Кои се функционерите кои нема да плаќаат придонеси за хонорарите?
Мери Јордановска Призма
Живко Митревски, претседател на ССМ, Ирена Мишева, претседателката на Советот на град Скопје, претседателот на комисијата за дискриминација Душко Миновски и портпаролите на Централниот регистар и Министерството за финансии се само дел од оние што нема да плаќаат придонеси на хонорарите за членство во одбори
Митревски освен што е претседател на ССМ, воедно е и член на Управниот одбор (УО) во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување | Фото: ССМ
Живко Митревски, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, е само еден од оние кои нема да бидат засегнати од плаќањето придонеси за секој хонорар што му легнува на сметка. Митревски освен што е претседател на ССМ, воедно е и член на Управниот одбор (УО) во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Измените за задолжително социјално и здравствено осигурување на лицата на кои им се исплаќа хонорар, кој почнува да важи од 1 јануари 2015 година, не се однесува на функционерите и на оние кои членуваат во управните и надзорните одбори на претпријатијата со државен капитал. А такви се многу.
Ако се погледне списокот на функционери објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата се гледа дека околу 300 лица членуваат во управни и надзорни одбори и за тоа земаат хонорари од 23.000 до 93.000 денари.
Овие лица нема да плаќаат придонеси за хонорарите што ги земаат (освен персоналниот данок од 10 отсто), за разлика од останатите граѓани кои доколку земаат дополнителни приходи над износот на минималната плата од 9.590 денари, ќе мора да плаќаат над 35 отсто за пензиско и здравствено осигурување.
На листата на членови на Управни и надзорни одбори можат да се видат многу јавни личности кои нема да бидат засегнати од новите законски измени.
Душко Миновски е претседател на Комисијата за дискриминација и советник во Министерството за труд и социјална политика. Тој од работното места добива плата со платени придонеси, а од комисијата зема хонорар, за кој нема да треба да плаќа дополнителни придонеси, за разлика од останатите граѓани кои не се избрани или именувани функционери.
„Ако треба да плаќам, ќе плаќам, не е тоа проблем. Но, не сум баш запознаен со овие измени. Како и да е, концептот на дискриминација е спрецифичен. Не секоја неправда значи и дискриминација. Сето ова влегува во контекстот на афирмативни мерки кои се во интерес на граѓаните. Точно е дека има чувство на нееднаквост, но станува збор за мала група граѓани кои се изземени, а целта на законските измени е сосема друга“, изјави Миновски за БИРН.
На листата се наоѓа и Ивана Билбиловска, портпаролка во Министерството за финансиии која воедно е и член на УО на Фондот за осигурување депозити.
Тука е и Емил Јакимовски (Гусар) од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кој работи во Централниот регистар на Македонија, а воедно е и член на УО на Државниот студентски дом „Пелагонија“, со што влегува во списокот функционери кои се изземени од плаќање дополнителни давачки за примените хонорари.