По одличниот прием од публиката и критиката, и стоечките овации по премиерата во Кан, еден од најочекуваните анимирани филмови годинава ми беше француско-белгиската копродукција La tortue rouge/The Red Turtle, режирана од Холанѓанец и со огромен придонес од јапонски аниме уметници. Хајпот - целосно оправдан, иако бев изненаден што не изгледав ни трошка од тоа што го очекував, а очекував аниме-like анимиран филм со сличен наратив како јапонските аниме филмови и многу магичен реализам. Всушност, станува збор за прекраток (80 минути) анимиран филм, со минималистички пристап и во поглед на анимацијата, но и во поглед на приказната, за филм кој и не раскажува приказна туку прикажува состојба, односно - низа состојби, кој е алегориски и метафорички приказ за животот, смртта, за животните одлуки, за загубата, за осаменоста, за тоа како сами си го креираме квалитетот на животот и за многу други „нешта“ кои ги исполнуваат животите на луѓето. И сето ова прикажано само со слики и музика, без ниту еден изговорен збор! Ова е филм кој не претендира да ве насмее или расплаче, а уште помалку филм кој ќе ви раскаже приказна, туку филм кој има за цел да ве замисли и да ве натера да размислувате за многу нешта. Исто така, ова е филм кој ќе треба доста напор за да го издржите, и ако успеете во тоа, дефинитивно ќе го сакате. Значи hate it or love it филмско искуство. Се прашувам само дали овој поетски приказ на состојби и универзални вистини може да им ги замрси сметките на холивудските блокбастери на Дизни, Пиксар, Илуминејшн, Дримворкс, Сони, па и Лаика, и да го освои вториот Оскар за студио Ghibli, по цели 13 години. Ако му успее тоа, тогаш сепак ќе биде првиот ваков, зошто дефинитивно е многу поразличен и од првиот оскаровец на Ghibli - Spirited Away на Хајао Мијазаки.
Препорачувам за сите оние кои сакаат експериментални и несекојдневни филмови. Звучи клише, но дефинитивно е така: не е за секого!
Препорачувам за сите оние кои сакаат експериментални и несекојдневни филмови. Звучи клише, но дефинитивно е така: не е за секого!
Последно уредено:









