Британија веќе не ги слуша јавувањата за НЛО
Британската војска по речиси 50 години функционирање тивко ја исклучи телефонската линија за пријавување забележани неидентификувани летачки објекти (НЛО). Тие што мислат дека виделе вселенски брод на небото веќе нема да може за тоа да ги известат вооружените воени сили на кралицата преку бесплатна телефонска линија или на адресата за електронска пошта. Од британското Министерство за одбрана известуваат дека отстранувањето на одделот за НЛО ќе овозможи годишно државата да заштедува по 73.000 долари, кои подобро би се трошеле за помош на трупите во Авганистан, каде што Британија има 9.500 војници.
Сепак, ветераните во истражувањето на прашањето околу вонземјаните, кои ги анализираа таканаречените „Досиеја Икс“, тврдат дека со овој потег британската влада ќе ја прекине работата и анализата на една од најголемите мистерии на сите времиња. Воедно, веста дека Министерството веќе нема да одговара на пријавувањата за забележано НЛО и дека нема да води истрага околу таквите случаи наиде на негативни реакции и меѓу жителите на Британија, кои сметаат дека таквите проекти се витални.
- Мислам дека овој потег на британското Министерство е избрзан и може да претставува закана за националната безбедност. Ние на оваа проблематика гледаме сосема сериозно. Знаеме дека понекогаш работите може да бидат објаснети како природен феномен, но може да има и еден случај што не е. Мислиме дека владата многу добро знае што има таму и дека прави се за да го прикрие тоа - изјави Рој Лејк, основач на лондонската група за проучување НЛО.
Британската војска засега не го изложила својот став за постоењето или непостоењето на НЛО, но има донесено заклучок дека за 50 години ниту едно од 12.000 пријавени забележувања на НЛО не претставувало закана за националната безбедност.
Вистински средби или фантазија
Петдецениското работење на британската војска околу пријавените случаи на забележани НЛО, произведе илјадници страници тајни документи од кои голем дел неодамна станаа достапни и за јавноста. Некои јавувања за забележано НЛО изгледаат веродостојно, како случајот во 1984 година кога повеќе сообраќајни полицајци пријавиле дека забележале неидентификувано летало што се спуштило на писта од мал аеродром, а потоа повторно летнало со огромна брзина. Меѓутоа, други јавувања се чинат како да се само производ на човечката имагинација. Неколку луѓе дури тврдат дека биле киднапирани од вонземјани, чиј изглед можеле детално да го опишат.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=13&tabid=1&EditionID=1886&ArticleID=128463
Готово, вонземјаните ја прекинаа врската со Британија...:pos2: