Малку закаснето, ама еве некое мое видување за мечот со Чешка. Не сум прочитал уште што се сте изнапишале (многу има

)
- Претпоставувам дека ќе биде шокантно за многу од вас, но јас до некаде и сум охрабрен од мечот со Чешка. Ако објективно се гледа натпреварот од тактичко аналитички план, ние далеку ги надигравме чесите. Пример, имавме 12 повеќе шута на голот од Чешка. 12!!! Тоа е едно од 2-3 најголеми разлики на цело првенство. Чесите голот не можеа да го видат, само 33 шута вкупно имаа (што е ако не грешам, најмалку на цело првенство досега). Просто неверојатно е како воопшто го изгубивме овој натпревар. А како изгубивме? Има 2 причини и само две причини. Првата и најважна се голманите. Втората е катастрофалната реализација на пикерите.
- Кога голманите ќе ти фатат 4 топки во цел натпревар, а противникот 10 повеќе, не е возможно да победиш. Борко имал и порано мизерни настапи за репрезентацијата, но овојпат ми се чини се надмина себеси, а демек се спремаше специјално за Чешка. И Митревски комплетно се вклопи во сивилото, иако тој генерално бранеше во периодите кога и одбраната ни падна.
- За да биде полошо не можевме ни гол од пикер да дадеме, нешто што е веројатно најјаката страна на репрезентацијата, можеби поопасна и од Кире на некој начин. Пешевски, Маркоски, па можеби и Столе - нема некој кој не е виновен тука. Сите се изнапромашија. Некој да ми кажеше дека на 5тиот ден од првенството Македонија ќе има најслаба реализација на шутеви од 6 метри (тоа се главно шутеви од пикери + по некое ретко уфрлање на крила или бекови на 6 метри), немаше шанси да му верувам. Македонија реално гледано има еден од најдобрите парови на офанзивни пикери на ЕП. Просекот на шутеви од 6 метри на сите натпревари е 66%. Реално според мене за очекување е Македонија да е дури и над просекот околу 70%. Ние после два натпревари сме на 40%. Пешевски и Н.Маркоски се вкупно 1 од 6. Во 2 натпревари едно 4-5 голови имаме "продадено" само на вакви шутеви.
- Во второто полувреме падна до некаде одбраната да, и бевме да речеме просечни, но во прво одигравме најдобра одбрана што сме ја одиграле уште од времето кога Јоновски и Велко беа во топ форма во златните времиња на Металург и Миркуловски изнудуваше пробивања како од шала. Мишевски позитивно изненади, мора да добива повеќе шанси дечкото (само се надевам дека во клубот ќе игра во два правци, не ни треба нов Велко), но и некои од останатите добро си ја одработија задачата. Кузмановски, Н.Маркоски, Талески, Танкоски, па дури и Манасков имаа свои моменти во дефанзива.
- Би додал уште нешто, мислам дека имавме одлично ниво на борбеност на натпреварот. Реално залагањето беше за пример, и тука не можам да се поажалам. Само така да продолжат.
- Од друга страна за Чесите, Кашпарек уште десет пати да играме нема ни пола од тие шутеви да ги даде. Среќата едноставно не беше на наша страна од тој аспект. Со Австрија на пример, беше патетика, отворени шутеви праќаше на трибини, далеку над голот. Со нас немаше агол кој не го искина.
- Во однос на играчите би споменал неколкумина:
* Мишевски одигра одлично како преден на 5-1 одбрана. Подвижен, се враќа назад да покрие. Добро одиграно. Само да продолжи така. И да работи на офанзивниот дел од играта, за барем да можеме да го користиме во продолжена транзиција.
* Кузмановски според мене беше далеку подобар отколку со Украина, но под она што мислам дека може да го одигра. Очајно му треба минутажа како главен офанзивен играч во екипата, за да добие самодоверба во шутот. Премин во јака екипа како Магдебург повторно се покажува како фатална (само на Кире му успеал ваков трансфер). Но се чини и не оди трансформацијата во среден бек, ќе мора повеќе да го користиме како лев бек. Играта со него на среден, многу ме потсеќа на Србија од пред 6-7 години кога имаа милион јаки леви бекови, а ниеден среден, па константно разочаруваа на првенствата играјќи со тешки бекови шутери, без класичен брз плејмејкер.
* Танкоски беше одличен. Ја раздвижи и тоа како играта. Многу поопасни сме на влезови со него, што не е ни чудно, подобрен е како среден бек по веќе 2 години постепена трансформација од лев во среден. Реално во напад многу подобро функционираме со него, без разлика дали на лев би бил Талески или Кузмановски. Во една варијанта имаме поголема шутерска закана, во другата играме побрзо и повеќе на влезови. Танкоски мора да игра 40тина минути, може да игра и во два правци.
* Талески беше се на се потпросечен, крилата просек, дадоа нешто, промашија нешто...
* Кире беше Кире. Штета, што нашиот ракомет се крена во време кога Кире веќе беше во своите 30ти. Ќе беше уживање да го гледаме 2 декади по првенства.
Во однос на очекувањата со Австрија? Потајно сум оптимист. Најмногу ме плашат судиите. Некако не ми се верува дека може да се дозволи Австрија да отпадне. Но добро е што има многу реална варијанта во која и двете екипи одат натаму. Битката може да биде за "бодовите", како што ќе беше и ако ја добиевме Чешка. Реалност е дека мечот со Чешка, сам по себе и не мора е особено значаен. Ако не го сфатиле премногу при играчите срце, имаме шанси со Австријците. Австрија од аспект на игра е послаба од Чешка, но има 2 јаки поединци и квалитетни крила. Тоа потпомогнато од домашниот терен е некогаш доволно да се стигне и далеку на првенството. Билик може да биде проблематичен за чување и нема да се изненадам ако ни удри 10ка. Но Божовиќ мораме да го затвориме. Колку и да е добар шутер, сепак е екстремно еднодимензионален играч. Со нашата 5-1 и добра игра на предниот и халфот кај Божовиќ мислам дека таа страна имаме потенцијал за да ја неутрализираме. Ама ќе мора да бранат и голманите шутеви од 9-10 метри. И тука сме на болната точка. Ако брани Борко во негов стил со одбранети 2-3 зицери и го избушат со солидно покриени шутеви од надвор ништо не правиме. Мислам дека треба да брани Митревски кој е подобар голман на надворешни шутеви. Австрискиот пар голмани не е подобар од нашиот и срамота е да не надиграат во тој аспект. Ако ја добиеме битката на голманите, голем оптимист сум дека ќе ја добиеме и вкупната битка. Мислам дека имаме поквалитетна и игра и ротација од Австријците, па ако сакате и во најмала мера подеднакво квалитетен индивидуалец како Билик во Кире (реално и подобар, ама годините си се години да не претеруваме со очекувањата).
Победа од
1 разлика со над 32 постигнати гола на Македонија
2 или 3 разлика
и 4 разлика со над Австрија над 25 дадени гола
значат поминување на група со 2 бода.
Се над тоа значи минување на група без бодови. Пораз значи пакување на куферите. Реми, значи да се молиме во Украина.
Со среќа нека ни е!!!