па Гана создаде една компактна целина што може да се "носи" со далеку попознатите противници.
Љубителите на фудбалот во Гана долго го очекуваа дебито на Светските првенства. И покрај четирите континентални титули (1963, 1965, 1978 и 1982 година), Гана не успеа да се пласира на Мундијал се до 2006 година. Германија беше прва станица, а сега веќе "црните ѕвезди" влегоа во низа бидејќи на југот од својот континент ќе го запишат и второто учество на Светските првенства во својата историја.
Првото го почнаа со пораз од Италија (0:2), но победите над Чешка (2:0) и САД (2:1) беа доволни за пласман во осминафиналето. Таму ги чекаше актуелниот светски првак Бразил и мечот очекувано заврши со убедлива победа на "селесао" со 3:0. Сепак, резултатот не го отслика она што се случуваше на теренот. Фудбалерите од Гана имаа дури 22 удари кон противничкиот гол за разлика од 13. на Бразил и да не беше расположениот Роналдо, се можеше да се случи тоа попладне во Дортмунд. Дека оваа африканска селекција и сега има што да каже потврдува фактот дека од тој тим дури деветмина фудбалери ќе играат и на овој Мундијал.
Во последните две децении, најголемите успеси на репрезентативен план Гана ги оствари со младинските селекции. Репрезентациите до 17 години триумфира во 1991 и 1995 година, а лани У-20 го освои златото на доста убедлив начин и со победа над Бразил во големото финале. Дел од тие играчи веќе се сениорски репрезентативци и со големи мотиви патуваат во Јужна Африка.
Најголем проблем за селекцијата се повредите на клучните фудбалери Микаел Есјен и Стивен Апиа. Ако тие бидат подготвени за настап, Гана може многу да направи на првенството бидејќи Есјен не играше на Африканскиот куп на нации во Ангола во јануари оваа година, па неговата репрезентација стигна до финалето. Милорад Рајевац на располагање има низа одлични фудбалери: од голманот Кингсон, дефанзивците Менса, Пентсил и Адо до Сулеј Мунтари, Драман, Асамоа Гјан, Кевин Боатенг и Принц Тагое. Играчи кои секој селектор би ги посакал во своите редови и со кои пласманот во следната фаза е обврска. Колку е моќна оваа селекција покажа во квалификациите каде учеството на Мундијалот го обезбеди прва од африканскиот континент, на две кола пред крајот на циклусот.
Како и секоја африканска селекција, и Гана се карактеризира со цврста игра и многу трчање, но и голем талент на фудбалерите како поединци. Според познавачите на ситуацијата во оваа репрезентација, Гана заедно со Брегот на Слоновата Коска има најголеми шанси од сите африкански репрезентации да го повтори најголемиот успех на селекциите од овој континент - четврт-финалето до кое во 1990 година стигна Камерун, а во 2002 година Сенегал.