Војводина (12:10) 21:26 Вардар
Војводина: Тодоровиќ (14 одбрани), Арсениќ, Кукобат, Живковиќ 3, Обрадовиќ 2, Канкараш, Тодоровиќ 4, Елезовиќ 2, Перовиќ, Вељковиќ, Марјановиќ 2, Ранисавлевиќ, Лазовиќ, Николиќ 1, Станковиќ, Ивановиќ 2, Датукашвили 5.
Вардар: Ангелов (6 одбрани), Штербик (4 одбрани), Стоилов 2, Лацковиќ 4, Брумен 6, Прибак, Терзиќ, Марковиќ 2, Карачиќ 1, Душебаев 4, Абутовиќ, Растворцев, Дибиров 4, Горбок 1, Шишкарев 1, Чипурин 1.
Тренерот Раул Гонзалез ја распредели минутажата на сите ракометари, давајќи им можност да ги искористат своите „пет минути“. Некои ги искористија успешно, некои ќе треба уште да се подобруваат. Тимот се уште е во фаза на воигрување, има добри и лоши моменти, а целта на тренерот е да може да очекува добра игра од секој ракометар.
Деби во дресот на Вардар имаше и Даниел Шишкарев, десното крило од Русија кој поради болест пропушти дел од подготовките и го немаше на турнирите во Струга и во Кањижа.
Првиот гол во СЕХА лигата оваа сезона за екипата на Вардар беше дело на ново засилување Блаженко Лацковиќ, за водство од 1:0. Домаќините преку Николиќ израмнија на 1:1, а потоа со головите на Брумен, Лацковиќ, Дибиров и Чипурин, нашата екипа направи серија од 5:0, за водство од 6:1 што беше и најголема предност за Вардар во првото полувреме. Но, домаќините возвратија на ист начин по што резултатот беше израмнет, а со головите на Тодоровиќ, Орбовиќ и Живковиќ, Војводина стигна до првото водство на мечот со 9:7. Вардар успеа да го израмни резултатот на 10:10, со првиот погодок на Шишкарев во 27 минута, но домашната екипа со мини серија од 2:0, ја врати предноста од два гола.
На почетокот од второто полувреме Војводина ја имаше најголемата предност на мечот, 13:10, со голот на Датукашвили во 32 мин. Но, од тој момент вардарци ја презедоа контролата врз играта и со одличната серија до 7:0, со погодоците на Душебаев, Брумен, Лацковиќ и Карачиќ, повторно стигнаа до предност од четири гола. Како одминуваше времето во вторите 30 минути, така се зголемуваше и позитивата на Вардар, која во 51 минута, со голот на Стоилов стигна и до највисоките седум гола. Но во тие моменти се разигра голманот на Војводина Тодоровиќ, кој со шест одбрани во следните 4 минути му овозможи на својот тим да дојде до четири гола негатива, 24:20, но Стоилов, по асистенција на Прибак постигна прекрасен гол, и повторно го врати водството од пет гола. До крајот на мечот беше постигнат по еден погодок на двете страни, со што беа поставени конечните 26:21.
Следен предизвик за Вардар е дуелот со Металург следниот викенд во Кале.