- Член од
- 5 септември 2007
- Мислења
- 3.848
- Поени од реакции
- 960
Врвни Научници - Христијани!
Кај нашиот народ постои мислењето дека учените луѓе не веруваат во Господ. Кај многу други народи, такви мислења нема.
Особено ги нема кај оние народи што меѓу своите национални великани имале и имаат верници, кои воедно биле, или се, научници, интелектуалци, учени и ценети луѓе. Јасно е дека кај народите од кои потекнале научни умови какви што биле: Роберт Бојл, Исак Њутн, Мајкл Фарадеј, Луј Паестер, Макс Планк, Вернер Хајсенберг, Вернер Фон Браун и слични на нив, кои воедно биле и верници (во конкретниот случај - христијани) и не можело да се јави мислата дека учените луѓе не веруваат во Господ. Дури може да се каже и спротивното: се сметало дека токму учените луѓе веруваат во Господ.
Овде само бегло ќе споменеме примери на големи научници, кои воедно биле верници - христијани. Постојат повеќе книги на англиски јазик, кои содржат конкретни и поединечни податоци на оваа тема.
Врвни Научници - Верници:
Јоханес Кеплер
Роберт Бојл
Исак Њутн
Леонардо Ојлер
Мајкл Фарадеј
Луј Пастер
Вилијам Томсон - Лорд Келвин
Џејмс Клерк Максвел
Сер Амброз Флеминг
Вернер фон Браун
- Јоханес Кеплер
Бил противник на астрологијата и не верувал дека ѕвездите ги управуваат животите на луѓето. На таа тема напишал и книга и ја објавил во 1601 год.
Луѓето што денес веруваат во астрологија треба да се поучат од Кепер. Белки не се поголеми стручњаци од него!
Кеплер бил христијанин со цврсти убедувања, кои се темелеле врз неговото лично познавање на Библијата. Бидејќи бил слободоумен и информиран човек, се спротиставувал на клерот од официјалната црква, која во тоа време вршела срамен лов на измислени вештерки, па и мајката на Кеплер била судена за вештерство! Поради тоа што исклучиво се повикувал на Светото Писмо, а не се повинувал на црковните догми за вештерство и слично, често бил прогонуван и шиканиран.
Еве неколку изјави на Кеплер:
"Јас сум христијанин!"
"Сакав да станам теолог, но сега гледам дека преку моите трудови Бог се прославува и во астрономијата, зашто ...небесата ја искажуваат Божјата слава, небото ги објавува Неговите дела" (овде Кеплер го цитира библискиот Псалм 19, стих 1.)
"Јас верувам единствено и исклучиво во службата на Исус Христос...Во него е секое прибежиште, секоја утеха."
"Бог е љубезен Створител, Кој од ништо ја создал целата природа."
Многу повеќе за Кеплер може да се прочита во Енцѕцлопаедиа Британница, како и во книгата на Ј.Х. Тинер: "Јоханнес Кеплер - Giant of Faith and Science", Mott Media, Milford (Michigan) 1977, стр. 193
- Роберт Бојл
Извонредно талентиран и вреден, веќе на 8-годишна возраст ги владеел грчкиот и латинскиот јазик, а подоцна научил и хебрејски и арамејски за да може Стариот Завет од Библијата да го чита во оригинал.
Бојл бил многу образован научник и вршел голем број лабораториски експерименти. Најпознат е по формулацијата на еден од гасните закони во хемијата и физиката, сега познат како Бојл-Мариотов закон, иако дал голем придонес и во метеорологијата, како и во хемијата на киселини, бази и индикатори. Бојл се противел на утописката идеја на алхемичарите од железото да направат злато и на употребата на магии и астрологија во науката. Против овие шпекуланти, кои итро се богателе, тој ја напишал својата книга ,,Скептичниот хемичар", во 1661 година и си го навлекол нивното непријателство.
Бојл силно ги нагласувал својата христијанска вера и верата во Библијата. Во 1690 година ја издал книгата "Христијански виртуоз" во која порачува дека изучувањето на природата претставува должност на секој христијанин. Во 1655 година издал книга со христијански поуки. Во секоја поука, тој употребувал по некој пример од природата, а потоа го поврзувал со определена христијанска објава. Бојл со свои пари финансирал печатење и дистрибуција на Библијата не само во Велика Британија, туку и во Индија, Турција и арапскита земји.
