Телевизиската серија во развој „Авантурите на една турбофолк принцеза“ на авторите Андреј Волкашин (Andrey Volkashin) и Петар В’лчев (Peter Vulchev), а во продукција на OXO, ќе биде дел од CineLink Drama програмата на 29-то издание на SARAJEVO FILM FESTIVAL од 12 до 18 август. За време на програмата, авторите и продуцентите на серијата ќе имаат можност да го презентираат проектот пред филмски и телевизиски професионалци, продуценти и дистрибутери од цела Европа.
Серијата го следи патот на шармантната и несмасна девојка Васка во остварување на нејзиниот сон да биде балканска музичка ѕвезда, потпомогната од нејзината избувлива менаџерка Ебони. Овој телевизиски проект, кој се развива во изминативе 2 години, годинава веќе имаше едно успешно претставување на интернационален филмски форум во Будимпешта, каде го привлече вниманието на продуценти и селектори на програми од Централна и Источна Европа.
„Авантурите на една турбофолк принцеза“ е серија на кој работиме веќе подолго време и сме многу возбудени што ќе имаме можност да го презентираме проектот токму на филмскиот фестивал во Сараево, како водечки регионален настан, бидејќи сметаме дека овој проект има полн капацитет за регионална соработка и успех. – вели продуцентот на серијата Пеце Талески.
CineLink Drama е специјално дизајнирана програма во склоп на CineLink Industry Days со цел да ја помогне регионалната телевизиска индустрија преку презентација на квалитетни проекти во развој, но и здружување на професионалци од различни области, како што се сценарио, продукција, режија и емитување.
Повеќе може да прочитате на официјалната веб страна:
https://www.sff.ba/en/news/11941/cinelink-industry-days-reveals-projects-selected-for-cinelink-drama