Во последно време сум прилично уморен и успорен за се`, па и за гледање филмови (па уште документарни
![Јазиче :P :P](/styles/default/xenforo/smilies/tongue.png)
), но решив да одвојам над 2,5 часа за
The Act of Killing. И не згрешив.
Човечката природа е фасцинантна. Којзнае каде ќе не одведе нашата зачудувачка (р)еволуција - на пример, веќе не одведе на месечината. Развивме високи технологии, филозофски системи, измисливме куп болести и лекови за нив.
Со крупни чекори грабаме напред. Напред, назад, лево-десно, секаде каде што има нешто за грабање. Толку напреднавме во грабежливоста од секаков тип, што нема животно кое нема да ни позавиди...
Во 1965 година, во една далечна и егзотична земја, позната како Индонезија имало државен удар потпомогнат од Западот. Дошло до прогонување и убивање на комунисти и левичари. Главно го кркале Кинезите, а во тој не баш долг период настрадале околу 1 милион луѓе. Трагично, секако, но ништо што веќе не се случило, не се случува или нема да се случи во иднина.
Она што се нуди во филмов е увид во тогашните настани доловен од учесници во убиствената кампања. Тоа се денес главно симпатични старци, очигледно добро ситуирани, познати и влијателни луѓе во својата татковина кои немаат од што да се срамат. Победници. Па затоа не кријат ништо и се расположени на разни начини да покажат што и како правеле тогаш. Наедно, филмот е и увид во сегашната состојба во Индонезија, пред се` кога станува збор за општествено-политичките состојби. Не остава простор за нагаѓање кој владее таму и на каков начин. Таму не е срам да си гангстер, напротив, луѓето отворено и гордо си признаваат.
Низ дружбата со овие на прв поглед едноставни луѓе, (љубители на филмови и во некоја порана фаза од животот продавачи на диво на билети за кино, вообичаени лица кои можете да ги сретнете секаде), имаме можност од прва рака да видиме како функционира изопачениот ум, што го мотивира, и тоа на еден мошне спонтан начин, без осуда од преплашената и/или лоботомизираната средина.
Мошне бизарен и ужасен документарец, потсетник дека реалноста е поморничава од какви било филмови и книги.
Не верувам дека има македонски превод за филмов (ни српски/хрватски кога сме кај тоа), но јазикот е толку елементарен што англискиот превод е сосем доволен, ако имате основни познавања од англиски. „Актерите“ не заобиколуваат- јасни се.