Кајгана чита - 2026 edition

  • Креатор на темата Креатор на темата Zlatikevichius
  • Време на започнување Време на започнување

Колку книги мислите дека може да прочитате во 2025?


  • Вкупно гласачи
    24
  • Гласањето ќе се затвори: .
1. Гордост и предрасуда - Џејн Остин - 7.5/10

Интересна книга од жанр кој не ми е омилен. Фокусот е на развој на карактери преку кои ќе се претстават човечката гордост, предрасудите кои ги имаме без да ги знаеме фактите, манирите и читање на истите, општествени слоеви, интереси при склучување бракови. Во делото можат да бидат забележени некои особености кои биле карактеристични за тоа време, а се искоренети за среќа денес (се надевам), како на пример склучување бракови меѓу први братучеди, за да се зачува имотот и богатството во фамилијата. Ова било карактеристично и секојдневие кај аристократијата се до половина на 19ти век, понатака како оди медицината напред, свесноста за генетски ризици, среќа било искоренето. Но, дел од ситуациите од книгава може да се забележат и во денешно време, како мешање во бракови и врски од страна на пријатели и роднини, погрешно протолкувано однесување на луѓето, предизвикано од недоволна комуникација. Причината поради која една ваква книга не може да ми е омилена е тоа што темата “склучување бракови“, самата по себе не е доволно интересна, а целата оваа драма се базира токму на тоа. Моментот на градење карактери е добро изведен, пораката е пренесена успешно, но дејствијата сами по себе не беа претерано интересни. Имаше одредени сличности со Ана Каренина, бракот како централна тема, општествените норми, ограничена слобода кај жената. Во едното дело настаните кулминираат со среќен исход, додека во другото завршуваат трагично. Ако е некој фан на побавни драми, може да му се допадне, ако некој бара интересна возбудлива книга, нека ја прескокне.
 
1. The Odyssey - Homer 3/5
2. Project Hail Mary - Andy Weir 5/5
3. Трипати Взори - Алесандро Барико 3.5/5

Project Hail Mary ми активираше карпал тунелот а деновиве имав и многу технички работи за читање па барав нешто мало, лесно и на македонски, од тоа што имам по дома. Контроверзната тема на форумот за дали децата треба да летаат исто така ме потсети дека “Свила” му ја прочитав во еден лет и дека многу не знаат ни како се лета, па веќе имав желба да му се навратам на авторот, бидејќи “Океан Море” и “Замоци на Гневот” ми се едни од поомилените читања и е нешто што можам да читам до недоглед. Буквално. Додека не можам повеќе да гледам. Ги имам и другите, жена ми е уште поблиску да го комплетира, но една што никогаш не ја најдов за купување на македонски е “Мистер Гвин”, а “Трипати Взори” е како companion книгиче за неа, среќа забелешката ме убеди:

IMG_0957.jpeg

Приказната не е нешто особено комплексна, станува збор за три меѓусебно поврзани приказни во различно време кои почнуваат во хотел пред зори со емотивни кулминации. Но, веќе знаев што барам, а тоа е стилот и начинот на пишување, изборот на зборови и магијата во навидум прости реченици што те тера да си љубоморен што тебе не ти текнало така некогаш да се изразиш и да посакаш самиот да почнеш да пишуваш. Милина е да се чита Барико, галење. Мало книгуле, се чита во седење, две, или како што е поделено со приказните, три.
 
1. Генералот на мртвата војска - Исмаил Кадаре (Арс Ламина)
052231_1200_1200px_w_0_0px.jpg
Книга со доста интересна содржина и дејство. Можеби за мене една од најинтересните. Дејството се случува во 60-тите години на 20-тиот век, во комунистичка Албанија, каде ќе бидат испратени еден италијански генерал и еден свештеник да ги бараат, ексхумираат и вратат телата на загинатите италијански војници од Втората светска војна. Доста меланхолична и мрачна е целиот роман. Но, исто и тажен за личните приказни и судбини на луѓето од двете страни на војната. Ја препорачувам не секој.

