17. Харуки Мураками - Норвешка шума (рецензија - @Zlatikevichius)
I once had a girl
Or should I say she once had me
-The Beatles
Неверојатно е како Мураками го изградил целиот роман врз основа на овие два стиха! Тие се и идејата, и лајт-мотив кој се провлекува низ целиот роман. И кога ќе размислам подобро, Норвешка шума е едно навистина позитивно искуство, на крај дури и полно со оптимизам, иако тежок и болен е патот за да се стигне до тој оптимистички крај.
Ова е еден од неговите релативно рани романи, но по мое мислење, од тоа што сум прочитал - можеби и неговиот најдобар. Иако целото дејство е обвиено во некој меланхоличен превез од пејсажи и дејства како излезени од нечиј сон, тука отсуствуваат основните карактеристики на прозата на Мураками - ова не е магичен реализам, има само мачки кои не зборуваат и нема ликови кои можеби се духови што го запоседнуваат просторот... Ова е прилично едноставна, еднонасочна приказна за созревањето на главниот лик, Тору Ватанабе, од неговата доцна адолесценција, до годините на неговото универзитетско образование. Сместен е кон крајот на 60-тите години на 20 век, во Токио, во времето која и самиот Мураками студирал. Но ова не е автобиографска проза, иако романот е полн со референци од тоа време, од марксистичката идеологија и комунизмот, па се до референци од западната поп култура, особено поп музиката, и особено Битлси. Реков, романот го следи созревањето на Тору, млад човек кој чита класична книжевност, интелигентен е, делува позрело за годините кои ги има, размислува критички... но истовремено е и прилично пореметен! Тоа е последица од средношколските денови, кога неговиот најдобар пријател се самоубива и остава длабок траг и во неговиот, и во животот на Наоко, неговата пријателка, подоцна и нешто повеќе од тоа. Да, има тука љубовна приказна, но тоа е само како обид да се избега од суровата реалност надвисната над обајцата. Затоа не би рекол дека е ова љубовен роман, туку роман за созревањето, роман за тагата, и роман за сексот! А секс има во изобилство, иако никаде не е експлицитно опишан сексуален чин.
На крај, Норвешка шума е дело кое не може да остане заборавено. Иако длабоко во себе темна, тажна, депримирачка приказна, Мураками на крај сепак освојува победа над секој читател зашто невозможно е да не го сакаш шармот со кој пишува, магловитата атмосфера налик на сон, и одеците од младоста со кои секој човек би можел да се поврзе. Иако имаш чувство како да откинува парче од тебе и го остава местото каде стоело парчето исполнето со една празнина, на крајот е сепак оптимистички роман, совршен за читање во зимските месеци, облечен во дебел џемпер и волнени чорапи, покрај каминот, со топол чај до тебе и пригушените звуци на некоја песна од Битлси во позадина, додека околу тебе се чувствува присуството на некој/некои кој/кои го/ги сакаш.