Во врска со некој претходни постови и прашања за мотивите, ќе ви раскажам една вистинита случка од Скопје, од пред не знам колку години, која можеби нема ама најверојатно има многу врска со берзата. Настанот го знам од трета рака, така да ќе ми простите за непрецизностите.
Имено во Скопје се појавува одредена фирма, со непознати сопственици, изнајмува магацински простор и канцеларии, вработува секретарка и магацински работници и го полни магацинот со вреќи со некоја непозната прашкаста материја (ќе ја наречеме „брашно“).
Фирмата бара надворешни соработници(кооперанти). Нивната задача е од брашното да прават „топчиња“, кој потоа пак ќе ги донесат назад во фирмата на откуп. За таа цел на кооперантите им продава од брашното по 100 евра вреќа, а изработените топчиња ги откупува по 150.
Наоѓа неколкумина. Соработниците откупуваат брашно, прават топчиња и ги носат назад на откуп. Сето тоа за ќар од 50 евра по вреќа за нивниот труд. За сега се е фер и како што треба. Работата е досадна но прилично лесна. А и парите се добри. За да си ја мултиплицираат заработката кооперантите си ги ангажираат и жените и децата. Некој од нив и се откажуваат од својата стална работа за да имаат повеќе време да прават топчиња. Гласот за лесна заработка се шири. Кооперанти се све повеќе и повеќе. Се прават топчиња, пари течат, бизнисот цвета.
Но доаѓа до првата криза. Веќе две недели има недостиг на репроматеријал односно брашно. Кооперантите се загрижени. Бизнисот им стои. Секојдневно и се јавуваат на секретарката и прашуваат кога ќе пристигне новата пратка брашно. Најпогодени се оние што се откажале од своето работно место за да целодневно се посветат на правење топчиња.
Најпосле спас! Пратката со брашно пристигна. Кооперантите навалуваат на брашното како гладни волци. Покурназите прават залихи од брашното за да ги амортизираат губитоците при евентуален повторен недостиг. Парата повторно тече, а бизнисот цвета. Гласот за лесна пара се шири и се повеќе луѓе се нафаќаат да прават топчиња.
Но, повторно доаѓа до застој во снабдувањето со репроматеријалот. Кооперанти се многу, некои прават залихи откупувајќи големи количини, и бргу снемува од брашното. Повторно криза. Но сега дел од кооперантите кој направиле залиха спремно ја дочекуваат. Бизнисот и понатаму им врви, додека оние без направена залиха се во застој. Пцујат што не биле похрабри и не вложиле повеќе пари во репроматеријалот.
Кризата не трае долго. Стигнуваат нови рекордни количини брашно. Кооперантите навалуваат како луди. Не прашуваат за цена. Поучени, сите прават голема залиха од брашното. Одат среќни дома и прават топчиња заедно со својте семејства.
НО......наредниот пат кога ги носат топчињата на откуп наоѓаат испразнети канцеларии, збунета секретарка и отклучен магацин, полн со никому потребни топчиња. За утеха им остануваат енормните залихи брашно на кое сега не знаат што да му прават.