Неговата кариера во Македонската историја можеме да ја следиме од 1922 година кога станува член на ВМРО под псевдонимот Владо Димитров Черноземски. Тој во Македонија влегува со чети и се истакнува како многу храбар борец и учествувал во борби повеќе од 15 пати. Неговата способност за прецизност во стрелањето, интелегенција за извршување на особено важни задачи и неговиот карактер на ладнокрвен и бестрашен човек, го води до многу одговорни задачи кои ќе му бидат доверени.
Една таква задача е ликвидирањето на Димо Хаџи Димов кој е еден од најактивните комунистички и прокоминтерновски функционери во Македонија. Ликвидацијата ја извршува на 12 септември 1924 година.
12 декември 1930 година е датумот кога во Софија од заседа е убиен Наум Томалевски, македонски деец и граѓанин. Установено е дека убиството го направиле Владимир Георгиев Черноземски и Андреј Манов, кој починал утрдента од раните здобиени во престрелката.
Истакнувајќи се со своите подвизи и карактер на дисциплиниран борец решен на саможртва за успешно исполнување на планот, брзо ја стекнува довербата и уважувањата на Тодор Александров, на раководителите на четите во Македонија, а подоцна и на Иван Михајлов.
Во 1927 година, Владо Черноземски предлага на ЦК на ВМРО сам да се опаше со ремен од рачни бомби кои ќе експлодираат во главната заседувачка сала на друштвото на народите, како саможртва на овој потресен чин да го привлече вниманието за болното македонско прашање, откако петициите и молбите на македонското население не влијаеле со соодветна реакција од светската јавност.
Од 15 јули 1932 година, трагите на Владо Черноземски се губат. Организацијата раширила глас дека тој е убиен по нејзина заповед.
Меѓутоа, Владо Черноземски под директива на ВМРО бил испратен во Јанка Пуста - Унгарија. Таму, под инструкторство на Анте Павелиќ е подготвуван за подоцна изведениот атентат врз кралот Александар.
На 09.10. 1934 година Черноземски бил во Марсеј, тој периодот пред атентатот го минал в меана, јадејќи и пиејќи црно вино, вработениот таму, дал изјава дека Черноземски не оддавал никави симптоми на нервоза, бил сталожен и само на неколку пати станувал и ја следел ситуацијата за пречек на Кралот. Кога го напуштил локалот на вработениот му дал и голема напојница.
Според кажувањата, иако Владо Черноземски обучил поголема група луѓе кои кои биле распределени во три-четири групи, за секој случај некој да не успее да го убие Кралот. Сепак неговите сомнежи се исполниле кога ги видел растреперените раце на првоименуваниот атентатор, па самиот Черноземски го презел случајот во свои раце, го земал букетот со цвеќето во кој бил пиштолот и со образложение дека сака да го подари на Кралот, испукал неколку куршуми и така му пресудил за сите неправди што ги направил кон македонскиот народ.
Марсејскиот атентат е многу важен настан спроти Втората Светска војна. Во него се преплетени дипломатски и политички сплетки и интереси на големите држави и постоечките проблем меѓу државите од југоисточна Европа.
Овој настан е вечно запаметен во сеќавањата на Македонците како дел од борбата за својата слобода, а Владо Черноземски како уште еден бисер од ѓерданот на македонските херои и бескомпромисни борци.
Умира на 9 октомври 1934 година во Марсеј, неколку часа после атентатот врз Југословенскиот крал Александар, од здобиените повреди по атентатот во болница. Погребан е на марсејските гробишта, но местото не се знае.
Текстот е превземен од
Жаклина Петровска
линк http://www.mn.mk/aktuelno/582-Vlado-Cernozemski
--- надополнето ---
Черноземски го уби кралот, но и многу Македонци
Превземено од Утрински Весник
Кој е, всушност, Владо Черноземски и со што тој толку многу заслужил да биде величен секоја година, повеќе и од многумина познати македонски револуционери, како што се Даме Груев, Јане Сандански, Ѓорче Петров и многу други кои ги дале животите за Македонија, чии годишнини приврзаниците на Михајлов не ги одбележуваат. Черноземски, всушност, е најважниот и најдоверливиот терорист на Ванчо Михајлов, извршител на сите негови валкани порачки, човекот кој бил подготвен да стрела во секој кого со прст ќе го покаже неговиот наредбодавец. Во бугарската кратка историска енциклопедија е забележано дека Владо Черноземски „исполнувал важни егзекутивни дејства на ВМРО“, што секако ја потврдува оваа теза.
Луѓето што се собираат во Скопје и му оддаваат почит, пред се', го слават поради атентатот што го извршил врз кралот на бивша Југославија Александар Караѓорѓевиќ во 1934 година. Меѓутоа, не ги спомнуваат сите други ликвидации што ги извршил Черноземски на познати македонски дејци кои му пречеле на Михајлов. Деновите кога се случи колежот во Горна Џумаја на највидните претставници на македонската левица во 1924 година, тој ќе го убие Димо Хаџи Димов, човекот кој ќе присуствува на последните мигови на животот на Гоце Делчев во Баница во мај 1903 година.
Ванчо Михајлов ќе го обвини Димо Хаџи Димов дека, наводно, бил интелектуален убиец на Тодор Александров. Измислената причина ќе биде повод да нареди да го ликвидираат. Тогаш Владо Черноземски бил задолжен да го убие Славчо Ковачев, но побарал да му пресуди на Хаџи Димов, а убиството на Ковачев му го препуштил на друг терорист. По ликвидацијата на претставниците на левите сили, бугарските власти се однесувале како ништо да не се случило. Владо Черноземски ќе биде формално испрашуван, но никогаш нема да биде обвинет за злосторството. И натаму се движел слободно и продолжил да убива Македонци на софиските улици и да извршува нови егзекуции по наредба на Ванчо Михајлов.
