Говорот во кој Зоран Заев ја понуди на јавноста својата експресна постизборна оставка од премиерската и водечката партиска функција е уште еден преседан, невиден во македонската политика. Со брзината која ја донесе оваа тешка и одговорна одлука, со честитките до политичките противници и со манири на (морален) победник и во тежок (изборен) пораз, македонскиот премиер и реформатор, уште еднаш покажа државничка цврстина и големина.
За оваа голема одлука на Зоран Заев веќе пишуваат и ќе пишуваат политичките аналитичари, а пропагандистите ќе се обидат да ја дезавуираат, за да не се сврти јавноста кон други политичари, поранешни и актуелни, кои требало, а не покажале таква големина.
Што се однесува до оставката која јавно ја поднесе, ситуацијата е јасна. Таквата одлука не е добра за партијата, не е добра за владата, не е добра за државата. За партијата можеби треба да се грижат партиските членови, нивна одлука е дали и како ќе ја третираат оваа оставка. Но за владата и државата, збор имаат и сите граѓанки и граѓани на земјата.
Едноставно, Заев отвори и води процеси меѓу кои има и такви што ќе влезат не само во македонската, туку и во европската и светската практика. Мора да продолжи да ги води. Едноставно, мора. Тоа им го должи на коалиционите партнери, а особено на граѓан(к)ите.
Неговата оставка е знак за неговото длабоко чувство на одговорност. Тоа е за поздравување. Таа негова особина се гледа и во низа други постапки и големи одлуки што ги донел, најчесто пловејќи спротивно на „струјата“, од кои може да се издвојат Преспанскиот договор и стратегијата „Едно општество за сите“. Сака сè да понесе на својот грб. Кога се фаќа за лопата, навистина се фаќа за лопата, како во деновите по катастрофалните поплави во 2016 година. Додека Груевски парадираше пред камерите низ село Стајковци, Заев им помагаше на жителите на селото, со засукани ракави.
Заев неретко реагира на настаните (пре)многу емотивно. Поседува убави човечки квалитети, но тие не се секогаш пожелни кога политиката е во прашање. Со таа „слабост“ што ја носи во себе, не може и не треба да се справи сам. Прогресивната јавност има обврска да ја одбие неговата оставка и да му даде простор да ги продолжи процесите.
Уште еден, веројатно, уште пологичен аргумент зошто Заев не треба да поднесе оставка како премиер (за партиската функција, нека решава партијата) е тоа што завршија локални, а не парламентарни избори. Ова нема потреба посебно да се образложува.
Дотука, аргументите се повеќе од јасни и веќе дел од овие ставови се слушнаа и прочитаа во јавноста. Време е за одговорност, работа и продолжување на реформите и процесите, не за оставки на оние што не се одговорни за пораз на локални избори. Значи, добро прочитавте – локални избори.