Да направиме една „анализа“ на тоа како изгледа тимот во моментов, кој играч до кога има договор и кои се дефицитарните позиции (ако воопшто има такви).
Голмани: Штербик (2018) /
Милиќ (2019) - Голманската позиција е одлично покриена барем во нареднава сезона. Штербик бранеше топло-ладно на почетокот на оваа, меѓутоа како течеше сезоната се враќаше на она негово препознатливо ниво. Страхиња покажа добри партии иако генерално е неконстантен како голман. Но, сепак е втора опција покрај Арпад и доколку биде прва тоа можеби би се променило. Физичките предиспозиции ги има и плус е млад. По заминувањето на Диви моја желба е да му се даде шанса на Ѓорѓески или Ивановски особено на мечевите од домашното првенство и СЕХА.
Леви крила: Дибиров (2020) /
Недановски (немам информации околу неговиот договор) - За Тимур нема потреба да зборувам, тешко дека Вардар ќе има играч од негова класа некогаш во иднина исто како и Арпад. Недановски е океј како негова замена, меѓутоа кога и онака на прсти се бројат утакмиците каде што Тимур не игра 60 минути, многу подобро би било на негово место да дојде Иван Димитровски. Сум имал прилика да го гледам неколку пати и мислам дека во детето има потенцијал. Добра висина за крило, брзина и само 19 години.
Десни крила: Чупиќ (2019) /
Шишкарев (2018) - Одлична покриеност. Според мене оваа позиција беше најконстантна во Вардар сезонава. Особено сум изненаден од Шишкарев бидејќи многу го пцуев претходната сезона

, оваа сезона е драстично подобрен. Чудно ми е што му дадоа нов договор само на една сезона, можеби се прави простор полека за Поповски?
Леви бекови: Абутовиќ (2020) /
Кањељас (2019) /
Борозан (2021) - Илија си е дефанзивец страшен и нема што да се дискутира. За Вуко бев голем скептик, но се покажа како добар трансфер со тоа што има сеуште простор за напредок и очекувам уште подобри партии од него во иднина. Жоан се покажа како многу корисен иако очекував повеќе од него во напад, во одбрана се покажува добро, а има моменти и кога знае да „распуца“. Плус, покрива и на среден.
Десни бекови: Македа (2019) /
Криштопанс (2020) - Останува да видиме што ќе покаже Даинис. Јас лично мислам дека добро ќе се снајде, дека има многу потенцијал како играч и дека ќе расте дополнително во средина како Вардар. Македа си е океј, со тоа што клубот треба да биде константно со ширум отворени очи кога станува збор за оваа позиција како најдефицитарна во светот на ракометот.
Средни бекови: Kaрачиќ (2019) /
Циндриќ (2018) /
Војводиќ (2019) - Војводиќ за мене е непозната. Освен таа полусезона во Металург што ја одигра не сум имал прилика да го гледам. Во тие неколку утакмици на Металург делуваше добро, меѓутоа тоа не мора ништо да значи. Се надевам дека Раул си има причини зошто го одбрал баш него, особено што на пазарот има доста добри, млади и веќе афирмирани средни бекови. Карачиќ и Циндриќ си се феноменални, Карачиќ добро ја покрива и левата бековска позиција по потреба.
Пикери: Стоилов (2018) /
Фереира (2019) /
Марсениќ (2018) - Столе одигра доста добра сезона, со оглед на тоа што дели минутажа со уште двајца играчи. Марсениќ беше тешко дрво претходната сезона (а, тоа што тука беше и Тоскиќ во никој случај не му ја олеснуваше работата), но сезонава доста напредна и во одбрана и во напад. Фереира е за мене најпозитивното откритите. Гледајќи го минатата сезона на тие неколку утакмици што ги одигра за Кил мислев дека станува збор за промашена инвестиција, но дечкото е на добар пат да стане опција број 1 во Вардар на неговата позиција. Морам да кажам дека не сум фан на овој нов тренд во ракометов кога станува збор за пикерската позиција. Тешко подвижни, два метарски и над пикери али тоа е друга тема.
Сума сумарум тимот е генерално добро покриен на сите позиции, останува да се работи и да се тренира. Освен погоре набројаните не знам дали некое дете од Вардар Јуниор или Вардар 2 би можело и би требало да добие шанса во првиот тим. Доколку има некој кој е подобро запознаен со работата во тие младински категории слободно нека каже баш сум заинтересиран.