Епа, конечно ја завршив. Една од најтешко сварливите книги што сум ги прочитал, ако не и најтешко сварлива. Книгата што заедно со сликата Порнократес на Фелисиен Ропс се смета за костурот на декаденцијата и на францускиот таканаречен фин ле сиекл во уметноста.
Наспроти од Жорис Карл Уисманс.
Уф какво коцкање на Гелевски му било ова, секоја чест.
Можам да ја замислам следнава сцена. Саем на книга, некој неупатен посетител кој купува книги само кога е саем, и тоа купува неколку книги за цела година, како што се впрочем и над 90% од саемските посетители, лута по штандовите и бара по некоја книга за разонода. Доаѓа до штандот на Темплум. Ја загледува книгава, може му фаќа око корицата. Ја врти книгата на позадинската корица, чита дека книгава е библија на декаденцијата и инспирација на Оскар Вајлд (еј не беше тоа некој прочуен писател) да го напише познатото дело "Портретот на Доријан Греј". Посетителот е намамен од овие податоци и се решава да ја земе книгата. Оди дома, се испружува на троседот и почнува да ја чита. Издржува 25 страни. И доживува епифанија, илуминација. Решен е повеќе да не купува книги од Темплум. Не, премал е тој чекор после тие 25 страници. Повеќе нема да оди никогаш на саем за книга. И тоа не изгледа дека е доволно. А да престане да чита еднаш засекогаш било што? Да, само тоа може да го компензира тоа што беше прочитано. И така посетителот фобично одинсталира се на телефонот и веднеше поглед на се што содржеше букви до крајот на животот.
Претерувам? Купете ја книгата и почнете да ја читате.
Од кај да почнам? Книгата нема дејство. Париски богаташ и буржуј му доаѓа преку кур од градскиот живот и се сели на село. Да, тоа е целото дејство. Добро еднаш излегува во градината од селската куќа и еднаш оди во приморските кафани решен дека треба да оди за Лондон. Толку е 90% од дејството, останатото се ситници. Апсолутно е невозможно книгата да се спојлне. Дали сакате да го дознаете значењето на зборот
ПРЕТЕНЦИОЗНОСТ во неговата целокупност? Тогаш прочитајте ја книгата. Иако некој вовед во декаденцијата имав со Градина на Измачувањето на Октав Мирбо, посебно вториот дел кога научив испит на ПМФ за ботаника, ништо не можеше целосно да ме спреми за ова.
Ако треба со еден збор да ја опишам книгава освен со претенциозност, вториот збор би бил рецензија. Рецензија на што ќе праша некој? Епа вака. Бои и лакови, литературни дела, алкохоли, англиската култура од втората половина на 19 век, скапоцени камења и минерали, Франција и Париз и неговите жители низ вековите и денес, антички цивилизации, неевропска ботаника и флоризам и тоа топтан сосе латинските имиња, католицизмот и по нешто ситно и останати религии, еволуцијата на францускиот јазик од средновековието до денес, ликовна уметност, класична музика, типови на мириси и ароми и нивно комбинирање за создавање на други ароми и мириси, језуитски учења. Но чекајте, има уште. Во класичен стил на симболизмот кој е тесно врзан со декаденцијата има дури и синестезија на алкохоли со музички инструменти. Знаете ли виолината со кој алкохол соодветствува? Не само што не знаете туку и ќе се запрашате за кој кур воопшто виолината би соодветствувала со некој алкохол? Епа после книгата ќе дознаете.
Уисманс е гениј. Ако сакате да влезете во главата на еден гениј, не само во течението туку и во самиот извор на неговите мисли и филозофии како и на конекциите на предмети, појави и разноразноштии што произлегуваат од таа генијалност, прочитајте ја книгата. Ама од старт да ви кажам. Нема никогаш да ја доживеете книгата во својата полнотија. Нема затоа што за да ја доживеете потполно треба да знаете се што Уисманс знаел, треба да сте виделе, прочитале, вкусиле, слушнале, мириснале, допреле, восхитувале се што тој видел, прочитал, вкусил, слушнал, мириснал, допрел, восхитувал. А од озгора на тоа треба и да го имате неговото IQ за сето тоа да го изанализирате, синтетизирате и продрете, да ги најдете врзните нишките на сето тоа, а доколку не ги најдете сами да ги направите. А секако тука е и огромната пречка што некои од спомнатите литературни дела не се преведени на македонски, чисто се сомневам дека се преведени и на англиски, а не сите знаете француски, а поготово не средновековен француски, а дури и да знаете, не знам кај би ги нашле тие манастирски списи. А и допполнително што не сте пробале еден куп врсти на вина, ликери и алкохоли. Секоја среќа што постои интернетот па можев да ги барам и да добијам барем визуелна претстава на билки од Индија, Латинска Америка, Африка и Пичкосимајчино како и слики на Густав Моро, Одилон Редон итн и да се информирам за и од Бога заборавени монаси-писари како и староримски поети и песници. Во 90-тите и претходно просечниот читател не би си претставил или разбрал ни 10% од тоа што се збори. За останатите, невизуелни работи, ебаго (јебига) ќе мора да се ослоните на фантазијата и претпоставките. Да, знам, ненормален сум. Пет реда читав, пет минути барав цвеќиња во форма на курови и пички нагризени од сифилис.
Ако рецензијава повеќе ве збуни отколку што ви разјасни некои работи за книгата тоа е затоа што не постои поинаков начин на кој барем јас би можел да ја рецензирам оваа книга. Ако сето ова ве нафрустрира, тек книгата ако ја почнете ќе видите што е фрустрација, нервоза и сеопшта одбивност.
Барбе Д'Орвили кој бил современик на Уисманс и кој ја сфатил книгата на начин на којашто треба да биде сфатена му рекол на Уисманс дека после книгава на авторот му остануваат две опции: метак во слепоочница или прегрнување на крстот и Христа. Вие ќе ја посакате првата опција. А што се однесува за Уисманс, претскажувањето на Д'Орвили се остварило, Уисманс подоцна се враќа во католицизмот откако претходно бил атеист. И навистина, целата дискусија, целата филозофија во книгата води кон тоа. И на главниот протагонист и на авторот. За нив сите патишта водат кон Рим, поточно Ватикан.
Каква само ерудиција, каков само амалгам на писателска вештина и филозофска креативност, какво само познавање на разни теми, какво само лингвистичко заварување и стрелање од прва до последна страна. Секоја чест и за преведувачот, извесна Ружа Димишковска, да би бил јас на нејзино место би му побарал на Гелевски двоен хонорар за цела оваа мака, за сите овие јазични вратоломии. Се гледа дека Уисманс кур не го болело за средностатистичкиот читател. Книгата е напишана како што Стивен Хокинг би држел предавање за астрофизика на првооделенци. Само што предавањето би било како да си збори со свои колеги универзитетски професори, а не со деца. Истата фрустрација ќе ја почувствувате и вие ако се решите да ја читате книгата.
Книгата има нула entertainment value. Не е ни нула, во негативен број оди. Немојте да ја читате. Не би му ја препорачал ни на душман. Нема да уживате во неа.
Ако сепак се решите да ја читате, што строго ви непрепорачувам, неколку совети од мене за што повеќе да исцедите од неа.
-Запознајте се барем малку со делата на Бодлер и Едгар Алан По. По можност и со Стефан Маларме и Пол Верлен.
-Одвојте си повеќе време за да ја завршите, не се брзајте и читајте ја полека.
-Интернетот до вас и бидете спремни за запознавање на француски опати и попови, корови и треви од Полинезија, минерали и кристали за кои ни Агда нема чуено и уште што ти не.
-Страницава ќе ви треба. Многу.
Преглед на: а (сврз.), а (чест.), аба (ж.), абажур (м.), абаџија (м.), абдал (м.), абдикација (ж.), абдицира (св. и несв.), абдомен (м.), абдоминален (прид.), абење (ср.), абер (м.), аберација (ж.), аберџија (м.), абецеда (ж.), абецедар (м.)...
drmj.eu
Излегување од читателската комфорт зона е преслаб израз за да се опише што ве чека ако се решите да ја читате.
Уисманс е гениј. Наспроти е ремек-дело.
Но не дозволувајте тоа да ве охрабри.
НЕ ЈА ЧИТАЈТЕ ОВАА КНИГА!
Не, сериозно, освен ако не сакате да се напукате со нервози и фрустрации од кои нема да добиете никаква ентертејмент вредност, освен ако не ве интересира литературата до крајни граници и сакате да се притиснете до максимум, а за љубопитството сте спремни да платите превисока цена, не се ни обидувајте.
Конечна оценка 10/10
П.С. Ве предупредив да не ја читате нели?