the_kop
Модератор
- Член од
- 14 јануари 2011
- Мислења
- 10.432
- Поени од реакции
- 13.558

IT'S HAPPY HOUR AGAIN!!!
За точно 18 дена, започнува нова Премиер Лигашка сезона. 9 месеци исполнети со возбуда, нервоза, радост, тага, 9 месеци исполнети со Премиер Лигашки фудбал. Нема подобар викенд од тој во кој има Премиер Лига. До овој момент, сеуште не се знае дали некоја програма на Балканот ќе емитува Премиер Лига, или ќе гледаме на стримови.
Новата сезона ја отвараат екипите на Хал и шампионот од претходната сезона, Лестер Сити на 13ти август во 13:45 часот, а 6 дена претходно се игра Комјунити Шилд натпреварот, меѓу Лестер и Манчестер Јунајтед. Дербито на првото коло ќе се одигра на Емирати каде силите ќе ги одмерат Арсенал со ново компонираната екипа на Ливерпул на чело со Јирген Клоп.
Сезоната ќе трае 9 месеци и ќе заврши на 21ви мај 2017 година. Како и секогаш во лигата се натпреваруваат 20 екипи, од кои 19 се од Англиско тло а Свонси е единствената екипа која е вон границите на Англија и се играат вкупно 38 кола. Ланската сезона лигата ја напуштија Астон Вила, Норич и Њукасл а нивните места ги завзедоа Барнли, Мидлзборо и Хал.

Минатата сезона бевме сведоци на едно од најголемите фудбалски изненадувања во историјата на спортот. На општо изненадување, Лестер Сити беше најдобриот тим во сезоната и потполно заслужено беше крунисан како шампион на Англија. За нив оваа сезона ќе биде пеколно тешка. Раниери доведе неколку засилувања, но и го загубија Канте кој потпиша за Челзи. Следната сезона ќе играат и во Лига на Шампиони, па баш ќе биде интересно што може да направи Лестер во оваа сезона. Од друга страна пак, конкурентите на Лестер донесоа во своите редови врвни менаџери. Одиме по ред.
Сити го донесе Гвардиола, пред кој следи можеби најголемиот предизвик како менаџер, да го направи со Сити она што го направи со Баерн и Барса. Ќе му биде пеколно тешко, бидејќи ни Сити го има квалитетот на ростерот како тие со кои располагаше Пеп во Баерн и Барса, а и квалитетот/интензитетот со кој се игра во Премиер Лига не е ни близу во споредба со споменатите две. Засега Пеп ги донесе Гундоган (Дортмунд) и Нолито (Селта). Јунајтед го ангажираше Мурињо кој уште од старт знаеше дека на Јунајтед му треба свежа крв, па не штедеше пари, донесувајќи ги Микитарјан (Дортмунд), Бејли (Виљареал) и Ибрахимович. И кај него притисокот ќе биде огромен, бидејќи трпението кај навивачите на Јунајтед низ годиниве се намалува и од Мурињо ќе очекуваат брзи резултати. Конте ќе се обиде да го врати Челзи на врвот, после катастрофалната сезона. Бачуаи и Канте се играчите кои треба да носат Челзи кон нови успеси. Ливерпул со Јирген Клоп и со повторно новозименет тим, ќе направи обид да се протне во првите 4 екипи во оваа пеколно тешка конкуренција. Мислењата на навивачите на Ливерпул се измешани, некои велат дека ова се "Роџерс засилувања" а други пак тврдат дека "Клоп знае што прави." Кој и колку бил во право ќе дознаеме во следниот период. Нормално, не смее да се заборави на Тотенхем, кој лани само заради катастрофалниот финиш на сезоната не успеа да ја освои Премиер Лигата. Тука ќе е и Евертон, со нов газда и менаџер, кој низ годините ќе треба да созрее во уште посериозен тим. На дното, освен новајлиите, сметам дека грчевита борба за опстанок ги чека и екипите на Борнмут и Свонси.
Нормално, премногу е тешко да прогнозираш било што во една вака изедначена лига. Прогнози, кладби, првокации, издржани и неиздржани мислења ќе има многу на темава во следните 9 месеци. За нецели три недели ќе започне уште едно Премиер лудило кое едвај чекам да почне.
Од прилика тоа би било тоа кога воведот е во прашање. Да се надеваме дека ќе гледаме атрактивни натпревари, потркепени со прекрасна атмосфера на трибините и нормално, нека победи најдобриот!