Улогата на цар Јустинијан I во континуитетот на организираниот црковен живот во Македонија
Во периодот на првата половина од шестиот век во Константинопол се појавува правоверна и многу побожна царска династија која потекнува од нашите простори. Новите цареви го поведуваат Источното Римско царство по нов историски тек, во голема преродба и на световен и на духовен план. Предводник на оваа династија е царот Јустин, кој потекнува од малото место Бедеријана, кое многумина научници го препознаваат во денешното скопско село Бадер. За него во историјата е запишано дека иако бил обичен селанец, сепак бил многу интелигентен, мудар и прониклив. Тој од обичен војник напредувал до офицер и заповедник на императорската војска, а по смртта на ромејскиот цар Анастасиј (518 г.) бил избран за нов наследник на престолот.
Меѓутоа, сите заслуги и целата слава на оваа династија ги носи неговиот внук од сестра Јустинијан, кој бил негов советник и совладетел. По потекло бил исто така од Македонија, од околината на Скопје, од малото место Таврисион, денешното скопско село Таор. Лаичкото име му било Управда. Го наследил на престолот својот чичко Јустин во 527 година. Големината на овој цар е неразделно поврзана со неговата длабока вера. Верувал православно и живеел според верата. Во неговото житие стои дека за време на Великиот Пост не јадел леб и не пиел вино, а се хранел само со зелје и пиел вода секој втор ден. Бил успешен во војните и во работата. Изградил голем број прекрасни храмови, од кои најубав меѓу сите е Света Софија во Константинопол (Цариград). Го поддржувал развојот на монаштвото и устроил многубројни манастири, меѓу кои и манастирот на Света Екатерина на Синај. Во средината на шестиот век за време на владеењето на Јустинијан Први се одвива посебен процвет на градежништвото и во Македонија. Само две години откако се зацарил, во Константинопол го отворил првиот христијански универзитет, на местото од Атинскиот пагански универзитет, кој бил последен силен генератор на саморефлексивни мислители и дејци неподготвени да го прифатат патот на егзистенцијалната преобразба на човековото битие според образецот на Христовото Евангелие во кое, пак, Јустинијан гледал единствен извор на вистина, мудрост и светлина. Ги собрал и ги издал римските закони во познатиот Јустинијанов Кодекс. Самиот пишувал многу строги закони против неморалот. Го востановил празникот Сретение Господово. Пишувал и богословски дела. Ја составил црковната песна „Единороден Сине и Слово Божјо“, којашто од 536 година наваму се пее на светата Литургија. Го свикал Петтиот Вселенски Собор во 553 година. Се упокоил мирно на 14 ноември 565 година во осумдесеттата година од животот и се преселил во Царството на небесниот Цар. Не случајно Црквата Божја го вброила во редот на своите светители.
Несомнено царот Јустинијан бил најобразованиот човек во својот век. Како владетел ја отелотворил римската универзална идеја. Воспоставувањето на универзалното Римско царство било вековен копнеж на секој Ромеец. Светиот цар Јустинијан успеал со својот сестран дух и цивилизаторска моќ, а пред сѐ со својата длабока вера, тоа да го постигне барем во времетраење од еден краткотраен историски интервал.
Царот Јустинијан, како што вели единаесеттата новела од неговите законски зборници од прописи за Црквата, свештенството и манастирите (Novellae), сакајќи да ги возвеличи својата татковина и родното место, прво го подигнал градот Јустинијана Прима на местото на своето мало село и го назначил за епископско седиште на новооснованата Архиепископија Јустинијана Прима (Прва). На овој начин во 535 г. на територијата на Македонија била основана самостојната Архиепископија Јустинијана Прима. За прв архиепископ бил именуван Кастелијан, а нејзината канонска јурисдикција ги опфаќала областите: крајбрежна и средоземна Дакија, остатокот од Втора Панонија, Прва Мизија, Превалитанија, Дарданија и Втора Македонија. Јустинијан на новата Архиепископија ѝ доделил највисок можен ранг, веднаш зад Рим и Константиниопол, дури и пред Александрија, Антиохија и Ерусалим. Својата одлука од 11 новела од 535 г. царот ја потврдил со 132 новела во 545 г. Познати се и други архиепископи на Јустинијана Прима, како што се: Бененат, Павле, Јован I, Леон, и последниот - Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.
Веќе имаме нагласено дека суштинско црковно име на Македонската Православна Црква е Охридска Архиепископија. Согласно историските факти и Уставот на нашата Црква, на Црковно-народниот собор во Охрид во 1958 година во лицето на Македонската Православна Црква била возобновена Охридската Архиепископија, а Поглаварот на Македонската Православна Црква ја добил титулата Архиепископ Охридски и Македонски; случување кое Српската Православна Црква во 1959 година го потврди со своја соборска одлука, а што е уште поважно, го потврди со Литургијата на која Српскиот Патријарх Герман во сослужување со Архиепископот Охридски и Македонски Доситеј, како и со Бачкиот епископ Никанор, на 19. 07. 1959 г. во Скопје го хиротониса новоизбраниот епископ Преспанско-битолски Климент. Ова изворно и суштинско црковно име на нашата Црква – Охридска Архиепископија, во остварените средби со другите сестрински Православни Цркви, никогаш досега не било доведено во прашање.
Автокефалната Охридска Архиепископија како Црква со седиште на овие простори се темели врз уште постара Црква од шестиот век, а тоа е Црквата за која досега говоревме - Јустинијана Прима, во тоа време како што веќе подвлековме трета по чест меѓу помесните Цркви, после Рим и Цариград. Тоа е црковен и организационен континуитет на којшто секој може да му позавиди. Непобитен доказ за ова е фактот што многумина од охридските архиепископи се потпишувале и како архиепископи на Јустинијана Прима.
Соседните народи во текот на вековите оформиле свои сопствени центри на државна и на црковна моќ, откинувајќи, канонски или неканонски (како на пример тогашната Пеќска Патријаршија, а денешна СПЦ), територии што се наоѓале под црковна јурисдикција на Охридската Архиепископија. Токму тоа е сведоштво дека Охридската Столица не ја познавале и не ја чувствувале како свој црковен центар, но добро знаат и денес дека таа, со Охридскиот Универзитет, е нивен духовен и културен центар - од тука па до Русија - и извор на нивниот црковен, а да не кажам и државен идентитет.