2. Смрт на Нил - Агата Кристи (Магор)
494879094_3732031776931362_704641573746261867_n.jpg
Малку боза литература. Лесно видливо/претпоставливо кој е одговорен за убиството (мотивот), иако не толку лесно како е извршено. Многу хаотично, со многу ликови, од кои дел беа со исто презиме, па во еден момент, за еден лик пишува г-ца...., па во друг ја именува по име, па во следен Мадмоазел, за потоа пример за мајка и' со истото презиме ја именува со г-ѓа или Мадам итн. Многу навраќање напред треба да се потсетиш кој беше кој и како се викаше. За Поаро се знае, како и во секој негов случај, се било перфектно испланирано и извршено, само еден детал не бил земен во предвид... Дека тој ќе биде тука. За да му е интересна книгата на човек, треба воопшто да не мисли и да не се прашува дали во нормалниот свет така функционираат работите. За Поаро сомнителни се само гостите на бродот, екипажот не, тој секако дека не е осомничен, врши претрес по кабини и врши увид на злосторство иако не е никакво официјално лице, испитува и испрашува, на крајот сите веруваат на неговата теорија и никој врши увид итн...
 
1.„Победувања“ – Тим С. Гровер


Оваа книга зборува за менталитетот на победникот и како секој човек може да го развие. Тим С. Гровер ја истакнува важноста на дисциплината, отпорноста и менталната сила – особено кога се соочуваш со најтешките предизвици. Книгата инспирира да преземеш контрола над сопствениот живот, да поставиш јасни цели и да истраеш додека не ги оствариш. Полна е со мотивациски примери и практични совети за личен раст и успех.
 
1. Господарот на прстените - Дружината на прстенот (прв дел) - Џ.Р.Р. Толкин (5/5)

Решив 2026 да на почнам со LOTR. Филмовите сум ги гледал 1000 пати, ги сакам ептен. Класика, претпразнично ги премотав пак и си викам, зошто конечно да не им дадам шанса и на книгите, ко секој нормален љубител на LOTR. Решив да ги читам со македонски превод, поради тоа што читањето на англиски ќе ми одземе премногу време за толкави дела. Пишав и во другата тема дека паметам дека преводите од АЕА беа некако детски со буквален превод на имињата и називите и добро сум памтел. За голем дел од називите на местата, морав паралелно да гуглам за што се работи. Јачменко Маслотрн, најјакиот превод на лик од книгата :D Или Бил Папратов :D
Иииииии, се заљубив и во книгата. Каков вол сум бил што толку време не сум му дал шанса на Толкин. Се изначитав за него, се заинтересирав и за другите дела, просто ме импресионираше за каков лик станува збор. Ќе гледам колку ќе ми дозволи времето, да им дадам шанса и на Хобитот и Силмарилион.
Книгата опфаќа доста подетални осврти на патувањата, особено до доаѓањето до Ривендел и после Морија. Кога го гледав филмот пред Нова година, се' ми идеше дека некои сцени ми фалат. Веќе ми се меша што било во Хобитот, а што во LOTR. Гледам во книгата ги има. После сфатив каков кретен сум и дека некогаш сум гледал extended version (кои се подетални и по пола саат подолги), а некогаш скратената која се даваше во кината. На стариов лаптоп сум ги имал проширените. LOTR ми е втор филм во животот што сум го гледал во кино и уште повеќе на сентименталмост ме фаќаат книгите.
Ме фати очај што ги најдов кецот и третиот дел, но не и вториот.
Јавно да му се заблагодарам на @Zlatikevichius што без да се знаеме лично, веднаш прифати да ми ја позајми на читање :D
God bless Kajgana <3
 
2. „Само таа остана“- Рајли Сејгер

Втора книга оваа година, и втора која во насловот го содржи зборот „остана“. Воедно, и четврта од истиот автор после „Заклучи ги сите врати“, „Дома пред да се стемни“ и „Кога лажев за последен пат“. Искрено, би ја сместил некаде на средина помеѓу досега прочитаните, иако крајот не можев ни да го прогрозирам, а не пак да го претпоставам. „Дома пред да се стемни“, досега, ми остави најголем впечаток, најмногу ми се допадна.

Ги имам и останатите, преведени од страна на Антолог, па можеби до крајот на годината ќе прочитам уште една од „Преживеаните девојки“ или „Куќа спроти езерото“. Овие некако ми се попримамливи од „Длабоко во ноќта“. Ќе видам.

Се работи за двојна мистерија, мистериозно тројно убиство, кое се случило далечната 1929 година (настаните во книгата се случуваат во 80тите), каде како единствен преживеан излегува Ленора Хоуп, која сега е во речиси вегеративна состојба. Целокупниот сомнеж паѓа на неа, но во отсуство на конкретни докази, ослободена е од секаква вина, но сомнежот си останува. Од друга страна ја имаме Кит, нејзината негователка, чие име е украсено со зборот “убиец“, затоа што поради нејзиното крајно невнимание умира мајка и, која и е дадена на грижа преку агенцијата за која работи. Со самото тоа, и нејзиното реноме, е уништено. Ленора е нејзиниот поправен испит, а ја примамува и нераскажаната приказна за убиството кое е модерна урбана легенда.

