Pandev vo Arsenal
Арсенал плаќа 12.000.000 евра за Пандев
*Лацио и Удинезе ќе поделат по 6.000.000 евра од парите за нашиот феномен.
*Пандев оди во Лондон како замена за Рејес, кој сака да се врати во Шпанија.
Сензационална вест од Рим која ја објави весникот "Ил Месаџеро". Арсенал е подготвен да плати 12.000.000 евра за Горан Пандев, фудбалерот на Лацио кој одигра извонредна сезона за тимот од "Олимпико" со што го сврте вниманието кон себе. Меѓу оние кои сакаат да го видат во своите редови е Арсен Венгер, тренерот на "топџиите" од Лондон, чии луѓе во последните 30 дена имале 3 состаноци со менаџерот на Пандев, но и со претставници на Лацио и Удинезе кои имаат по 50% сопственост врз најдобриот фудбалер на Македонија.
"Да, точни се најавите за понудата од Арсенал", беа потврдните зборови на Пандев, кој веќе неколку дена е на одмор во Струмица.
"Не знам како целата работа ја пробија новинарите. С$ беше во тајност а имаше и три состаноци на кои се дефинираа сите детали. Можеби најдобро за Лацио, но и за Удинезе е да заминам во трет клуб. Арсенал е тој кој барем засега нуди најдобра цифра", напоменува Пандев за "Македонски спорт" кој со трансферот во Лондон би направил бум.
Според најавите, Лацио и Удинезе ќе поделат по 6.000.000 евра од парите кои ќе ги плати Арсенал. И двата клуба се согласиле на оваа варијанта со оглед на тоа дека и Лацио, но и Удинезе беа упорни и посакуваа струмичанецот во следната сезона да игра за нив.
"Понудата стои, а ќе има уште неколку состаноци. За с$ е задолжен мојот менаџер кој редовно ме информира дури и за сите ситници околу разговорите кои се водат. Јас знам дека најблиските соработници на Арсен Вендер оваа пролет 3-4 пати беа да ги следат моите игри. Уште кога се зборуваше за мој трансфер во Вердер ви напоменав дека има разговори и со Арсенал и сето ова не е ништо ново. Јас реков дека во следната сезона сакам да играм за тим кој ќе настапува во Лигата на шампионите. Сите добро знаете кој е клубот од Лондон и кој е тој што би одбил една ваква понуда", дополнува Пандев, кој открива дека доколку Анри си заминеше од "Хајбери" тој веќе ќе ја имал промоцијата како нов член на Арсенал.
Сепак, нашиот репрезентативец во Лондон ќе оди како замена за Рејес, кој поради малата минутажа посакува да се врати во Шпанија. Според Пандев, расплетот околу преговорите со Арсенал ќе се знае до стартот на СП.
Дилемата околу новиот клуб на Пандев стана актуелна по неговите одлични игри за Лацио и постигнатите 11 голови со што почнаа да стигаат понуди од сите страни. Барем оваа пролет се открија имињата на Удинезе, Вердер, Фиорентина, но еве сега и Арсенал.
И. Д. Ивановски
Најскап македонски трансфер!?
Боли глава од цифрата 12.000.000 евра. Ако сето ова што се најавува даде плод Горан Пандев ќе стане најскапиот фудбалер од Македонија на сите времиња. Рекордери се Панчев, кој за 6.000.000 евра од Ц. Звезда замина во Интер (во тоа време рекорден трансфер), и заминувањето на Ќириќ во Тенис Борусија (5.500.000 евра). Тоа се нашите најголеми трансфери со тоа што Пандев има само 22 години и блескава иднина пред себе.
На мирување уште 3 недели
Горан Пандев не е во националниот тим за дуелите со Еквадор и Турција поради повреда. Тој има болки на препоните поради што не настапи за Лацио на последниот меч од Серија А.
"Докторот одлучи дека повредата може да се санира со одмор и без операција. Ќе морам да мирувам уште 3 недели иако посакував да бидам дел од репрезентацјата за претстојните тест средби", вели Пандев, кој се надева дека за многу брзо време ќе биде фит и во топ форма уште на 16 август кога ни претстои квалификацискиот меч со Естонија во Талин.