Тоа ми беше и мене поентата во претходниот пост. Старк vs. Ланистер овие три сезони не означуваше само борба за престолот помеѓу Роб и Тајвин, туку беше еден цел концепт, централен во серијата. Старк vs. Ланистер беше главната идеја околу која се вртеа сите други приказни (Калиси е како посебна серија, а Волкерите позади ѕидот чекаат да дојде зимата). Неславната смрт на идејата е исто толку страшна колку и неславната смрт на неколкуте главни ликови, ако не и пострашна. Сега на нам, нечитачите, ни се чини дека нема ништо кое ќе ја пополни празнината на местото каде се наоѓаше главниот концепт. Најверојатно не е така бидејќи серијата ќе тера уште минимум четири сезони, ама немам врска што следува понатаму.
На Роб и јас му го предвидував крајот, иако не на ваков начин, но мислев дека Кејтлин ќе се извлече и дека ќе продожи да ја води битката во името на Кралот на Северот. Кога Талиса кажа дека е бремена си помислив дека ако не Кејтлин, тогаш таа ќе спаси глава. Така шокот би бил сличен, но натегањата помеѓу „добрите“ и „лошите“ би продолжиле. Црвената свадба означува крај на кој повеќето не беа спремни сега, кога серијата не е стигната ниту до пола од предвиденото времетраење. Во универзумот на GoT Црвената свадба значи крај за Северот во формата која ја следиме уште од првата епизода, крај на борбата за независност и бунтот против неправдата, и немоќ за одмазда во скоро време. Што би рекле Американците: game changer.
Кога сме кај „добрите“ и „лошите“ ликови, одамна е јасно дека GoT не е црно-бел свет, туку сив. Сепак, и сивата боја има различни нијанси, па така некои ликови се потемно сиви, некои посветло. Не може сите ликови да се исти и тоа е јасно. Барем во моментов. Нормално, понатаму некои ликови ќе се менуваат, можеби и Фреј ќе се превори во Мајка Тереза, но сега тој е чудовиште од рангот на Џофри. Финтата е што потемно-сивите ликови моментално слават. На Болтон му се смешка шансата да стане владетел на Северот, Тајвин може да ужива бидејќи сите коцки му се поклопија совршено, а Литлфингер го користи хаосот со кој се искачува се` повисоко.
Во меѓувреме, светло-сивите ликови едвај преживуваат. Еве и да не ги спомнувам Роб и Кејтлин. Ќе ја земам Арија, која постојано скока од еден заробувач до друг и на која и` се случија најгадните работи. Се насетува дека овие работи ќе направат цврста личност од неа и дека ќе бара одмазда кога-тогаш, ама цената што ја плаќа е висока бидејќи остана сирак. Друго, Бриен, верна, чесна и пожртвувана, беше приморана да се бори со мечка, дотерана како за на свадба. Давос скапа некое време во занданите на Станис. Tegla го спомна Џејми, претходно омразен лик, кој мораше да ги заслужи симпатиите на публиката со тоа што ја спаси Бриен од силување и смрт. Поради тоа го наградија со сечење на десната рака. Исто, на Теон вистинското мачење започна откако тој се покаја за злосторствата, и затоа пак него го наградија со кастрација. Измачувањата на Џејми и Теон не се настанати како резултат на некоја си вестеровска правда затоа што едниот направи инвалид од Брен, а другиот направи пепел од сираците во Винтерфел, туку како резултат на тоа што покажале човечност. Дали им е заслужено или не, е веќе друг муабет.
Ова го зборувам не за да се жалам од серијата, напротив, нема простор за таква работа, туку да потенцирам зошто некои гледачи имаат впечаток дека лоши работи се случуваат на луѓе кои прават добри дела. Јасно, и мене ми се омилени некои ликови кои до сега се покажале како гадови, но сепак ја сфаќам разликата помеѓу спротивставените страни. Омиленоста на некој лик зависи од многу фактори, а не само од тоа дали тој лик им викал на комшиите 'Добар ден' секое сабајле. Тајвин ми е појак лик од Сноу, но тоа не значи дека сакам да видам како некој му организира свадба на копилето.