Во книгата е употребена фразата „кафез од тајни“, која досега ја немам сретнато, а звучи навистина доста поетично. И е поидеална од „мрежа од тајни“, затоа што куќата, за Ленора(!), е нејзиниот затвор, чувана далеку од срце, во придружба со единствениот свој пријател, сопствените мисли, кои и станале животен сопатник. Тие и Арчи, готвачот-педер.

Мистеријата започнува да се одмотува последните 60тина страни од книгата (која има 360 и нешто), што ќе каже дека е солиден трилер, со многу прашалници, каде постепено започнуваме да ги глеаме и одговорите. Мислам дека и рушењето на куќата си имал свој симболизам. Сепак, никоја птица не е среќна во својот кафез.

Следната книга ми е по препорака, исто трилер, ќе ја започнам уште утре и се надевам дека ќе уживам.

2/20
 
1. Менсфилд Парк - Џејн Остин

Слична тематика на Гордост и Предрасуда, но главната хероина Фени е многу подосадна и повлечена. По 2 изиграни танца паѓа во несвест.
Првата половина ми беше поинтересна од втората.
2.5/5
 
1. The Odyssey - Homer 3/5
2. Project Hail Mary - Andy Weir 5/5
3. Трипати Взори - Алесандро Барико 3.5/5
4. Piranesi - Sussanna Clarke 2.5/5

IMG_1126.jpeg

When you observe the world the world observes you back. Првата половина многу рефлективна, 100 и нешто страни ги читав долго, бавно, тешко бидејќи не е јасно каде сме и како функционира светот. Го следиме Пиранеси и неговите дневни ритуали како сам во свет, the house, којa е составена од километри и километри неизбројни соби од мермер полни со статуи од мали до цели трикатници и редовно има поплави. Има уште еден човек со кој се среќава еднаш неделно и преку ритуали бараат некое поголемо знаење. Многу напорна ама уникатна атмосфера поради како е напишана и поради позадинската философија каде ме замислуваше до толку да губев фокус и се наоѓав како сум престанал да читам и почнал да размислувам. Додека вториот дел го смачкав многу брзо откако се отвара приказната и се претвара во обичен крими трилер, со окултизам и фантазија елемент. Разликата е толку драстична што мислам двајца различни ја пишувале, а имам читано книга напишана од двајца (This Is How You Lose the Time War) и освен што не се примеќаше, туку беше и одличен гимик бидејќи беа две завојувани страни. Преголем контраст, и иако се мачев со првата половина сепак можеби поради елементот на изненадување, многу повеќе ми се допадна одошто вториот дел кој освен што благо ме разочара туку и ме изнервира таа избрзаност што ѝ ја препишувам на книгата, која можеби е и намерна. Нема ни 300 страни но ме измори и засити да не сакав да е подолга иако можела. Различна книга во секој случај, повеќе поени за филозофијата, вајбот и атмосферата одошто другото, и поени што збори за изолираноста и се поголемото разочарување од човештвото, ако не друго, колку и да претходно збореше за убавината во обичниот живот, и како да повеќе го цениме.
 
Bildschirmfoto 2026-02-07 um 02.40.21.png

Victor Sinadonoski - Defining the Macedonians: Western Perspectives on the Macedonian Identity in the Early 20th Century (3,5/5)
Втора книга од Македонецот, роден и раснат во Америка. Дур ми е посвежо.
Оваа книга нуди јасна и аргументирана анализа на македонското прашање во почетокот на 20 век преку призмата на западните патеписци и набљудувачи. Авторот Синадиноски, добро ги разгледува нивните книги во целост и покажува дека повеќето објективни и непристрасни посетители ја перципирале македонската популација како посебен народ, и покрај силните и долготрајни пропагандни кампањи на соседните држави. Делото истакнува дека политичките поделби меѓу Македонците не биле израз на етничка или национална припадност, туку резултат на систематска индоктринација и притисоци. Делото е особено значајно затоа што ги разобличува манипулациите со извадени цитати кои и денес се користат од шовинистички кругови, нудејќи поширок и поконтекстуализиран поглед. Книгата претставува вреден придонес за разбирање на македонскиот идентитет и историските околности што влијаеле врз неговото обликување.

Сепак, не е така лагодно за читање како првата книга од него што ја читав. Повеќе оди на објективен научен труд. Успева во тоа на крај. Дело наменето за читачи со поопширни историски познавања и научници кои пристапуваат кон оваа тема.


