Последен гледан филм со кратка рецензија

  • Креатор на темата Креатор на темата Дивајн
  • Време на започнување Време на започнување
images.webp

... во последно време ноншалантниот амерички глумец Bob Odenkirk со негова гестикулација, глума, а богами и мавање ми остави впечаток, па одвај дочекав вториот дел на филмот нобади2.


...симпатична приказна, мавање до бесвест како платен убиец, ама и смешни моменти, необичен филм каде мускулите не се толку напумпани и важни да се видат при блиска крвава борба.
 
Последно уредено:
DJ Ahmet - Georgi M. Unkovski (2025)

1759949117329.png

Аиии, какво филмче сме направиле! :cuc: :cuc: :cuc:

Она што прво и најмногу ме импресионираше, уште од сам старт, е неверојатната кинематографија! Наум Доксевски - прв пат слушам за типов, ама мора наклон до под за него! :cuc: Од првата сцена со прекрасните пејсажни кадри кои многу наликуваат на кадрите од филмовите на Нури Билге Џејлан, со статична камера која ја лови природата со своите неописливи убавини. Но некаде на средина на филмот има една секвенца, мајстоски одработена каде светлото од пиротехниката која распукува на небото во различни бои осветлува два лика додека нивните лица милиметар по милиметар се доближуваат - сцената е маестрално снимена! И генерално целиот филм, кадрирањето, гро плановите, движењето на камерата... ма се е неверојатно прекрасно! Визуелно е бонбонче!

Второ - морам втор наклон до под :cuc: за режисерот и сценарист Георги Унковски: успеал да напише и сними филм на јазик кој не го говори (речиси 99,9% од филмот е на македонски дијалект на турскиот јазик), а се тоа да изгледа толку природно! Неверојатна умешност е потребна за тоа.

Трето - глумата на скоро сите инволвирани е толку природна, толку добра, а на повеќето од актерите ова им е прв пат пред камера. Освен главниот лик, Ахмет, кој го глуми неверојатниот Ариф Јакуп, жител на истото село во кое е снимен филмот, особено морам да го пофалам малиот Агуш Агушев кој го глуми неговиот помал брат и кој е фан-та-сти-чен!

Четврто - во самата приказна особено ми се допадна инкорпорирањето на хуморот. Практично, ова е комедија, зашто на моменти те тера гласно да се смееш не можејќи да се воздржиш. Најсмешните моменти се со влегувањето на новите технологии во едно јуручко село некаде во радовишко и како селаните се справуваат со модерните технологии: социјалните мрежи, електронската пошта, современата музика од Западот, како и компјутерите, телефоните... звучниците :D

И можеби најважно од се: DJ Ahmet е филм со многу искреност и многу душа во него. Меѓу другите работи, тој е и филм за семејството, за тоа колку е потребна љубовта и поддршката од блиските. За тоа дека кога мислиш дека немаш ништо, а и кога веројатно навистина немаш ништо, доволно е да се имате себеси со тие кои најмногу ги сакаш. Тоа е филм кој убаво би било да го гледаш сам, за да не ти се смејат ако поштено се изнаплачеш, ко мене! :sramezliv:

Не велам дека филмот е перфектен. Не е тој ништо што веќе не е видено. Една иста приказна е, само рециклирана по којзнае кој пат. Не за џабе го викаат и „македонскиот Footloose“. Темите се бројни и затоа се чини како на моменти со тој shift од една во друга како да го губи фокусот. Лично ми сметаше и монтажата која го правеше на моменти да изгледа фрагментирано. Како да ми фалеа некои преодни сцени кои би создале некој поприроден тек. Вака на два три пати се почувствував ко да е брзоплето сработен, монтиран или недоработен. Може беше тоа само личен впечаток, но би сакал да слушнам мислења откако ќе го изгледате другите. И последно - имаше малце наивни и по малце клише моменти во сценариото кои исто ми засметаа на моменти.

Но, генералната слика е дека ова е и повеќе од убаво филмче и не може да не го сакаме - дека наше, а светско! Сите награди - заслужени! Се прашувам: ако Друштвото на филмски работници ОВА не го пушти како македонски кандидат за Оскар, колку ли само треба да е добар Силјан на Тамара Котевска? Сега сум уште по-хајпнат за тој филм! :vozbud:

За DJ Ahmet - сосема заслужена 5/5! Одете да го гледате додека уште го има во кино! Ви ветувам дека ќе уживате!
 
images (32).jpeg

... само што го догледав, малку емоции од моја страна за негова улога како татко да биде присутен на роденденот на ќерката, а и да не го изгуби старателството како борец во мешани боречки вештини се откажува од натпревар на кои се вложени во опклада големи пари, па се меша тука и мафијата и тепачка колку ти душа сака, па ме заболе и мене секој мускул од толку гледање тепање со тупаници и борилачки вештини малку претерано да може човек толку испотепан да уште функционира, али Ок добра снимка и напната атмосфера во тепачките.

images (31).jpeg

...инаку се чудев, што па мешани српска мафија во германски филм, арно ама главниот актер иако роден во Берлин, потеклото по мајка Мароканка, а по татко Србин, интересен актер Емилио Emilio Sakraya Moutaoukkil со мароканска физиономија ама српски дух, интересна комбинација.
...ако сакате да гледате борилачки вештини во побајаги сцени на тепање потрошете го ваше слободно време да го видите, оценка за тепање не давам :D
 
Последно уредено:
The Life of Chuck (2024)

maxresdefault.jpg

(I am large, I contain multitudes)

Кога ќе прочитате дека во креацијата на некој филм или серија прсти вмешале имиња како Стивен Кинг и Мајк Фленаган веднаш си создавате слика дека ќе гледате некоја хорор/мистерија. Но, овојпат решија да нѐ изненадат со еден длабок филозофски лајтмотив - минливоста на животот. Вреди ли да живееш кога знаеш дека ќе умреш?

Чак е обичен човек, во обичен град, со обична професија. Неговото постоење нема да остави белег во светот, како да речеме постоењето на големите имиња како Ајнштајн, Њутн, Тесла, Моцарт, Бетовен, Шекспир, Толстој или Достоевски, но со смртта на Чак (како и смртта на секој обичен човек) престанува да постои цел еден свет, сите негови емоции, возбуди, страдања, сите мигови на кои посведочил, сите чувства на луѓето што ги насмеал, расплакал и допрел.

Нарацијата е сместена во една неконвенционална рамка, парцијализирана, целосно ослободена од стегите на хронологијата. Така, на почетокот сте апсолутно збунети, како да гледате режија на Линч (не знаете што гледате, но целосно сте внесени во апокалиптичната визура и ги имате истите стравови како и ликовите).

Допира теми како слободната волја, изборот што го правиме покрај свесноста дека еден ден ќе нѐ нема и од тоа нема бегање.
"The Life of Chuck" е сонот што го забораваме наутро, но оставил траги некаде длабоко во нас.

Фленаган овде го изведува својот најнеобичен потег - се откажува од хоророт како жанр за да го открие хоророт на постоењето. Оној тивок, секојдневен ужас на сознанието дека времето неуморно се движи, дека луѓето исчезнуваат, дека ништо не трае вечно. Но истовремено и убавината во тоа, токму поради минливоста, сè што имаме добива тежина и смисла. Насмевката, танцот, топлината на сонцето која ја чувствуваме на лицето... Сето тоа станува бесценето токму затоа што еден ден сосема ќе исчезне.

На крајот, нема катарза, ниту пак некакво „објаснување“. Наместо тоа, ти остава чувство како по долг разговор со самиот себе. Како да си погледнал во огледало и за првпат навистина си се видел.
 
1762421209082.png


Nothing to Laugh About

Рандом норвешки филм што случајно го затекнав на телевизија од почеток.

