Истиот
М.Т. беше повикан на суд.
Истиот не се појави во судницата.
Во примеров е употребена една форма што е типична за административниот говор и за говорот на правото. Кога оваа форма се употребува во секојдневната практика, звучи многу лошо и несоодветно. Особено што за лице не може да се каже истиот, бидејќи лицето не може да се смени или да биде различно. Ваквото изразување е резултат на едно шаблонизирање на јазикот. Од правните акти полека навлегло во секојдневниот говор, иако таквите форми би требало полека да се исфрлаат од јазикот. Во реченицата, наместо истиот, треба да стои личната заменка тој.
Примерот треба да гласи:
М.Т. беше повикан на суд. Тој не се појави во судницата.
За македонскиот јазик не е карактеристична употребата на
ист за посочување (јазична референција) на некој претходно употребен поим. Постојат повеќе начини со кои се постигнува такво посочување, но најчесто се употребуваат показните или личните заменки.
Наспроти тоа,
ист е придавка и највообичаена е нејзината употреба за дообјаснување на некоја именка, на сличен начин како што тоа би се направило со придавките
еднаков,
идентичен,
сличен, што значи за да се направи споредба со друг поим.
Примери:
Секогаш купувам од истите две продавници.
Шалот и капата ги има во двете исти продавници.
Во зависност од тоа на кое место се наоѓа зборот
ист, така се менува и значењето на речениците. Првиот пример значи дека зборувачот купува само од двете продавници што ги спомнува, кои се претходно спомнати во текстот и кои не мора да бидат исти меѓу себе.
Вториот пример значи дека постојат две
идентични продавници, во кои ги има шалот и капата.
Придавката
ист во македонскиот јазик може да врши уште една улога во реченицата. Се јавува во случај на супституција, т.е. заменување на еден елемент со друг.
Примери:
- Ќе нарачам салата и минерална вода.
- И за мене
истото.
Во овој пример
ист има улога на именка.