Како мошне добар стрелец бил користен и за време на познатите пресметки меѓу ванчомихајловистите и протоѓеровистите, кога на улиците на Софија се убиени многумина Македонци. Тој ќе остане забележан и по грозоморното убиство на Наум Томалевски, кого го прострелал во моментот кога засадувал младо дрвце во спомен на новородениот син. Томалевски до 1928 година ќе биде заедно со Ванчо Михајлов, но по убиството на Александар Протоѓеров ќе застане на страната на протоѓеровистите за што ќе плати со својот живот. Кирил Прличев во своите спомени што ќе бидат објавени пред шест-седум години во Софија и кои ќе го урнат митот во бугарската јавност за Ванчо Михајлов, ќе напише дека убиството на Томалевски за нив било голема загуба. Тој ден во 1930 година се чувствувале како врз нив да паднал како гром од ведро небо. Со тој страшен настан, случен сред бел ден, протоѓеровистите го загубиле последниот член на законското Задгранично претставништво.
Во своите спомени Ванчо Михајлов ќе запише дека со Владо Черноземски се запознале во текот на 1922 година и дека неговото вистинско име е Величко Георгиев Керин. „Владо беше многу тих човек и крајно исполнителен. Ги мразеше своите другари кои се пијанеа. Жените не ги сакаше. Ја сакаше самотијата и многу читаше. Ја знаеше до ситници историјата на Васил Левски и Христо Ботев. Беше националист. Во затвор постојано читаше, не учествуваше во штрајковите со глад“, ќе го пренесе Михајлов во своите спомени искажувањето на другари на Черноземски по атентатот што го извршил во Марсеј, кога тој загинал.
Михајлов вели дека најблизок другар на Владо Черноземски му бил Хипокрит Развигоров, еден од тројцата атентатори на генералот Ковачевиќ во Штип во 1927 година. Черноземски е Бугарин, роден во едно мало село во Разлошко, израснал во Каменица, населба во Велинград, Бугарија. Некои тврдат дека има македонски корени и дека неговите родители потекнувале од едно битолско село. Черноземски неизмерно му се восхитувал на Ванчо Михајлов за кого бил подготвен да направи се'. А лидерот на терористичката ВМРО, пак, во своите спомени ќе го претстави како голема поетска душа. Михајлов пишува дека Черноземски му испратил една картичка со негова слика од комитските денови на која пишувало: „Му го подарувам мојот лик за спомен на нашиот учител-воинИван Михајлов (Брзов), од еден од многуте ’бугараши’“. „Во картичката прочитав неколку доста смислени и силни поетски редови. Владо навистина имаше нешто поетско во себе“, ќе напише Михајлов за него.
Меѓутоа, Черноземски нема да биде толку поетски настроен кога ќе ги врши убиствата. Тој е ладнокрвен убиец. Кога Михајлов ќе му наредел да ликвидира некого, никогаш не прашувал кој е тој човек. Слепо му верувал на својот наредбодавец. Бил машина која убива, кај него никогаш не можеле да се забележат некакви чувства, „поетската душа“ на Черноземски никогаш не затреперувала по извршувањето на убиствата. Бил извонреден и брз стрелец. Се раскажува дека противниците на Ванчо Михајлов платиле специјалист за да го убие. Не стасал ни да го извади револверот, а веќе бил ликвидиран од Владо Черноземски.
Токму таа негова голема вештина да пука и убива, неговата слепа послушност биле главните адути Ванчо Михајлов да му го испрати на Анте Павелиќ за да го изврши атентатот во Марсеј. Павелиќ со неговите усташи во неколку наврати се обидел да го убие Александар Караѓорѓевиќ, меѓутоа никогаш не успеал во тоа, затоа што немал погоден човек. Побарал помош од својот пријател, лидерот на терористичката ВМРО, со кого имале потпишано спогодба во 1929 година за заедничка борба против тогашниот режим на Кралска Југославија.
А терористите на Ванчо Михајлов во тоа време биле најпознати во Европа и претставувале страв и трепет. Негови инструктори подготвуваат хрватски и други терористи за да го ликвидираат српскиот крал во Унгарија во логорот Јанка Пуста. Пред атентатот на Александар Караѓорѓевиќ, Владо Черноземски и уште тројца Хрвати се подготвувале во едно мало италијанско село. Според Михајлов, Италијанската телевизија во 1969 година емитувала получасовна документарна емисија за нивниот престој. Новинарите разговарале со тамошните луѓе кои ги познавале атентаторите и кои за нив кажале убави зборови.
Атентатот бил извршен на 9 октомври, а кралот Александар Караѓорѓевиќ пред да замине во Франција бил во посета на Бугарија, од каде што со брод пристигнал во пристаништето во Марсеј, а потоа требало да го продолжи патувањето во Париз. А кралицата, која со него била во Бугарија, како да претчувствувала нешто, се вратила во Белград. Кралот во Марсеј го пречекал францускиот министер за надворешни работи Луј Барту. Кога со автомобил тргнале од пристаништето, Владо Черноземски скриен меѓу народот излегол и директно пукал со револвер во Караѓорѓевиќ и во францускиот министер Барту, кои починале на самото место. Притоа, бил убиен и Черноземски од француски полицаец качен на коњ, кој го исекол со сабја. По убиството, француската полиција долго не можела да го утврди идентитетот на атентаторот. Подоцна, по черепот и четирите букви ВМРО, што биле истетовирани на неговото тело, било јасно дека тоа е еден од терористите на Ванчо Михалов. Подоцна дознале дека станува збор за Владо Черноземски.