Поранешниот министер за здравство и за образование вели дека во 2016 година, како шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, бил подготвен да си поднесе оставка и за пораз со само еден глас или пратеник помалку
Поранешниот министер и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, се приклучи кон повиците за промени во партијата, кои по изборите ги упатија низа ексфункционери на партијата кон актуелното раководство.
Во колумна со наслов „Обединување под нови постулати“ објавена на
„Дојче веле“, Тодоров порачува дека се потребни обединување и промени во ВМРО-ДПМНЕ.
„Не ми е поентата да критикувам, уште помалку да се ситам на поразот. Тоа не е добро и е спротивно на моите принципи и идеали. Она на што сакам искрено да повикам е единство. Потребно ни е обединување. Ни треба силна, прогресивна, европска, централно-десна народна партија базирана на инклузивност, а не на исклучивост. Поставена на модерни постулати на умерен патриотизам, целосно ослободена од екстремниот национализам и популизам. Ни треба ВМРО-ДПМНЕ која ќе може да го победи СДСМ“, пишува ексминистерот.
Тој директно не го повикува Христијан Мицкоски и раководството да си поднесат оставка, но се чини на тоа алудира присетувајќи се на изборите во 2016 кога беше шеф на изборниот штаб.
„Евоцирајќи спомени од минатото целава ситуација ме потсети на изборите во 2016 година, Груевски беше претседател, а јас бев шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, па додека ги чекавме изборните резултати, кои беа тесни како и овие, знаевме дека и еден глас да загубиме, и еден пратеник помалку да имаме и тој и јас ќе си поднесевме оставка како врвен демократски чин. Ама сепак, тогаш победивме со 454 577 гласови“, пишува Тодоров.
Поранешниот висок партиски функционер во колумната го анализира и изборниот резултат, кој според него е слаб и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Негативната кампања, меѓусебните навреди и ниското ниво на политичка толеранција значинето со говорот на омраза, нагласува, предизвикаа чувство на горчина и одбивност кај електоратот.
Кога на сето ова, вели Тодоров, ќе ја додадеме и состојбата со пандемијата и крајно застрашувачкиот дневен здравствен билтен на новозаболени и починати доведе до тоа и двете партии да потфрлат на изборите.
„Ако треба накратко да објаснам што се случи би го рекол следново: На овие избори не победи СДСМ туку ВМРО-ДПМНЕ загуби. Победи единствено ДУИ. Како победи и зошто е друго прашање и тема која заслужува сериозно да си го ставиме прстот на челото. За жал и на разочарување на сите нас кои долги години сме искрени членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, морам да констатирам дека не успеавме да го победиме СДСМ и покрај фактот што имаше многу причини тоа да се случи. Изгубивме. И што порано го прифатиме овој факт, тоа подобро и за ВМРО-ДПМНЕ и за државата. Причините може и треба да ги анализираме, објективно и трезвено, но она што мораме да го направиме е да не дозволиме да се подели ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа на никому од нас нема да му одговара. Тоа можеби ќе му оди во прилог на СДСМ, но и ним единствено на краток рок бидејќи не може да зборуваме за квалитетна власт без квалитетна опозиција. Поделени и раскарани ќе губиме повторно, и повторно. Тоа е рецептот за неуспех и тоа долго време ќе ја држи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, а СДСМ ќе победува со исклучително недоволни и неубедливи триста два триесет илјади гласови“, наведува Тодоров.