Те барам. Те барам на секое место каде што веќе те нема. Не беше ниту до мене, ниту до тебе, едноставно беше до времето. Облачно како тој ноемвриски ден кога тебе ти требаше нешто, а мене ми требаше бегство.
Со тебе го најдов и побегнав. Побегнав толку брзо колку што се вратив назад, како да бев замрзнат во некоја секвенца, црно-бела, неоткриена.
И од кога излегов од таму, од тоа просторвреме прекриено со дим од цигари недовлечени по паузи и од твоите усни кои полека ги грицкаа моите додека беше потпрена на бетонскиот ѕид, дојдов пак до местото на кое се случи сѐ. Ти повторно беше таму, јас повторно те гледав, но фалеа седумнаесетгодишниот јас и петнаесетгодишната ти, која со рамнодушност ги гледаше моите сонети незнаејќи дека се напишани за тебе.
Така тоа остана таму каде што требаше да биде, а ние останавме на здраво...