Познати христијански изјави на Бојл се:
,, Запознавајќи ги Неговите дела, ќе Го запознаеме Него ( Господ ). "
,, верувам во Христовата смрт, воскресение и вознесение, како и во сите Негови чудесни дела што ги извршил додека бил на Земјата, за да го увери човештвото дека тој е и Бог и човек. "
- Исак Њутн
Њутн дал голем придонес во физиката со сега познатите Њутнови закони, но исто така и во математиката и астрономијата. Најпознато научно дело му е Принципија матхематица, а од христијанските книги што ги напишал, познати му се "Белешките на пророштвата од Даниел".
Иако бил длабоко побожен во христијанската вера, Њутн се спротивставил на царскиот декрет во образованието и науката да се вплеткува и Црквата. Конечно за него била направена отстапка да не мора да биде ракоположен од Англиканската црква за да предава математика и наука на Кралскиот колеџ. Иако морал постојано да се бори за признавање на своите научни откритија, кога умрел, Њутн е погребан со големи почести во Вестминстер Аби.
Познати христијански изјави на Њутн се следниве:
,, Сите мои откритија беа резултат на молитва. "
,, Имам темелна вера во Библијата, која ја сметам за Божја реч, напишана од луѓе што биле боговдахновени. Библијата ја проучувам секојдневно. "
,, Атеизмот е бесмислен. Набљудувајќи го Сончевиот систем, гледам дека Земјата е поставена на оптимална оддалеченост од Сонцето, за да добива соодветна количина топлина и светлина. Ова не се случило случајно! "
Повеќе за Њутн има во во секоја научна или општа енциклопедија, како и во книгите на англиски јазик : (1) Ј. Х. Тинер, Isaac Newton - Inventor, Scientist, and Teacher, Mott Media, Milford, Michigan, 1975.
(2) Анн Лемонт: 21 Scientist who believed the Bible, Creatoin Science Foundation Ltd., 1995.
- Леонардо Ојлер
Едно време бил професор во Санкт Петербург, но бидејќи одбил да му направи хороскоп на принцот Иван ( како христијанин, Ојлер се противел на астрологијата и верувањето во хороскопи ), паднал во немилост кај царот и заминал на универзитетот во Берлин, каде што минал 24 плодни години. Иако веќе на 27-годишна возраст го загубил видот на едното око, а на 60-годишна возраст сосема ослепел, потоа му изгорела куќата, а тој бил спасен од својот верен домар, па кога имал 69 години му умрела сопругата, Ојлер има објавено стотици научни трудови од областа на математиката и внел генијални математички новини. Низ големите трагедии го одржувала силната христијанска вера.
Повеќе за него има во книгата Men of Mathematic, Simon & Schyster, New York, 1937, од авторот Е. Т. Белл.
- Мајкл Фарадеј
Роден е на 22 септември, 1791 г. близу Лондон. Бидејќи биле сиромашни, не можел да се школува. Работел во книговезница, па така читал многу книги и научил многу. Почнал и да експериментира, особено во областа на хемијата и електрицитетот.
Бил многу активен верник-христијанин. Всушност, повеќе од 20 години бил старешина (ѓакон) во една црква. Бидејќи црквата немала платен свештеник (проповедник), старешините ги одржувале библиските предавања, а меѓу нив најактивен бил токму Фарадеј.
Кога еден новинар го прашал какви му се претпоставките за задгробниот живот, Фарадеј му одговорил : ,,претпоставки? Немам никакви претпоставки! Јас се потпирам само врз сигурни работи, па ви велам : "Јас знам во Кого верувам и убеден сум дека Тој ќе ми го запази она што сум Му го доверил. " (Ова е цитат од Библијата, 2. Тимотеј 1:12 ). При своето пензионирање, изјавил: ,, Најпрво Му благодарам на Бог за сите Негови дарови. "
- Луј Пастер
Личниот живот на Пастер бил исполнет со трагедии и болести. Три од неговите пет деца умреле од детски болести. Израснал со ментално ретардирана сестричка. И самиот имал изливи ( крвавења ) во мозокот, а доживеал и неколку срцеви удари од кои бил делумно парализиран. Неговите откритија за пастеризација и имунизација би му донеле големо богатство доколку се решил да ги патентира, но тој бесплатно им ги ставил на располагање на сите корисници. Во 1888 година во негова чест е формиран Пастеровиот институт во Франција, денес една од најреномираните институции за борба против заразните болести.
Луј Пастер бил силен верник-христијанин и противник на теоријата на еволуцијата и воопшто на идејата за спонатано настанување живот од нежива материја.
Меѓу неговите изјави за вера во библискиот Господ се и следниве:
,, Колку што повеќе ја проучувам природата, толку повеќе Му се восхитувам на делото на Створителот. "
,, Науката ги доближува луѓето до Бог. "