Со старите возила повеќе зијан отколку ќар!
Голем број од половните автомобили не ги исполнуваат основните технички критериуми за да дојдат до регистрација
Соња Маџовска
Дали увозниците и купувачите на половни автомобили ќе излезат повеќе во зијан, отколку што ќе ќарат?
Тамам почна увозот на стари возила, излегоа еден куп други проблеми. Сега главен проблем е добивањето сертификат за хомологација.
Половните автомобили, откако се оцаринија, не можат да добијат ваков сертификат, бидејќи голем дел од нив не ги исполнуваат основните технички критериуми. Овие автомобили најчесто немаат АБС-сопирачки и не ги исполнуваат критериумите за бучава, велат увозниците, според кои ниту едно возило произведено од 1990 до 1995 година не ги задоволува критериумите што се бараат. Тие објаснуваат дека поради неисполнување на техничките услови нема да се пререгистрираат ниту возилата со бугарски таблички. Сопственик на бугарски автомобил вчера се јави во нашата редакција и се пожали дека иако веднаш сакал да го легализира автомобилот, не успеал во тоа, па вели дека сега ќе треба да го врати во Бугарија. „Со овие критериуми што се бараат, ниту едно возило со бугарски таблички нема да може да се пререгистрира во Македонија. Моето возило е од 1995 година, и има ЕУРО 2-стандард, ама бадијала, не ги исполнува условите“, вели нашиот соговорник.
Според некои неофицијални процени, вакви возила во земјава има околу 50.000. Ако тие не се легализираат, излегува дека Владата ја промашила целта со новите законски решенија. Министерот за финансии, Зоран Ставрески, порача дека сопствениците на автомобили со странски регистарски таблички најдоцна до септември оваа година ќе мора да ги пререгистрираат своите возила. Во спротивно, ќе мора да ја напуштат земјава, а до нивното следно влегување во Македонија ќе мора да поминат најмалку шест месеци.
Кои услови треба да ги исполнат старите возила за да добијат сертификат за хомологација, за „Утрински весник“ објаснува м-р Зоран Василевски, директор на сервисниот центар на „Аутомакедонија“.
„Проблем со хомологацијата, односно согласност за регистрација има, посебно ако се земе предвид дека постојните сертифицирани тела не се во можност да ја прифатат кампањата која се случува овие денови. Според мои информации, се прават максимални напори од сите субјекти инволвирани во оваа работа. Воведени се две смени со зголемен број извршители, се' со цел да се задоволат барањата на клиентите. За да се стигне до крајната цел, регистрација на моторното возило, треба да се исполнат неколку услови, меѓу кои и добивањето документ за технички карактеристики на возилото при производство, што го издава сертификационата компанија ТУВ од Германија. За добивањето на тој сертификат е потребно време, бидејќи и инсталираните станици во странство не се во состојба да одговорат на непредвидливиот број барања“, објаснува Василевски.
Прашавме и колку либерализацијата на условите за увоз на стари возила ќе се одрази негативно на продажбата на новите автомобили? „Според мое мислење, клиентите за стари возила не се исти со оние корисници кои преферираат ново возило. Можеби малку ќе се намали продажбата на нови автомобили, но набрзо ќе се издиференцираат корисниците и пазарот ќе се стабилизира. Поточно, пониската цена на старото возилото не е исклучено да има други непознати што ќе предизвикаат дополнителни трошоци. Но, за тоа одлучува самиот сопственик. Стоиме на располагање за дијагностицирање на состојбата на возилото, а дефинитивната одлука е на клиентот“, вели Василевски
Текстот е изваден од денесен Утрински весник.