Прегледај го приврзокот 203945
Black Panther - Ако некој филм за суперхерои некогаш требаше да добие номинација за Оскар тоа беше
The Dark Knight (2008). Ова ми е најнеомилен и најнепознат жанр, но бидејќи традиционално ги гледам сите номинирани го изгледав за да не мрчам на негледано. Black Panther е sci-fi бајка што се гледа за забава, чијашто содржина е крајно предвидлива и ќе ја заборавите месец дена по гледањето. Ништо спектакуларно, ништо што заслужи номинација за Best Picture, можеби само за ефекти и ништо повеќе. Академијата дури и сакаше да воведе посебна категорија за најпопуларен филм само за да може ова да добие Оскар, среќа што не се случи тоа, но за сметка на тоа го протна во најпопуларната категорија.
BlacKkKlansman - Спајк Ли во нова борба за обесправените црнци. Кога работите ќе се постават вака црно-бело очигледно е дека неизбежна е пропагандата. Иронијата кон стереотипите ми се допадна, но некако сме презаситени од овие филмови. Каква и да е приказната, сите личат еден на друг. Документарниот дел на крајот го засили ефектот, но премногу политика ја уништува уметноста.
Bohemian Rhapsody - Никогаш нешто особено не сум ги слушала Queen, а сепак им ги знам скоро сите песни. Не знам дали тоа зборува за нивната легендарност, но секако значи нешто. Секоја чест за кастингот. Рами Малек ги усовршил сите манири, движења и ко што би рекле Србите го „скина“ Фреди како што веројатно никој друг и не би можел. Глобусот му припадна заслужено, а за Оскарот ќе бидиме, оти Бејл е исто сериозна конкуренција. Филмот не е совршенство, некако е straight to the point, без детали и ситничарење околу приказната. Поголем дел е посветен на музиката и грандиозноста на бендот, а помалку на биографијата и човекот Фреди. Но, сепак никој не остана рамнодушен и ако ништо друго нѐ поттикна да истражуваме многу повеќе за Queen и Live Aid, а и да слушаме поквалитетна музика.
The Favourite - Лантимос го следам уште од Dogtooth (2009) и ми се допаѓа сѐ што режирал досега. И некако се навикнав на неговите weird уникатни идеи и шокантни трилери па очекував нешто слично. Овојпат во Шекспировски манир имаме игрива драма што во центарот го става ривалството меѓу две жени. Кадрите кои како да ги гледате низ округли огледала, богатата костимографија и суптилниот хумор го прават овој филм симпатично уметничко дело. Ако ништо друго, претпоставувам дека ќе му припадне Оскарот за костимографија.
Green Book - Иако е преполн со клишеа и стереотипни ситуации, Green Book е убаво возење. И буквално и метафорично. Повеќе го доживеав како feel-good Божиќен филм кој повремено се занимава со расистички предрасуди. Ако се тргне настрана предвидливоста и ако му дозволите да ве намами со убавиот пријателски однос што го развиваат Виго Мортенсен и Махершала Али ќе си овозможите добро филмско патување. Двајцата перфектни во своите улоги, имајќи предвид дека е работен според вистинска приказна хемијата меѓу актерите е и те како важна. Али во улога на префинет пијанист, а Мортенсен „сељак“ со вулгарни навики, наликуваат на современи Дон Кихот и Санчо Панса чиешто пријателство се чини невозможно, но изгледа дека поместува граници. Мортенсен има силна конкуренција, но се чини дека Али има најголема шанса во категоријата најдобар актер во споредна улога.
Roma - Рома не е филм за маркантни личности и помпезностите што ги нуди Америка, Рома е емотивен филм за обичниот народ, за обичната жена и секојдневието во Мексико во раните 70-ти. Актерката е тотален анонимус и со ова деби се прослави, а дури не знае ни англиски. Алфонсо Куарон се дал себеси во овој филм, осмислувајќи го перфектно секој кадар и вметнувајќи куп автобиографски моменти. Да, бавен е, црно-бел и навидум многу едноставен. Ама се занимава со обичниот живот реално и до болка. Кинематографијата му е можеби најсилното оружје. Не верувам дека ќе освои Оскар за Best Picture иако навивам за него. Но би требало да го победи Cold War на Павликовски во Best Foreign категоријата како негова најсилна конкуренција.
A Star is Born - Филмот трае 2 часа и 15 минути, а се чини цела вечност. Буквално ми требаа 3 дена за да го изгледам. А да не беа Купер и Лејди Гага главните фаци, не верувам дека воошто и ќе го видеше пошироката публика, а не пак да добие номинација. Непотребни сцени еден куп, раздолжен до бесвест, а ништо не се случува. Као, највозбудлив конфликт требаше да бидат пијанчењата на Купер. Не сум фан на Гага, ама не го оспорувам музичкиот талент, сепак треба да се држи подалеку од филмови и серии. Барем песните беа добри, и верувам Shallow ќе освои Best Original Song.
Vice - На letterboxd прочитав рецензија - одлични изведби, но зошто постои овој филм? И целосно се согласувам. И да го занемариме фактот што речиси и немам познавање од политиката во Америка овој филм е екстремно досаден. После саат време не ни забележав дека повеќе скролам на мобилен отколку што гледам филм. Кристијан Бејл уште еднаш импресионираше со завидна трансформација и по сѐ изгледа Оскарот годинава е негов. Ејми Адамс исто така одлична. Нарацијата и начинот на прикажување по малку ме потсетија на The Wolf of Wall Street (2013), но ни тоа не успеа доволно да ми го задржи вниманието. Навистина непотребен филм.