Следна е: Benjamin Langer - Fremde, ferne Welt. Mazedonienimaginationen in der deutschsprachigen Literatur seit dem 19. Jahrhundert

Авторот е Германец кои има преведено дела на Македонски автори на Германски, на пример од Влада Урошевич - Мојата роднина Емилија.

На 30% сум ќе пишам кога ќе завршам.
 
1. Авел - Алесандро Барико (Антолог, 2025 (оригинал издаден 2023))

1770579023967.png

Барико го обожавам! Можеби не можам да го ставам на пиедестал како најомилен мој писател, но тука некаде е, во близина, го дели врвот со Памук, Зафон, Фаулс... Имам прочитано многу од неговите романи, да не речам - речиси се што е преведено на македонски. И отсекогаш сум се восхитувал и на неговата генијалност и на (не)суптилната налудничавост на сите негови ликови и приказни. Кај „Авел“, за жал, ми фалеше малку од сето тоа. Не можам да кажам дека не ми се допадна, Барико не може да не ти се допадне. Но не можам ова да го изедначам ни со „Новеченто“, ни со „Емаус“, ни со „City“, „Океан море“, а далеку со мојата најомилена - „Замоци на гневот“... Само затоа има 4/5. Но и „Авел“ е одличен роман, само многу поприземен и покомплесен од тоа што Барико мене ме навикнал да очекувам. Секако, ова не е лоша работа, само од Барико не очекувам да биде комплексен, него го сакам баш заради генијалноста која произлегува од целата таа површност и едноставност.

За жал, не ми го донесе во целост тоа кое го очекував од него. 4/5
 
2. Кривата Дијана (роман за верижната вина) - Фросина Пармаковска (Арс Ламина, 2025)

1770891939002.png

Уште еден прекрасен роман на Пармаковска. Некако се навикнавме со секој нејзин нов роман да кажеме дека е позрел од претходниот и дека Фросина ја крева летвичката погоре и погоре. Но, лично сметам дека „Вишнова хроника“, вториот нејзин, во еден поглед беше ненадминат од наредните - во поглед на емоциите кои ги создава кај читачот. Е па сега „Кривата Дијана“ се доближи многу до него, а можеби дури и го надмина! Да, за мене она што овој роман ми го направи поубав од претходните е токму тоа што во мене изнуди многу емоции. Ме натера да сочувствувам со ликовите, ме разнежни, ме насолзи, ме замисли... Има многу искреност во нејзиното пишување. Ликовите, како и секогаш, ни се блиски, како земени од нашите животи, ги живеат нашите секојдневија, ги сонуваат истите сонови како нас, исправени се пред истите предизвици... Можеби токму тоа е нејзиниот рецепт за успех - мислам дека и сама има кажано дека така ги гради приказните: прво се раѓа ликот, а после околу него се расплеткува приказната.

Има многу длабока философска нишка во „Кривата Дијана“, но таква напишана со едноставен јазик и стил со што може секого да натера на размислување. Не би рекол дека е ова во таа мера роман за вината, како што стои во поднасловот, колку што е роман за простувањето и моќта на простувањето. Само кога ќе простиш некому, можеш вистински да продолжиш понатаму, ослободен од сите планини кои натежнале врз тебе. Но, „Кривата Дијана“ е и роман за нешто што последните години, за жал, стана наше секојдневие - роман за загубата и болката, но не само личната, индивидуална загуба и болка, туку колективната - таква каква што за жал неколкупати не погоди сите нас изминатава деценија. Не може, а да не се прочита меѓу редови тука и за несреќата во дискотеката во Кочани, и за двете автобуски несреќи - кај Ласкарци и во Бугарија. Можеби затоа што и сами сме преживеале се тоа што им се случува на ликовите во романот, толку боли, толку удира на емоции и толку е искрен, реален и добар.

Единствена мала замерка која ја имам за романот е неговиот наслов. „Кривата Дијана“ не само што ми беше misleading, туку и е со некаков пејоративен тон каков што подоцна во романот не најдов (освен, можеби, на едно-две места). Но и да не е во тоа проблемот, сметам дека овој роман не беше воопшто роман за Дијана. За мене таа беше само спореден лик. Романот е многу подлабок и послоевит за да носи наслов на само еден од ликовите. Но како и да е, насловот воопшто не става ни најмала дамка на тоа што го има меѓу кориците. А тука, меѓу кориците, како и во секој роман на Фросина Пармаковска, има цело богатство!

Еден од најдобрите добитници на наградата „Пегаз“ до сега. Чиста ко солза 5/5!
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom