декември 29, 2014 17:01
Професорите и студентите ги повикаа пратениците да не ги прифатат измените во Законот за високо образование, кои меѓу другото предвидуваат и воведување државен испит на факултетите.
Се надеваат дека народните избраници ќе бидат поконструктивни од Владата и ќе ги слушнат нивните повици за дебата и аргументирана дискусија за законските измени. За таа цел професорскиуот пленум на сите пратеници им достави писмо, потпишано од 300 универзитетски професори, во кое ги повикаа да не го притиснат копчето што ќе значи уривање на автономијата на универзитетите.
- Морам да потсетам мнозина пратеници дека од 2001 година наваму, но и претходно поднесуваа пријави за магистратури, за докторати, па дури и луѓе од Владата поднесуваа. Ако не вредат нашите универзитети, зошто ги чувате дипломите, праша професорката Гордана Силјановска.
- Владата се обидува да направи еден вид геноцид на интелектуалците и да ја запре секоја слободна мисла. Собранието во својот инвалидски состав ќе ги донесе законите, независно од се`. Ние сме тука за да укажеме дека прават една голема грешка и ги доведуваат целото образование и целата земја во опасност, рече професорот Слободан Унковски.
Професорите преку писмото порачаа дека доколку пратениците ги изгласаат законските измени, нивна последна надеж останува претседателот на државта, Ѓорѓе Иванов, кој доаѓа токму од нивните редови.
- Ако претседателот на Република Македонија, кој милува да ги повикува и да ги учи младите лидери на донесување храбри одлуки, да собере храброст барем сега да каже „не“ и не посегне по ветото ќе го загуби не само својот политички легитимитет туку и професорското и моралното достоинство и интегритет, пишува во писмото, кое на собирот го прочита Владимир Мартиновски од Професорскиот пленум.
И професорите, и студентите упатија жестока критика за изјавата на премиерот Груевски, во која тој ги обвини професорите дека се приклучиле на протестот на Студентскиот пленум само заради тоа што не издавале доволен број квалитетни научни трудови.
- Не му доликува на државник да се однесува како навреден тинејџер. Тврдоглавоста не е одлика на луѓе кои треба да носат одлуки, кои нас не засегаат, истакна Владимир Делов од Студентскиот пленум.
Од студентскиот и од професорскиот пленум порачаа дека ниските температури и високите снегови нема да ги поколебаат во намерата да ги одбранат сопствените права, но и автономијата на високото образование во земјава. Најавија дека и во текот на наредните денови преку различни форми на протест ќе продолжат да го изразуваат незадоволството од предложените реформи. Доколку не се повлече овој закон не исклучуваат и граѓанска непослушност како одговор на игнорантскиот однос на владата.