Од филмска гледна точка нема нешто спектакуларно, но во секој случај интересна приказна со испреплетени (црна) комедија со драма, пус отсуство на американската патетика во филмовите.

Плотот во една реченица (без спојлери): Стенд ап комичар во Норвешка дознава дека има рак, по што следат промени во кариерата и приватниот живот.

Фокусот на филмот генерално се однесува на неговите релации и врски, предизвиците во кариерата и 'вториот живот' што му започнува откако дознава за болеста.

Од мене има рејтинг 6,5/10, но во секој случај е светла точка за луѓе како мене што сакаат да гледаат рандом филмови што не се популарни.
 
ЛЕНА И ВЛАДИМИР (2023) - Léon: The Professional на македонски начин

lena.jpg

„Лена и Владимир“ е од оние филмови во кои се „нурнуваш“ на прва преку атмосферата од бои и природа што изгледа како од бајка, а потоа тивко и без најави те удира со тежина што не си ја очекувал. Игор Алексов и Александар Русјаков е дуото заслужно за проектов од кој уште од самиот старт се гледа дека е направен со срце и со желба да се раскаже нешто топло, сурово и многу човечко.

Приказната ги следи Лена и Владимир, два лика што животот ги скршил на различни начини. Владимир (Тони Наумовски), живее повлечен и осамен, со лузни на лицето со кои е испишана една дамнешна трагедија. Тој лик има тежина што се чувствува од првата сцена, како тивко присуство што само ѕирка и го насетувате. Лена (Сара Климоска), пак, е девојка што бега од дом за сираци каде што наместо да биде заштитена, минува низ најцрните можни злоупотреби. Таа е ранлива, но истовремено има некоја внатрешна сила што привлекува како магнет и токму тука, меѓу нив двајца, почнува да се раѓа приказна што наликува на македонска верзија на Léon: The Professional.

Она што е интересно е што филмот, иако мрачен, не те остава да се давиш во таа темнина. Има моменти на хумор, на чиста македонштина во дијалогот. Тие ситни comic relief моменти излегуваат природно, како кога луѓето кај нас знаат да кажат по некоја фора среде најголема мака, само да можат да дишат уште малку. Токму тоа му дава живот на филмот.
Покрај главната приказна, има и една споредна што убаво го поткаструва нашето општество како што заслужува. Особено силна е сцената со покојниот Луран Ахмети, кој ладнокрвно му вели на Јово: „НЕ СМЕЕШ ДА МЕ УБИЕШ, ЈАС СУМ ВЛАСТ”. А Јово, онака народски и без влакна на јазикот, му враќа нешто во стилот: „ШТО ЗНАЕ СТАРЕЦОТ ЗА ТИЕ РАБОТИ?“, и следниот момент, БУМ, сè станува јасно како ден, едноставно, директно и болно вистинито.

Сара Климоска и Тони Наумовски ја носат приказната уверливо и меѓу нив има тивка хемија што потсетува на односот меѓу Леон и Матилда, само што тука е обоена со нашиот менталитет, со балкански рани, со љубов што се раѓа од болка наместо од нежност.
Ова не е само филм за траумата и бегството од неа, туку и за тоа колку далеку може да оди човекот за некој што го сака, колку многу може да прости, колку може да изгуби и на крај колку може да остане човек. „Лена и Владимир“ е македонска бајка во која принцезата не чека спас, а принцот е повреден, осамен и пред сè ЧОВЕК.

Оваа бајка без магија докажува дека вистинското чудо не се пеперутките, туку луѓето, кои и кога се најскршени - избираат да сакаат.
 
Последно уредено:

Сега заврши на Кинеманија, интересен филм, без говор и титлување , мајсторски напраен, снимен во Азербејџан...едино не ми е јасно, мислам Азербејџан муслиманска држава а во филмот жените слободни....добро и нашите на филм се слободни...
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom