Куќата на Мазарена - Слободан Мицковиќ
(за оние кои немаат Goodreads)
Првиот добитник на наградата Роман на годината, (тогаш) на Утрински весник, е едно мало книжуле, од 158 страници, во малечок, џебен формат кое се чита во еден здив... Но никогаш не ни претпоставував дека поседува толкава големина што без приговор може да се смести во најзначајните дела на македонската книжевност! Ова е роман кој покажал дека времето е мерило, а не тиражите и изгледот, како што нашиот писател Блаже Миневски инсинуирал на почетокот на милениумот. Да разјаснам, мала историја на Куќата на Мазарена:
Слободан Мицковиќ во 1999 година го дал романот на издавачот Култура, кој за негово издавање конкурирал за финансиска помош од тогашното Министерство за култура, и не ја добил. Култура се обиделе да го издадат со собирање на средства од спонзори, но до истекот на договорот кој го имале со авторот, не успеале да го објават романот. Затоа Слободан Мицковиќ одлучил да го однесе во фотокопирница, каде ископирал дури 10 примероци, скрипти! Како таков, самиздат, го поднесол романот на конкурсот на Утрински весник за роман на годината. Кога романот (заслужено) стигнал до последната фаза од изборот, авторот Блаже Миневски одлучил да го повлече својот роман од конкуренција затоа што според неговата логика, му било испод чест неговиот роман да биде во иста конкуренција со скрипта! Потоа и продолжил со острите напади кон редакцијата на Утрински весник и комисијата која одлучувала за наградата, обвинувајќи дека наградата е наместена. Останатото верувам на сите е познато: ,,скриптата" насловена ,,Куќата на Мазарена" е првиот добитник на наградата Роман на годината, а Блаже Миневски не ни знаеме со кој роман учествувал, а искрено, јас, ни што друго вредно напишал. Наредната 2000 година ,,Куќата на Мазарена" е објавен и на интернет, како е-книга, со дури 2000 симнувања (иако негативните коментари не стивнувале), па на CD, а подоцна и како печатено издание од страна на издавачката куќа Блесок.
Е, истиот тој роман, скрипта, книжуле, е едно вистинско ремек-дело, прекрасно четиво, интересно и чудно структурирано, со неколку наратори и подложно на толку многу толкувања што не знам дали би стигнал да набројам се на што може да ми текне. Вистински постмодернистички роман, автореференцијален, интер- и интратекстуален, со необична нарација, неколку (поточно три (или четири?)) наратори, навидум едноставен, а толку слоевит, богат, голем! Ова е роман темелник во нашата книжевност, таков од кој треба да учат многумина како се пишува. Јас сум просто опиен од сите убавини на Куќата на Мазарена. И ќе го препорачувам на кој ќе стигнам! А доколку некој има на продажба едно од оние 10 оригинално отпечатени скрипти, со задоволство би ја откупил. Цената не е важна, зашто тоа е непроценливо богатство (кажете му и на Миневски)!