Укинувањето на А2 лоша вест за Брисел
Амбасадата на САД се чуди зошто А2 е прв радиодифузер врз кој е извршено барањето за програмски формат
Љубиша Станковиќ
Одлуката на Советот за радиодифузија да и' ја одземе дозволата за работа на телевизијата А2 не значи и целосно прекинување со работата. Програмата на А2 во иднина ќе можат да се следат онлајн, преку веб-порталот „Либертас“. Онлајн-емитувањето засега е единствената можност новинарите од оваа телевизија да продолжат со својата работа по одлуката што ја донесе завчера СРД.
„Одлуката на СРД за мене не претставува изненадување. Напротив, ова беше сосема очекуван потег. Не му се лутам на премиерот Груевски, но ако од некого сум разочаран, тоа е господинот Али Ахмети, за кого мислев дека има поголем демократски капацитет. Ние го направивме своето и ја постигнавме целта. Процентот на гледаност на телевизијата, по само 25 дена работење, говори дека народот бара нешто поинакво од она што се нуди сега“, вели Ацо Кабранов, главен уредник на телевизијата А2.
Одземањето на дозволата за работа поради „неусогласеност на работењето со Законот за радиодифузна дејност“ вчера беше остро критикувано од Здружението на новинари на Македонија.
Според ЗНМ, одлуката на СРД ја загрозува слободата на медиумите. „Непочитување на програмска шема не може да биде мотив за затворање на медиумот. Советот требаше да и' даде уште една шанса на А2, бидејќи нивната функција е да ги направат медиумите поодговорни, а не да ги затвораат. Ова е опасна одлука и ако во иднина се прави така, ќе немаме медиуми“.
За најновите случувања поврзани со А2 со свој став се огласи и премиерот Никола Груевски. Тој вели дека „ги разбира чувствата на лицата кои досега функционирале во телевизијата“, но дека „законските одредби треба да ги почитуваат сите и без исклучок, а дека телата кои одлучуваат за почитувањето на законот треба да го прават тоа врз основа на правни и законски аргументи, неселективно и врз основа на закон и принципи“.
Премиерот Груевски упати апел „до засегнатите страни да не се обидуваат со политизација и свесно погрешно толкување да се урива имиџот на државата“, а доколку постои реакција и несогласување со одлуката на СРД, да се искористат сите правни мерки и механизми и да се презентираат ставовите пред надлежните институции, низ соодветната законска процедура и предвидените прописи.
Веста за одземањето на дозволата на А2 меѓу првите ја прокоментира и еврокомесарот за проширување, Штефан Филе. Тој преку „Твитер“ изјави дека „не е среќен што добрите вести за декриминализацијата на клеветата се деградирани од не толку добри вести како што е одземање на лиценцата на А2“. Неофицијално се дознава дека Европската комисија планира да го отвори ова прашање во разговорите со македонската Влада.
Портпаролот на Филе, Петер Стано, вчера изјави дека Комисијата е загрижена за одземањето на дозволата на А2. „Ќе следиме што ќе се случува понатаму со оваа телевизија, посебно што слободата на изразување на медиумите е една од точките во високиот пристапен дијалог“, додаде Стано.
Со одредена доза загриженост се огласи и амбасадата на САД во Скопје. Во писмениот допис стои: „Разбравме дека Советот за радиодифузија гласал за одземање на дозволата за емитување на А2 поради непочитување на барањата што произлегуваат од програмскиот формат. Се согласуваме дека сите медиуми треба да ги почитуваат сите обврски што произлегуваат од поседувањето дозвола и тоа е исклучително важно за постоењето независна и избалансирана медиумска клима, но гледаме дека А2 е прв радиодифузер врз кој е извршено ова барање. Одблиску ќе ги следиме процедурите на Советот за радиодифузија за да потврдиме дека нивниот мониторинг на содржини со цел наполна усогласеност со радиодифузната регулатива се применува еднакво стриктно врз сите телевизиски станици“.
Прекршувањето на член 63 од Законот за радиодифузија, на кој се повика СРД кога ја изрече одлуката за престанување со работа на А2, според Македонскиот институт за медиуми не претставува основа за одземање на дозволата. Според МИМ, овој член не содржи експлицитна одредба дека основа за одземање на дозвола може да биде непочитување на програмскиот формат.