ЛЕНА И ВЛАДИМИР (2023) - Léon: The Professional на македонски начин
Прегледај го приврзокот 461417
„Лена и Владимир“ е од оние филмови во кои се „нурнуваш“ на прва преку атмосферата од бои и природа што изгледа како од бајка, а потоа тивко и без најави те удира со тежина што не си ја очекувал. Игор Алексов и Александар Русјаков е дуото заслужно за проектов од кој уште од самиот старт се гледа дека е направен со срце и со желба да се раскаже нешто топло, сурово и многу човечко.
Приказната ги следи Лена и Владимир, два лика што животот ги скршил на различни начини. Владимир (Тони Наумовски), живее повлечен и осамен, со лузни на лицето со кои е испишана една дамнешна трагедија. Тој лик има тежина што се чувствува од првата сцена, како тивко присуство што само ѕирка и го насетувате. Лена (Сара Климоска), пак, е девојка што бега од дом за сираци каде што наместо да биде заштитена, минува низ најцрните можни злоупотреби. Таа е ранлива, но истовремено има некоја внатрешна сила што привлекува како магнет и токму тука, меѓу нив двајца, почнува да се раѓа приказна што наликува на македонска верзија на Léon: The Professional.
Она што е интересно е што филмот, иако мрачен, не те остава да се давиш во таа темнина. Има моменти на хумор, на чиста македонштина во дијалогот. Тие ситни comic relief моменти излегуваат природно, како кога луѓето кај нас знаат да кажат по некоја фора среде најголема мака, само да можат да дишат уште малку. Токму тоа му дава живот на филмот.
Покрај главната приказна, има и една споредна што убаво го поткаструва нашето општество како што заслужува. Особено силна е сцената со покојниот Луран Ахмети, кој ладнокрвно му вели на Јово: „НЕ СМЕЕШ ДА МЕ УБИЕШ, ЈАС СУМ ВЛАСТ”. А Јово, онака народски и без влакна на јазикот, му враќа нешто во стилот: „ШТО ЗНАЕ СТАРЕЦОТ ЗА ТИЕ РАБОТИ?“, и следниот момент, БУМ, сè станува јасно како ден, едноставно, директно и болно вистинито.
Сара Климоска и Тони Наумовски ја носат приказната уверливо и меѓу нив има тивка хемија што потсетува на односот меѓу Леон и Матилда, само што тука е обоена со нашиот менталитет, со балкански рани, со љубов што се раѓа од болка наместо од нежност.
Ова не е само филм за траумата и бегството од неа, туку и за тоа колку далеку може да оди човекот за некој што го сака, колку многу може да прости, колку може да изгуби и на крај колку може да остане човек. „Лена и Владимир“ е македонска бајка во која принцезата не чека спас, а принцот е повреден, осамен и пред сè ЧОВЕК.
Оваа бајка без магија докажува дека вистинското чудо не се пеперутките, туку луѓето, кои и кога се најскршени - избираат да сакаат.